Прекршување на атомскиот договор со најава
8 јули 2019Францускиот претседател Емануел Макрон се обиде да го спречи иранскиот потег во последен момент. Во најкратко време земјата ќе го надмине дозволеното ниво на збогатување на ураниумот од 3,67 проценти, соопшти портпарол на владата во Техеран. По наредба на претседателот Хасан Рохани, ураниумот, според потребите, ќе биде збогатен на пет до 20 проценти, и тоа во количество кое ѝ е потребна земјата. Притоа станува збор за мирнодопска употреба, рече Али Акбар Вељати, советник за надворешни работи на врховниот духовен лидер, ајатолахот Али Хамнеи:
„Кога станува збор за реакторот во Бушер, таму ни е потребен петпроцентен ураниум. Со тоа следиме мирнодопски цели. Произведуваме електрична енергија за населението и индустријата. Тоа е многу важно за нас и им служи на нашите мирнодопски атомски активности“, истакна Вељати.
Иран пред 60 денови се закани со повиско збогатување на ураниум, доколку на преостанатите партнери во Меѓународниот атомски договор не им успее економски да ѝ помогнат на земјата и покрај американските санкции. ЕУ се сметаше обврзана, но не беше во состојба да го исполни ова барање.
„Легитимен чекор“
Збогатувањето ураниум на 20 проценти во експертски кругови важи за возможно во кратко време. За производство на атомска бомба, пак, неопходен е ураниум збогатен за 85 до 90 проценти. За негово производство, пак, според проценките на експертите се потребни неколку месеци.
Вицепремиерот на Иран, Абас Арагчи, пак, го означи актуелното повиско збогатување на ураниум како легитимно и во рамките на атомскиот договор. Според него, со овој чекор не се прекршува, туку се спасува договорот.
Повеќе:
-САД-Иран: Никој не сака војна
-САД планираат светска коалиција против Иран
Тоа се обиде да го стори и францускиот претседател Емануел Макрон кој повеќе од еден час телефонски разговараше со неговиот ирански колега Хасан Рохани. Но не успеа да ја спречи одлуката за збогатување на ураниум. Макрон, меѓутоа, најави дека ќе се потруди за обновување на разговорите со сите партнери во договорот до 15 јули. Иранскиот вицепремиер позитивно ја дочека ваквата најава: „Нашите разговори се ограничени на групата 4 плус 1. Ако САД сакаат да учествуваат, можат да го сторат тоа под предуслов, да ги укинат санкциите против Иран“, изјави Арагчи.
Иранската страна во основа изрази подготвеност за разговори со САД. Но условот на Техеран, сите американски санкции против земјата да бидат претходно укинати, важи за нереалистичен.
Натамошна изолација и санкции
Претходно, претседателот Рохани повеќепати потенцираше дека доколку биде постигнат договор неговата земја во рок од еден час ќе ги запре сите чекори за збогатување и складирање на повеќе од 300 килограми слабо облагороден ураниум. И надворешно-политичкиот советник на ајатолахот Хамнеи го потврди тоа: „Ако ЕУ повторно ги исполнува своите обврски, ние ќе се вратиме на договорот. Во спротивно, ќе следат натамошни чекори“, порача Вељати.
Иранскиот министер за надворешни раби Џавад Зариф во писмо до шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини најави натамошни чекори, доколку не се успее во подобрување на трговските можности на Иран, во рок од 60 денови. Притоа може да дојде до повторна изградба на реакторот Арак, кој може да произведува плутониум, кој може да се користи во атомско оружје.
На реакција од САД не се чекаше долго. Вашингтон јасно укажа дека најавата на Техеран да прекрши еден од централните постулати на атомскиот договор ќе има негативни последици за Исламската република.
„Иран треба да биде повнимателен“, гласеше предупредувањето на претседателот Доналд Трамп, кој уште истакна дека земјата прави многу „лоши работи". Трамп уште еднаш потенцираше дека раководството во Техеран никогаш нема да има нуклеарно оружје.
Министерот за надворешни работи Мајк Помпео беше уште понедвосмислен: „Најновото проширување на иранската нуклеарна програма ќе доведе до натамошна изолација и санкции. Иранскиот режим вооружен со нуклеарно оружје ќе претставува уште поголема закана за светот", истакна Помпео.