1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јазикот е клучен за наоѓање работа

20 декември 2018

Речиси 400 илјади бегалци кои од 2015 година дојдоа во Германија, во меѓувреме добија работно или место за занаетчиска обука. Тие знаат што е клучно за успех на пазарот на труд во Германија.

https://p.dw.com/p/3AQbk
Deutschland Bonn Bad Godesberg Ausbildung syrischer Flüchtlinge
Фотографија: DW/O. Pieper

Махмуд ал Хомси имал сосема поинакви планови во животот. 29-годишниот Сириец сакал да биде просветен работник. Во Дамаск студирал француска книжевност, кога избувнала војната. Ал Хомси, муслиман, сунит, требало да се бори на страната на трупите на Башар ал-Асад. Тој не сакалви решил да избега од земјата. Преку Турција и Балканската рута - Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Австрија, пристигнал во Германија. На крајот на 2015 година дошол во Бон. Ал Хомси добил дозвола за престој, а потоа во Германија дошла и неговата сопруга. Набргу потоа, меѓутоа, сфатил дека неговиот сон нема да се оствари. „Ќе морав да студирам од почеток. За тоа немам време“, вели Ал Хомси.

Наместо тоа, тој ја разгледал брошурата на Сојузната агенција за вработување (БфА) во која се наведени можности за учење занат. И се одлучил да учи за оптичар. Од 1. август тој е на обука во една оптичарска продавница во бонската населба Бад Годезберг. Ал Хомси е многу среќен: „Тоа е повеќестрана работа со многу добри изгледи за иднина. Можам истовремено и да работам во продавницата и да ги опслужувам муштериите. Оваа обука за мене е перфектна“

Deutschland Bonn Bad Godesberg Ausbildung syrischer Flüchtlinge
Фотографија: DW/O. Pieper

Успешна борба со бирократијата

Махмуд Ал Хомси денес не би бил толку воодушевен од новата перспектива, доколку пред три години оптичарката Ула Фасбендер не беше толку упорна. Таа во 2016 година започна борба против германската бирократија за да постигне еден друг Сириец да добие дозвола да учи занает во нејзината продавница.

Долгогодишната борба заврши во нејзина полза. Оваа оптичарска продавница во изминатите 12 години обучила 20-тина девојки и момчиња, а минатата година од Занаетчиската комора во Келн доби награда за висок социјален ангажман. Признание за извонредната поддршка на младите луѓе годинава стигна и од Сојузната агенција за вработување. „Кога пред неколку недели ја примив наградата, раскажав сѐ за тоа како се одвиваа работите во 2016 година и претставниците на агенцијата тогаш се сетија: Ах, да тоа бевте Вие!“ 

Бегалците можат да го решат проблемот со недостатокот на стручни кадри

Ангажманот на Ула Фасбендер со младите Сиријци не е бескорисен: „Овде, во Бад Годезберг, имаме многу сограѓани со арапско потекло. Тие сега имаат личност со која можат да разговараат. На тој начин и јас добивам клиенти“. Ула Фасбендер се жали дека на германскиот пазар на труд стана многу тешко да се убедат младите луѓе да се обучуваат за оптичарскиот занает. „Со месеци бараме квалифицирани работници и лица кои се заинтересирани за учење занает. Можеби многумина се плашат од работното време, бидејќи продавницата е отворена и во сабота“.

За Махмуд Ал Хомси тоа не е проблем. „Како помошник работев и во столарската продавница на брат ми. Оттаму носам многу нешта што се поврзани со занаетот“. Меѓутоа, освен точноста и сигурноста, она што му е потребно да застане на нозе во Германија е и германскиот јазик. Ал Хомси го положил тестот за петтиот од вкупно шест степени. Тоа не му е доволно. И натаму грижливо го учи јазикот. „Мора да се совлада германскиот јазик. Тоа е она поради кое не успеваат многу бегалци. Но јазикот овде е клуч за сѐ“.