1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемите со автомобилите на „Џенерал моторс“ без крај

АТ/ дпа/ртр/афп18 март 2014

Откажување на воздушните перничиња, пожар во моторот, небезбедно совозачко место... Американскиот автомобилски гигант „Џенерал моторс“ (ЏМ) повторно мораше да повлече 1,8 милиони возила.

https://p.dw.com/p/1BRVL
Фотографија: Reuters

Со невообичаено јасни зборови шефицата на ЏМ Мери Бара јавно се извини за актуелната серија грешки на автомобилите на американскиот автомобилски гигант. Поради проблеми со дефект во палењето ЏМ неодамна повлече 1,6 милиони возила. Со ваквите грешки во автомобилите се поврзува и смртта на голем број луѓе. „Во овој случај нешто погрешно се одвивало кај нас и се случија страшни работи“, рече Бара вчера преку видеопорака. Таа во иднина сака да воведе повисоки стандарди при спроведувањето на тестовите за безбедност.

Истиот ден „ЏМ“ повлече натамошни 1,8 милиони возила. Кај автомобилите произведени во периодот од 2008 до 2013 година, според концернот, се појавувале различни проблеми со материјалот. Кај автомобилите од марките Шевролет, ГМЦ, Бјуик и Сатурн биле забележани проблеми со воздушните перничиња поради погрешно поврзување на каблите, кај лимузините Кадилак поради проблеми со кочниците постоел ризик да избие пожар во моторот; комби-возилата од марките Шевролет и ГМЦ, пак, не ги исполнувале стандардите на властите за заштита на совозач кој не е врзан со сигурносен ремен. Се работи пред сѐ за возила на американскиот пазар, но и за возила кои биле продадени во Канада, Мексико и некои други земји.

Со новата интервенција ЏМ во изминатите месеци повлече повеќе од три милиони возила во фабриките. Погодени се различни модели со различни проблеми, меѓу кои има и дефектни кочници.

Концернот е под голем притисок особено поради смртните случаи кои се поврзуваат со грешки во палењето кај постарите модели. За разлика од „Џенерал моторс“, заштитиниците на правата на потрошувачите сметаат дека поради дефект при палењето смртно настрадале повеќе од 300 луѓе. Во меѓувреме истрага водат државните органи, американскиот Конгрес планира сослушувања, а на концернот му се закануваат тужби во САД и Канада. Проблемите биле познати веќе од 2001 година

Поради серијата на грешки кај автомобилите акциите на „Џенерал моторс“ измината недела загубија околу десет проценти.