1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приведени и повредени по насилните протести пред Собранието

5 јули 2022

Протестите против францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ пред Собранието завршија по полициската интервенција против демонстрантите кои се обидуваа да ја демолираат зградата на парламентот.

https://p.dw.com/p/4DiaV
Nordmazedonien: Proteste in Skopje
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Четвртиот ден од протестите против францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ донесе нова ескалација на насилствата, овојпат пред Собранието. Група демонстранти ја урнаа заштитната ограда и речиси еден час, не попречувани од никого, фрлаа со јајца, камења и други предмети кон собраниската зграда и полицискиот кордон кој го штитеше влезот во парламентот. 

Nordmazedonien: Proteste in Skopje
Полицијата апси демонстрант пред СобраниетоФотографија: Arbnora Memeti/DW

Насилството запре дури откако полициски екипи одлучија да интервенираат и да ги избркаат насилните демонстранти од пред Собранието во правец кон паркот „Жена борец“ и Градскиот трговски центар. 

Протестите повторно започнаа пред Владата околу 19 часот, а оттаму се претворија во марш кој мина пред зградата на МНР, а заврши пред Собранието. 

Демонстрантите бараа оставка од владата и од министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

Nordmazedonien: Proteste in Skopje
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Пред Собранието беше мирно се додека во еден момент група демонстранти не ја пробија заштитната ограда и се упатија кон влезот пред кој беше распореден полициски кордон. Демонстрантите, со качулки на главите и марами, не дојдоа во директен контакт со полицијата, но почнаа да маваат кон нив и кон зградата со јајца и камења. Секој искршен прозорец беше прославуван од публиката. 

Nordmazedonien: Proteste in Skopje
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

По половина час, поголемиот дел од демонстрантите си заминаа, а пред Собранието останаа само најрадикалните кои продолжија да ја опсипуваат зградата со камења. За тоа сведочат и сликите од тротоарот пред Собранието каде се речиси соголени бекатон плочките кои беа користени како „муниција“. 

Nordmazedonien: Proteste in Skopje
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

По интервенцијата на полицијата, демонстрантите се разбегаа. Неколкумина беа уапсени. Според непотврдени информации има и неколку повредени полицајци, но точната бројка засега не е позната.

На протести против францускиот предлог од саботата повикуваат двете опозициски партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица. 

Погледнете повеќе во нашето видео од протестите: 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема