1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германски виролог: До Велигден нема крај на пандемијата

БГ/ ДПА
3 ноември 2020

Водечкиот германски виролог Кристијан Дростен не очекува брзо нормализирање на состојбата со коронавирусот и покрај воведувањето на нови рестрикции. Од вчера во Германија важат нови ограничувања.

https://p.dw.com/p/3klPk
DEutschland | Schulbeginn in Mecklenburg-Vorpommern
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

„Она што е сигурно: до Велигден нема да видиме крај на пандемијата“, вели Дростен во интервју за весникот Ноје ознабрикер цајтунг.
„Но најдоцна до летото нашиот живот значително ќе се смени на подобро- доколку го ставиме под контрола актуелниот раст на инфекциите“. Тој ја смета за добра одлуката на властите да ги остават училиштата отворени за време на кризата.
Клучна помош во борбата со пандемијата може да биде воведувањето на брзи тестови, смета вирологот.

„Доколку ги добиеме во доволен број, би можеле многу редовно и брзо да ги тестираме загрозените групи. Притоа ќе може да се дознае и не само дали некој е заразен, туку и дали ја пренесува инфекцијата. Тоа може да ги олесни одлуките за карантин или за забрана на контакти“, вели Дростен.

Вирологот препорачува подоследна претпазливост во секојдневието:

„Најдобро е да се однесуваме како и самите да сме инфицирани и сакаме да ги заштитиме другите од заразата“.

Во Германија од вчера се во сила нови рестрикции. Затворени се рестораните, баровите, театрите, кината, вежбалните и други објекти. Планот е „лесниот локдаун“ да трае до крајот на месецот.
Германските власти велат дека не можат да го следат изворот на заразата на три-четвртини од новите случаи на коронавирус. Министерот за здравство Јенс Шпан, кој и самиот се зарази со вирусот, твитна дека бројот на ковид пациенти на интензивна нега се зголемил за трипати во последните две недели.

„Сакаме да им ставиме крај на овие стриктни мерки до крајот на ноември“, порача шефот на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, Хелге Браун.
„Се работи за тоа да им овозможиме на германските компании да работат на Божик, а на семејствата да го прославуваат празникот заедно. Колку построги мерки, толку побрзо функционираат, па затоа се одлучивме на построги мерки“, рече Браун за радиото РББ.
Новите мерки се сепак полесни од оние кои Германија ги воведе во првата фаза од пандемијата во март и април. Овојпат останаа отворени училиштата, градинките, и некои други несуштински дејности.
Ефектот на мерките ќе се разгледува повторно за две недели.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема