Прва фарма на магариња во Македонија
9 јуни 2018Во Македонија магарињата ги има уште во најсиромашните селски средини. Државата речиси и да не води сметка за нив. Се чини работите се менуваат на подбро и за магарињата .
„Преку проект започнува инвентаризацијата и формирање на едно матично стадо на домашни магариња. Наскоро ќе следи нивно чипување како по примерот кај говедата, а потоа ќе се пропагира засилено и ползата од развојот на фармите со магариња“, вели координаторот на проектот „Заштита на домашното магаре“, Зоран Салтамарски.
Првата фарма на магариња е отворена лани во октомври, во охридското село Велестово. Претпоставките на луѓето дека магарињата се најтврдоглавите и најглупави суштества експертите велат дека паѓаат во вода. Доаѓа времето кога магарињата нема да се користат само како пренесувачи на товар и за други работи во земјоделството. Наскоро тие ќе се привелигирани и од нив ќе се чека само нов приплод и млеко кое е скапо и барано на пазарот.
Магарешкото млеко помага против дваесетина болести
По хемискиот состав млекото од магарици е најблиско до човековото – хуманото.Она што го прави посебно, и на пазарот на храна многу скапо, е податокот дека во себе има многу висока содржина на имуноглобулини, висок процент на есенцијални микроелементи заедно со витамини и што се користи како лек во последно време во многу земји против алергии и за зголемување на имунитетот кај децата. Истражувањата покажуваат дека може да биде корисно во лекување или барем ублажување на дваесетина болести. Бумот за производство на сирење од магарешко млеко, барем на Балканот, стигна по одличната реклама на тенисерот Ѓоковиќ за неговата голема фарма и достигнатата фантастична цена од 1000 до 1200 евра за килограм сирење од магарешко млеко кое и тој го консумирал, вели проф. д-р Ѓоко Буневски, од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.
„Општо познато е дека еден грам сирење вреди колку еден грам злато, на пример. Магарето е многу интелигентно животно и сигурно интересот за нови фарми кај нас ќе се зголемува“, додава Златко Самарџиев од ГЕФ.
За магарињата доааѓат поубави времиња во Македонија
Не случајно е одбрана локацијата од Националниот парк Галичица за изградба на првата фарма, бидејќи тука имало и има традиција за одгледување на магариња, а тие биле користени и во туристички цели за прошетка најмногу на Холаѓаните и другите гости по планината и до некогашните бачила. Магарињата ги имало и има во Велестово, Куратица, Елшани, Трпејца, Љубаништа...
Но сега и магарињата го дочекаа модерното време - нема да служат само за товарење по онаа македонската народна „Магарето попусто не го викнале на свадба“, туку во развојот на агротуризмот, во медицинска хипо-терапија и, за првпат во Македонија, да се молзе и да се произведе млеко од велестовската фарма.
Иднината е и во Македонија, како во најблиските Србија, Хрватска и Словенија, од млекото да се прават најдобрите сапуни, козметички средства кои се барани низ светот. Според д-р Бунески, препаратите од магарешко млеко можат да најдат примена во лекувањето на дел од пациентите во охридската специјална болница за ортопедија и трауматологија во лекувањето на деца со аутизам и деца со посебни потреби.
Терапевтското јавање се користи и за деца со аутизам и за лица со проблеми на локомоторниот систем. Првпат ваква терапија во Македонија е спроведена пред четири години во околината на Скопје преку еден португалски проект, значи имаме искуство и во таа насока се користат два модела на психотерапија германски и скандинавски, додава д-р Бунески.
Во моментов, велестовската фарма има еден машки примерок и девет женки. Сопственикот Роберт Шиникоски вели дека дел од нив веќе се оплодени и за да се роди прлето (термин кој се употребува во Македонија за новороденче од магарица) потребна е една година. Неколку месеци магарицата ќе го користи млекото за хранење на прлињата, а потоа би се пристапило кон молзење и користење на тој период од лактацијата за производство и преработка на млекото.