Путин како добра вила
31 октомври 2013Зелени палми долж километарските плажи директно пред вратите на Сочи, на југот на Русија. Градот кој се ноѓа на брегот на Црното море е едно од најомилените одморалишта во Русија. Тука живеат околу 400.000 луѓе кои градот го сакаат пред сѐ заради неговата блага клима. Налето термометарот достигнува максимум 28 степени, а назима живата во термометарот ретко се спуште под три степени Целзиусови. Сепак, овде за 100 дена ќе се одржат Зимските олимписки игри.
Снег од силоси
И покрај суптропската клима во регионот, рускиот претседател Владимир Путин на шефот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах му вети „бели игри“. Путин и Бах се сретнаа првпат оваа недела за да ја пуштат во употреба новата железничка станица во Сочи. Доколку не падне доволно снег, ќе бидат распоредени повеќе десетици илјади кубни метри снег, кои Русија со месеци ги држи како резерва во специјални силоси, рече Путин. На располагање стојат и неколку стотици снежни топови. Заштитниците на животната средина критикуваат дека Русија е подготвена на огромно расфрлање со енергија само за на црноморскиот брег да „завладее зима“.
Сѐ е испланирано до детал, но сепак веќе нема многу време за реализација на сите проекти. Одговорните се под притисок, а ги притиска и Путин лично. Тој потсетува дека „седми февруари“ не може да се одлага. Околу 100.000 работници се веќе ангажирани на околу 380-те објекти за ЗОИ, но се чини дека и тоа не е доволно, со оглед на тоа што Министерството за труд во Москва прави обиди да ги мобилизира невработените во целата земја. Распишани се околу 7.000 нови работни места. За проблеми никој не сака јавно да зборува.
Најскапи игри на сите времиња
Државните медиуми не известуваат за фрустрациите на надничарите, кои се чувствуваат како робови. Жителите на Сочи на интернет ја изразуваат својата лутина поради отровниот отпад, бучавата, камењата по улиците кои ги оставаат камионите од градилиштата. Опозицијата ги критикува корупциските скандали и нетранспарентното трошење јавни средства. Критики, кои се чини дека се оправдани, со оглед на тоа што ЗОИ во Сочи ќе бидат досега најскапите зимски игри во историјата - 37,5 милијарди евра. Само за споредба, игрите во Ванкувер во 2010 чинеа 5,5 милијарди, а во Торино во 2006 година само 3,4 милијарди, тврди невладината организација „НОлимпија“.
Гаранцијата на Путин
Игрите во Сочи се проследени и од скандали на спортско-политичкиот паркет. Путин во меѓународни рамки предизвика огорченост поради тоа што го потпиша законот со кој се ограничуваат правата на хомосексуалците во земјата. Спомената беше идејата и за бојкот на ЗОИ на Црното море. Путин потоа објасни дека спорниот закон не е донесен за да се изолираат „луѓето со нетрадиционална ориентација“. „Се работи за заштита на малолетниците од јавна пропаганда од страна на нетрадиционално ориентираните луѓе“, рече Путин.
При отворањето на железничката станица во Сочи рускиот властодржец на сите љубители на спортот им даде „гаранција дека ќе се чувствуваат добро“. „Ќе сториме сѐ за спортистите, навивачите и гостите, независно од потеклото, расата или сексуалната ориентација, да се чувствуваат добро“, рече тој.
Претседателот на МОК само нагласи дека мора да се обезбеди „да нема никаква дискриминација“. Бах исклучи можност за мешање на МОК во спорот околу човековите права во Русија. „Ние не сме надреден парламент кој по повод одржувањето на олимписките игри може да донесе закони во некоја земја“, потенцираше Бах во Сочи.