1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестите - слика за поделена Македонија

Катерина Блажевска14 април 2016

Два протеста завршија, а на социјалните мрежи веќе се најавуваат нови протести за утре, на денот кога преседателот на Собранието најави дека ќе ги распише изборите договорени за 5-ти јуни.

https://p.dw.com/p/1IWBZ
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Помирувањето меѓу граѓаните, за што наводно се залагал претседателот на Ѓорге Иванов кога ја потпишал одлуката за аболиција на политичарите, и вечерва го покажа политичкото лицемерие што се крие зад неа.
Околу 21 часот заврши контрапротестот организиран од Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) кое се залага изборите да се одржат на 5-ти јуни и и дава поддршка на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а околу 22 часот заврши и протестот пред Владата организиран од здружението „Протестирам“. Со новиот протест и контрапротест, Скопје вечерва повторно беше слика за целосно поделена Македонија.

Протест пред СДСМ
Над 40 автобуси со поддржувачи на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дојдени од повеќе градови од Македонија, откако се собраа во близина кај Олимпискиот базен во Скопје, по што организирано се упатија на протест кон партиското седиште на СДСМ. Дел од медиумите објавија пораки со кои вработени во администрацијата биле повикувани да дојдат на протестот. Членот на ГДОМ, Тони Михајловски, ги повика неколкуте илјади демонстранти на мирен протест „пред седиштето на Бившата комунистичка партија на Македонија“.

„Ние сме мирен народ, мирно ќе протестираме, иако и ние имаме точка на топење. Некој се обидува да скара брат со брат, да потече крв по улиците. Тука сме да им покажеме дека тоа нема да се случи, и оваа земја е наша колку и нивна“, рече Михајловски. Додека се движеа кон седиштето на СДСМ, подржувачите на власта пееја „Никој ништо не ти може Никола“.
Пред седиштето на СДСМ речникот се вжешти, па кон опозицијата беа упатувани етикети „платеници на Сорос и УСАИД“, а членот на ГДОМ, Александар Пандов ги нарече „подлизурковци и гниди кои станале вошки“. Поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ во 21 часот заминаа од пред седиштето на СДСМ.

Судири со полицијата
Во 18 часот, пак, пред Собранието на Македонија, започна третиот протест во организација на здружението „Протестирам“, на кој граѓаните излегоа масовно да го изразат незадоволство од одлуката на претседателот Иванов. И вечерва, неколку илјади демонстранти побарааа оставка од претседателот Иванов, слободни медиуми, прочистен избирачки список. На граѓаните пред Собранието им се придружи и раководството на опозициската СДСМ. По вчерашните инциденти, денеска засилени полициски единици ја чуваа зградата на Министерството за правда и Народната канцеларија на Иванов која вчера беше демолирана, а од денес почна нејзиното реновирање.


По 20 часот, ситуацијата пред седиштето на ВМРО- ДПМНЕ стана тензична поради силните кордони кои ја чуваа партиската зграда. „Нема правда, нема мир!“, „Спуштете ги штитовите“, „Кого браните?“, извикуваа демонстрантите. Тензиите се зголемија кога дел од демонстрантите со маски на лицето се упатија кон полициската станица „Беко“.


Почнаа да фрлаат камења, петарди и факели. Друга група се обиде да ги спречи во таквата намера, но безуспешно, па полицијата почна да ја разбива толпата и ги потисна. Дел од граѓаните апелираа на смиреност со повик: „Не удирајте по полицајците и тие се наши деца. Тие не се виновни“. Ситуацијата се обиде да ја смири и лидерот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов.
„Не треба насилство. Лицата што се маскирани се уфрлени од ДПМНЕ“, им рече Ангелов на полицајците.

Потоа протестите се преселија пред Владата, каде демонстрантите повторно ја повикаа полицијата да ги спушти штитовите.
Од „Протестирам“ вечерва соопштија дека сите уапсени од вчерашните протести се пуштени на слобода.
„Сакам да замолам да не применуваме насилство кон полицајците, освен доколку не е самоодбрана или нужна одбрана. Јас немам лично ништо против оние кои слушаат наредби, имам против криминалците кои МВР го претворија во свое партиско збиралиште“, изјави Павле Богоевски од граѓанското движење „Ајде“.
По 22 часот демонстрантите го напуштија просторот пред Владата. На социјалните мрежи веќе се најавуваат нови протести за утре, на денот кога преседателот на Собранието најави дека ќе ги распише изборите договорени за 5-ти јуни.