1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пример за интеграција, религијата е од второстепено значење

Феликс Штајнер/превод: З. Јордановски16 мај 2016

Изборот на Мухтерем Арас за претседателка на покраинскиот парламент на Баден-Виртемберг е на повеќе начини премиера. Но, тој првенствено е доказ дека интеграцијата може да функционира, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/1ImQu
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Murat

Насловот на првата агенциска вест на германската агенција ДПА беше типичен: „За првпат муслиманка избрана за претседател на покраинскиот парламент во Баден-Виртемберг“. Значи, фактот дека една политичарка од муслиманска вероисповед е избрана на висока политичка функција, според гледањето на новинските професионалци од ДПА, е пораката од решавачко значење.

Но, на тоа би можело и поинаку да се гледа. И првенствено избраната Мухтерем Арас, која очигледно е свесна дека испраќа одредена историска порака, самата на тоа гледа поинаку: „Оваа недела ние во Баден-Виртемберг повторно испишуваме историја“, објави таа во вторникот на Фејсбук. Но, притоа нешто друго има на ум: со нејзиниот избор за првпат на југозападот на Германија една жена беше избрана на важната функција, нагласува Арас.

Успешна мигрантка? Кого го интересира тоа?

Таа понуди и трета варијанта на насловот: прва мигрантка на која ѝ е доделена, според протоколот, втората највисока функција во покраината, по онаа на премиерот. Жена која е родена пред точно 50 години во некое село во Анадолија и дошла во Германија на 12-годишна возраст. Тогаш не знаела ни збор германски. Но, со помош на семејството и на некоја ангажирана млада учителка, но првенствено со многу труд стигна високо – до факултетска диплома и веќе речиси 20 години е самостоен даночен советник во Штутгарт. Таа сега вработува 12 луѓе – една успешна сторија, каква што им се допаѓа на Швабите.

Кој ја слуша како зборува, а не ја познава ни по изглед, ниту по име, врз основа на тонот автоматски помислува на швапска домаќинка, која благодарение на Ангела Меркел за време на грчката криза станала икона на политиката за штедење. И токму заради тоа госпоѓа Арас е толку добро прифатена во Штутгарт: прво беше членка на Советот на главниот град на покраината, наскоро потоа стана шеф на пратеничката група. Во 2011. година за првпат настапи на покраинската политичка сцена и во стартот освои 42,5 проценти од гласовите на изборите, што беше и најдобар успех од сите кандидати на Зелените во нејзината изборна единица. На 13. март годинава таа го повтори успехот.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Со тоа Мухтерем Арас е типичен пример за успешна интеграција во Германија. Но, и доказ дека и со странско име и изглед кој не е био-германски може да се успее во оваа земја. Таа е пример за углед во најдобра смисла на зборот.

Никакви религиозни изјави, никаде

Дотолку повеќе вчудовидува како една ваква жена со толку возбудлива животна приказна сега во многу наслови ја сведуваат на „една муслиманка“, оти разбирливо многу медиуми се ориентираат според првичниот тон на агенцијата дпа. Вчудовидувањето станува уште поголемо со оглед на фактот дека госпоѓа Арас самата ретко ја тематизира својата религија. На интернет-страницата на Зелените од Баден-Виртемберг стои дека Арас се ангажира во алевитската заедница во Штутгарт. Во нејзиниот личен профил во интернет, напротив, нема никакво укажување за нејзината религија. На што тогаш сакаат да укажат луѓето од медиумите? Оти само од себе се исполнува пророштвото дека Германците се плашат од исламизација на земјата? Тоа никако не важи во случајот со Мухтерем Арас.

Поради тоа сега би бил на место значително порелаксиран приод, според примерот на покраинскиот партиски шеф на АфД (Алтернатива за Германија, деснопопулистичка партија – н.з.) Јерг Мојтхен, кој исто така е пратеник во парламентот на Баден-Виртемберг. Изборот на претседателката на парламентот тој го прокоментира со зборовите: „Кон Германија припаѓаат милиони луѓе со исламска вера, кои живеат кај нас мирољубиво интегрирани. Една од нив сега е претседател на покраинскиот парламент – и што?“