1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин се одмаздува за американските санкции

ЕМФ /агенции
31 јули 2017

Русија на најавените нови американски санкции одговара со одлука за откажување на гостопримството за 755 американски дипломати во земјата. Путин изјави дека нема надеж за скорешно подобрување на односите со САД.

https://p.dw.com/p/2hQUU
President Putin takes part in Navy Day celebrations Russland Präsident Vladimir Putin
Фотографија: Picture-Alliance/dpa/A. Nikolskyi/Sputnik

Русија побара од 755 американски дипломати и друг персонал во дипломатските претставништва на САД да ја напуштат земјата. Одлуката доаѓа по најавата за нови американски санкции против Москва. Американските претставници мора „да запрат со својата активност во Русија“ и да ја напуштат земјата, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за телевизијата Росија 24. Нејасно е колкумина од 755-те лица кои треба да ја напушат Русија се дипломати и дали тука се вбројуваат и членови на нивните семејства.

Руското министерство за надворешни работи уште во петокот најави дека персоналот во американската амбасада и конзулатите во Русија до септември мора да се намали на 455 лица, што е еднакво на бројот на руски дипломати на САД. Путин во интервјуто прецизираше дека во дипломатските претставништва на САД во Русија во моментов работат „повеќе од илјада луѓе“. Тука се вбројуваат и американски и руски соработници. Претседателот најави дека очекува тешка фаза во односите со САД и не смета со нивно брзо подобрување. „Долго чекавме и се надевавме дека ситуацијата ќе се промени на подобро“, рече Путин, додавајќи дека тоа не треба да се очекува „во брзо време“.

Amerikanische Botschaft in Moskau Russland
Амбасадата на САД во МоскваФотографија: picture-alliance/dpa/I. Sekretarev

САД жалат за одлуката

Минатата недела американскиот Сенат изгласа нови санкции против Русија како одговор на анексијата на Крим и руските хакерски напади во текот на кампањата во САД минатата година. Сега американската влада реагира воздржано на најавите на Путин. „Жалиме поради неоправданата постапка“, изјави претставник на американското Министерство за надворешни работи. Од Белата куќа сѐ уште нема реакција.

Пред крајот на минатата година, во време на мандатот на Барак Обама, 35 руски дипломати мораа да ги напуштат САД како резулат на американски санкции воведени поради руските хакерски напади во текот на американските избори. Рускиот претседател Владимир Путин тогаш не реагираше со иста мерка.