Протест во Атина: На Скопје му дадовте сѐ што е македонско
15 јуни 2018Комитетот за заштита на грчкиот карактер на Македонија ги повика Грците да излезат на голем протестен митинг денеска во 10 часот, на плоштадот „Синтагма“ во Атина. Во соопштението, Владата на Ципрас е обвинета „дека се обидува да стави национален потпис на една кривична концесија на историјата, јазикот културата и единственоста на името Македонија, преку договор со Скопје“.
„Владата го продава името на нашата Македонија, со флагрантно кршење на нашата утврдена национална позиција. Ние нема да одобриме ставање наш потпис на таков срамен договор, со кој во Скопје ќе се нарекуваат 'Македонци' а нивниот јазик 'македонски'“, соопштија организаторите.
Тие упатија криртики и до претседателот на Грција: „Дури и Прокопиј Павлопулос станува соучесник во злосторството“.
Организаторите најавија дека незадоволството нема да биде искажано само денеска во Атина.
„Во знак на протест против потпишувањето на договорот од страна на премиерите на Грција и на Македонија", ги повикуваме граѓаните од Северна Грција на протест во Преспа на 17 јуни (недела) во 11 часот“, повикаа од Комитетот.
Притоа објавија телефонски број за резервирање места во автобусите, кои од Солун организирано ќе тргнат во 7,30 часот, со цена на автобуски билет од 10 евра.
Повеќе:
-Мицотакис со интерпелација за Ципрас поради договорот со Македонија
-Решение за името има, но кавгата продолжува
Марш во Битола
И покрај тоа што во договорот со Грција е целосно заштитен македонскиот идентитет и јазик, протести против договорот се одржуваат и во Скопје. Но, за првпат во претстојниот викенд тие ќе се прошират и надвор од главниот град. По вчерашната седница на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на која бил разгледуван договорот со Грција, лидерот на партијата Христијан Мицкоски најави протестен марш.
„Едногласно заклучивме дека станува збор за решение кое што комплетно е спротивно на државните и националните интереси на Република Македонија. Едногласно заклучивме и дека станува збор за решение кое што самото по себе е капитулантско. Пратеничката група, но и Извршниот Комитет беа едногласни и ги повторија веќе познатите позиции кои што ВМРО-ДПМНЕ ги имаше во минатото: дека нема да поддржи промена на Уставот, а со цел промена на уставното име“, соопшти Мицкоски.
Заберлешките ги илустрираше преку три примери.
„Не постои меѓународен договор кој што се ратификувал од едната страна, а не се ратификувал истовремено од другата страна; Ние ќе преземеме обврски под услов да ги реализираме, а каква обврска презема Грција и која е мерката aко таа не ја реализира сопствената обврска?; Како Владата презема обврска да изгласа договор во Собранието со просто мнозинство, а се обврзува да направи системски измени во Уставот за кои е потребно двотретинско мнозинство?“, праша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Притоа информираше дека неделниот роденден на партијата, кој ВМРО-ДПМНЕ планираше да го одржи во Битола, ќе биде одбележан, но со протестен марш.
„Ја користам оваа прилика да ги повикам сите граѓани во Република Македонија кои што имаат идентичен став како ВМРО-ДПМНЕ,, кои сакаат да застанат на патот ова капитулантско дело да се спроведе во практика, а истовремено да ги осудат сите погрешни политики на СДСМ, да ни се придружат на протесниот марш во Битола во недела со почеток во 13 часот“, повика Мицкоски.
Владата го усвои извештајот за договорот
Ваквите најави од опозицијата стигнаа откако Владата на вчерашната седница донесе одлука да го декласифицира договорот насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“. Веднаш потоа договорот беше поставен на веб страницата на Владата.
Премиерот Заев на седницата нагласил дека тој силно верува во договорот, бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината за земјата, дека оваа влада треба да биде горда на ова решение, како историска одлука, затоа што испишува нова страница во историјата на земјата.
На седницата, министрите едногласно го усвоиле извештајот за договорот и го овластиле министерот за надворешни работи да ја потпише Спогодбата.
Иванов - последната метастаза!
Во соседните земји со интерес ги следат сите чекори и настани поврзани со договорот за решавање на спорот за името. Вниманието особено го привлече вчерашното откажување на средбата со претседателот Иванов во Софија, од страна на премиерот Бојко Борисов и вицепремиерката и шефица на дипломатијата, Екатерина Захариева.
„Тивката дипломатија го руши Иванов“, пишува белградска „Политика“, додавајќи дека „тоа што македонскиот претседател одбива да стави потпис на договорот со Грција, го изожува на гневот на лидерите на НАТО и ЕУ“.
„Ѓорге Иванов е последната метастаза на оваа власт која го насочуваше македонскиот народ против сите негови соседи“, коментира Искрен Веселинов од „Обединетите патриоти“, за бугарската ТВ „Нова“
„Јасен сигнал е одбивањето на Борисов да се сретне со македонскиот претседател и ние целосно го поддржуваме. Македонската изолационистичка политика не може да продолжи“, изјавил Веселинов.
Еден ден по откажата средба со Иванов, Захариева денеска и утре ќе престојува во Македонија. Нејзината посета ќе започне во детска градинка во Ново село, струмичко, каде што ќе донира компјутери, а во Скопје ќе присуствува на премиерата на „Железниот светилник“ со кој театарот „Бугарска армија“ гостува во Македонија од почетокот на неделата.
Откако Македонија ги затвори отворените прашањата со Софија, а сега и со Атина, регионалните медиуми го отвораат прашањето дали сега Србија е под притисок да го реши проблемот со Косово.
„Решавањето на спорот за името на една држава, каков што е случајот со Македонија, не може да се спореди со проблемот со Косово“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање.
„Немојте да го споредувате проблемот со едно име, дали ќе се вика Стара Србија, Србија Северна или Јужна, со проблемот на Косово, каде имаме проблем со над милион луѓе и 10.000 спорни квадратни километри“, изјави Вучиќ.