„Размената на територии е реална опција“
4 септември 2018ДВ: Тачи и Вучиќ планираат размена на територии. Вашингтон не се противи на оваа идеја. По нејзиниот телефонски разговор со Доналд Трамп, канцеларката Меркел не беше толку јасна во нејзината изјава, како претходно. Исто така, министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас рече дека не е добра идеја да се променат границите. Ова повеќе звучи како совет отколку како отфрлање. Дали Германија сега ја ублажува својата позиција во врска со балканските граници?
Милан Нич: Не би се обидувал да гледам во говорот на телото и во нијансите. Позицијата на Берлин е многу јасна. Германија е конзистентна по ова прашање, многу строга и многу гласна: прво, зад затворени врати за време на состаноците на канцеларката Меркел тука во Берлин со претседателот Вучиќ и претседателот Тачи. И подоцна босанскиот премиер. Прашањето беше дискутирано и со Пленковиќ. И можеби Меркел не сакаше да дотури повеќе масло во огнот со друга изјава и да ја зголеми дискусијата. Значи, јас не гледам какви било промени или поместувања во германската позиција. Има други играчи кои се менуваат.
Кои?
Па, дефинитивно Вашингтон. Изјавата на Џон Болтон за мене е знак дека тие се подготвени да размислат за нови работи, бидејќи тие повеќе не се толку заинтересирани. И тие не ја сметаат американската улога и лидерство за ова прашање како нешто што тие сакаат да го продолжат. Ова е проблем оставен на Европејците. Берлин, исто така, е многу незадоволен поради улогата која еврокомесарот Хан, високата претставничка Могерини и австриското претседателство ја играа во изминативе денови, кога ги охрабрија Србите и косовските водачи да одат по овој пат. Тие изјавија дека историскиот договор е поважен од деталите. А ова не беше договорена позиција на ЕУ. Тие се движат по австриската линија, а не по линијата на претседателството. Тие придонесоа за одреден дипломатски моментум, зад иницијативите што потекнуваа од Белград, но тие играа соло.
Зошто Тачи и Вучиќ излегоа со предлогот за промена на границите?
Па, тоа е друга приказна. Се сеќавам кога претседателот Тачи го посети Берлин и беше гостин во ДГАП. Притоа јас бев водител на тркалезна маса на која учествуваа тој и амбасадорот Ишингер, и го доведов до таму да каже дека исклучува промени на границите. Тоа беше добро да се слушне јавно, но работите се менуваат и не можам да кажам зошто. На српската страна би рекол дека ова отсекогаш беше добредојдена опција за некои, уште од 1999 година, а сега претседателот Вучиќ вели дека треба да има нешто за своите гласачи ако го признае Косово а тоа значи дека сака некоја територија.
Повеќе на темата:
-Нова поделба на границите на Балканот- лоша идеја
-„Берлин цврсто против размена на територии“
Дали е ова реална опција?
Реална е, ако локалните лидери се решени да притиснат а клучните надворешни играчи, големите сили и главните дипломатски сили го дозволат тоа. Но малку сум загрижен дека ова не е крајот на приказната.
Какви ќе бидат последиците?
Не станува збор само за таа корекција на границите. Мислам дека ова е многу сложен проблем. Мислам дека е илузија да се мисли дека може да имате многу мала контролирана размена на територии. разбирливо е зошто е многу атрактивно и привлечно во овој мал дел од Балканот, ако зборувате за Северно Косово и за Прешево, но тоа нема да заврши тука. Тоа е чекор назад кон поделба која нема да заврши во Митровица. Ќе почне во Митровица и следниот ден ќе има голема поделба во Босна, а можеби и во Македонија. А загриженоста што ја слушам се однесува и на паралелните дилови и договори меѓу Приштина и Тирана: со други зборови, во долгорочна перспектива, оваа етнички заснована размена на територии се смета за чекор напред кон голема Албанија.