1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Размерите на трагедијата во тетовската болница

9 септември 2021

Досега е потврдена смртта на 14 луѓе во пожарот кој во средата до темел го изгоре ковид-центарот во тетовската болница. Уште 12 луѓе се повредени. Надлежните ги истражуваат причините за трагедијата.

https://p.dw.com/p/406k3

Ковид-центарот во Тетово по катастрофалниот пожар

Издадени се наредби за обдукција и идентификување на телата на починатите во пожарот, додека се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал, соопшти Основното јавно обвинителство. 

Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

„До раните утрински часови, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот. Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан“, соопшти ОЈО. 

Северна Македонија Тетово Пожар
Модуларната болница е целосно уништена по пожаротФотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Од Министерството за здравство информираат дека во ковид центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност. „Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди. Министерството за здравство изразува сочувство до семејствата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа, велат од Министерството. 

Северна Македонија Тетово Пожар
Вкупно 26 пациенти биле во болницата во моментот на несреќата. Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Тридневна жалост во Тетово 

Градоначалничката Теута Арифи утрово, по состанокот на Кризниот штаб, соопшти дека во градот е прогласена тридневна жалост. Таа соопшти дека преживеаните 12 пациенти се во стабилна состојба и вети итна помош за семејствата на настраданите. И Црвениот крст соопшти дека во знак на солидарност и хуман гест, на семејствата на загинатите во пожарот во ковид-центарот во Тетово ќе им додели еднократна парична помош во висина од 30.000 денари.