1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжен тајминг за мандатот на Груевски

Костадин Делимитов
20 мај 2019

Битните реформи или политичките пазари? Што е вистинската причина за тактизирањето со седницата за одземање на мандатот на избеганиот пратеник Никола Груевски? Дел од упатените предупредуваат од сценарио.

https://p.dw.com/p/3IlHt
Mazedonisches Parlament spricht Vertrauen aus
Пратеникот Никола Груевски повеќе од шест месеци неоправдано отсуствува од работата на Собранието Фотографија: MIA

Пет комисии плус собраниска седница. Парламентот понеделнички стартува динамично со работа. Заседаваат Законодавно-правната комисија, комисиите за одбрана, европски прашања, надворешна политика, законодавна политика, политички систем, но не и Мандатно-имунитетната комисија на која треба да се расправа за одземање на имунитетот на избеганиот пратеник Никола Груевски. Наместо експресно, за ова прашање очигледно ќе се расправа во цајтнот, односно по одржувањето на седницата на Комисијата за одбрана и безбедност за Законот за Агенција за националната безбедност, како и Законот за координативниот совет за безбедност на разузнавачките служби. Така одлучи пратеникот Павле Богоевски кој од позиција на претседател на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања е надлежен за закажување на седницата.

Повеќе:

Црвени и други потерници за бегалецот

По кои Македонци трага Интерпол?

Богоевски најави, па се премисли

Спикерот Џафери уште минатата среда испрати допис до Мандатно-имунитетната комисија во кој извести дека пратеникот Никола Груевски неоправдано отсуствува од работата на Собранието во период подолг од шест месеци. Според членот 59 од Деловникот, комисијата има рок од 15 дена да заседава и потоа по нејзин предлог да го стави ова прашање на дневен ред на седница на Собранието. Богоевски најави дека седницата ќе ја закаже за денеска, понеделник, ама откако пукна скандалот со неговиот телефонски разговор, се премисли. Официјално, како што самиот кажа, поради важните закони кои требало да поминат на комисиска расправа. Дури потоа, изјави Богоевски, ќе биде закажана седницата за мандатот на Груевски.

Оправдано или смислено сценарио?

Ваквиот развој од деловнички аспект е оправдан, но дали е и политички коректен? Посебно ако се земат предвид условите и околностите околу целиот случај со поранешниот премиер, осуден на затворска казна од две години во случајот Тенк кој е еден од неколкуте кои се водат против него. Дел од упатените се сомневаат  дека целата работа околу одолговлекувањето со неговиот мандат е смислено сценарио:

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Јове КекеновскиФотографија: Jove Kekenovski

„Продолжува папазјанијата којашто настана со изрежираното негово бегство. Ова очигледно укажува дека има поврзаност. Бегството, неодземањето на неговиот пратенички мандат, повеќе од шест месеци чекање и измислување различни оправдувања. Очигледно е дека во целата работа од позадина се реализира она што е претходно договорено. Работава е, да не речам, да се спаси колку што може да се спаси“, реагира политичкиот аналитичар Јове Кекеновски.

За него е недозволиво што ваков случај нема завршница во законодавниот дом. Целата постапка, вели, е иронична, но и потценувачка за целокупната јавност:

„Ако сакаа и ако имаше желба можеа да го изменат деловникот и да му го одземат мандатот. Нема никаква логика ова што го гледаме. Очигледно е дека има договор во позадина за да се помине со што помалку последици, поинакво објаснување за ова не можам да дадам. Има премолчен договор да се одолговлекува колку што може повеќе. И ова е не само недозволиво, туку и лицемерно. Каква порака се испраќа кон обичните граѓани кои работат за минимална плата, а со максимално работно време и труд? Тие не смеат да доцнат ниту минута, а овде имаме случај на осуденик на затворска казна кој не само што не доаѓа на работа, туку е избеган од државата, а зема огромна месечна плата. И во вакви услови, тие не наоѓаат, или не сакаат да најдат начин за брзо решение“, коментира Кекеновски.

Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
За одземање на мандатот на Никола Груевски е потребно да гласаат 80 пратенициФотографија: Regierung Mazedonien

Неопходно двотретинско мнозинство

Ако дојде на дневен ред на собраниска седница, за одземање на мандатот на Никола Груевски е потребно да гласаат 80 пратеници, односно две треини од вкупниот број народни избраници. Во Собранието веќе еднаш се гласаше за одземање на мандатот на Груевски, во ноември лани, кога траеше жалбената постапка за пресудената затворска казна. Тогаш власта не успеа да обезбеди ниту просто мнозинство од пратениците, а само неколку денови потоа Груевски самиот објави дека е во Будимпешта, каде побарал политички азил, кој во меѓувреме и го доби.

Клучна недела и за СЈО

Прашањето за мандатот на Никола Груевски е ставено на стенд бај во период кој важи и за клучен за Законот за јавно обвинителство со кој треба да се утврди и статусот на Специјалното јавно обвинителство. Иако најавено, власта и опозицијата никако да седнат и да се договорат околу ова прашање, кое важи за едно од клучните во пресрет на извештајот за напредокот од Брисел и очекуваната препорака за датум за почеток на преговори за членство на земјата во Европската Унија. Пожелниот датум до кога партиите треба да се договорат за СЈО е пред извештајот Европската комисија на 29 мај, а последниот воз би бил пред одлуката на Советот на ЕУ.

Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt
ВМРО-ДПМНЕ инсистира на смена на специјалната обвинителка Катица ЈаневаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Преговорите на работните групи на власта и опозицијата се закочени во услови на дијаметрално спротивставени ставови. ВМРО-ДПМНЕ инсистира на смена на специјалната обвинителка Катица Јанева, која јавно отфрли каква било можност за тоа, но и прекин на сите предмети и истраги започнати по истекот на 18 месечниот мандат за работењето на СЈО. Дополнително, опозицијата инсистира и на одговорност за пробиените рокови, но и согласност тие да го бираат новиот јавен обвинител. Ваквите ставови за власта се целосно неприфатливи, значат скриена амнестија и се против правната држава и интересите на граѓаните.

Исто како за мандатот на Груевски и за Законот за јавно обвинителство е потребна согласност од две третини од народните избраници. Спикерот Талат Џафери, кој денеска ќе му биде гостин на претседателот Стево Пендаровски во Вила Водно, изјави дека нема конкретни информации околу тоа дали е усогласен текстот на предлог законот. Кога официјално ќе го добиел, целата постапка ќе течела според законската процедура, вели тој. Со оглед на тајмингот, очигледно е дека таа ќе треба или ќе мора да биде експресна.