1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресметка кај ДДВ коралот

23 јануари 2018

Проширувањето на базата на ДДВ ќе предизвика даночна евазија, бидејќи ќе ги мотивира граѓаните да наоѓаат решенија за да ја избегнат обврската. Она што го скрои владата на Груевски, владата на Заев треба да го реши

https://p.dw.com/p/2rLLy
Rotstift Geld
Фотографија: Fotolia/photocrew

Не стивнува бурата во јавноста по обврската да се регистрираат како ДДВ-обврзници физичките лица кои оствариле годишен промет над еден милион денари или 16.200 евра, што месечно изнесува 1.400 евра. Рокот за регистрација истече на 15-ти јануари, а голем дел од лицата кои ги опфаќа законот за тоа дознаа по критичниот датум. Особено, што во изминатата година ова решение на претходната власт предизвика бурни дебати, па функционери на СДСМ ветуваа дека законот ќе го преиспитаат.  

„Одговорната Влада на СДСМ ќе го врати прагот на ДДВ на два милион денари, со што ќе ги ослободиме малите фирми и граѓаните од новите давачки за ДДВ што им ги наметнаа Груевски и Ставревски, со тоа што го намалија прагот на ДДВ на еден милион денари“, најавуваа од СДСМ.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Сиромашни „богаташи“

Но годината помина, прагот не се измени, па сега  на удар на законот не се „богаташи“,  туку лица кои издаваат простор, кои заработуваат како вештаци, стечајни управници, лица со авторски или договори на дело, лица кои членуваат во надзорни одбори и лица кои вршат земјоделска дејност.

На социјалните мрежи и во медиумите покрај бројните критики, се врти и прашањето: Кога Бранимир Јовановиќ беше во право? Се објавуваат неговите изјави за законот лани, и сега кога е советник во Министерството за финансии. Тој лани во март изјави: „Кога се спушта прагот на обврска за плаќање ДДВ од два милиони денари на еден милион денари годишно, проблемот е што се оданочуваат малите субјекти, оние што остваруваат мал промет, т.е. сиромашните, со цел да се наполни буџетот, а не се оданочуваат побогатите. На пример, странските инвестиции во зоните не плаќаат ДДВ. Зошто тие се ослободени од ДДВ, а физичките лица мора да плаќаат за приход од над еден милион денари?“

Но, веќе во јануари 2018 година ставот на советникот Јовановиќ е целосно спротивен од ланскиот: „Прашањето е зошто ова порано не се спроведувало. Целта не е да се приберат повеќе пари во буџетот. Со оваа обврска не се даночат сиромашните, туку се даночат 1 процент од најбогатите“.

„Тешко на Македонија, ако луѓе со годишен приход од еден милион денари се сметаат за еден процент од најбогатите“, коментира М.К. (31), кој подлежи на споментата законска обврска. 

Повеќе на темата: 

Буџет 2018: Поголеми плати за административците, помалку субвенции за земјоделците!

Фирмите „плачат“, државата повторно доцни со поврат на ДДВ

„Ситацијата е апсурдна. Работам за фирма од ИТ секторот. Но поради семејни причини - грижа за тешко болни родители и обврска да ги носам на дневни терапии во болница, пред две години самиот се откажав од статусот вработен на неопределено време, и сега обврските ги реализирам како хонорарец. Значи, ако бев постојано вработен никому ништо, а сега затоа што сум хонорарец треба да бидам даночен обврзник. Колку што сум фрапиран од ваквата нелогичност, уште повеќе сум исплашен за правната сигурност во државата. Особено, ако државата во мене 'открила' богаташ, а не во оние што на годишно имаат плати од стотици илјади евра. Притоа, не се разбирам во сметководство, во фактури, ниту ми останува време да се едуцирам за тоа, што значи дека освен поголем данок ќе треба дополнително да плаќам и за сметководствени и слични услуги. Така што, државата е на добар пат и мене и сите други номинално 'богати', реално да не направи пoсиромашни“, вели младиот програмер.

Rotstift
Фотографија: Fotolia/photocrew

Игри со прагот за ДДВ

Во експертската јавност уште лани порачуваа дека треба да се дефинира што се спаѓа под „стопанска дејност“, точно да се прецизира кои категории се даночни обврзници, но и да се подигне прагот за оданочување. Бројни дилеми се врзани и за членовите на Надзорните и Управните одбори, односно дали тие вршат стопанска или самостојна дејност.

Од Владата најавуваат преиспитување, но без прецизни информации дали законската обврска ќе биде замрзната. 

„Владата на РМ ги зема во предвид сите мислења на експертската и пошироката јавност, особено кога постојат прашања за кои постојат различни ставови. Владата прави анализа врз основа на ставовите на различните засегнати страни и при носење на одлуките секогаш се носи примарно од интересот на граѓаните на РМ“, кусо одговараат од Владата.

Лани законот го критикуваше и професорот Ванчо Узунов, кој е советник на премиерот.

„На скриен начин се воведува дополнителен данок само за одредена категорија граѓани. Има нефер третман. На пример, ако земам плата од 10.000 евра плаќам 10 отсто данок. Ако земам плата од 500 евра а издавам стан или работам хонорарно, за тој дел ќе плаќам 18 отсто. Дали е тоа фер?“, прашуваше Узунов лани.

Во Законот кој се применува од 2000. година, честопати бил менуван прагот за ДДВ обврзници. Најпрвин бил 1,3 милиони денари, па Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го зголемила на 2 милиони денари, за повторно да го намали на 1,3 милиони во 2014. година, а во 2016. година да го спушти на најниско ниво - еден милион денари. Но, тогаш го зголемила и опфатот на стопански дејности што ги водат физички лица, па во него како ДДВ обврзници влегоа и сите физички лица што остваруваат приход над еден милион денари остварени и од авторски договри, членови на управни и надзорни одбори, итн.

УЈП за првпат издаде повик за пријавување на физичките лица како ДДВ обврзници во јануари 2017. година, по што се крена бура во јавноста. Истите дилеми останаа до денес, а се стравува дека проширувањето на базата на ДДВ ќе предизвика даночна евазија, бидејќи ќе ги мотивира граѓаните да наоѓаат решенија за да ја избегнат обврската.