1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По поплавите: власта и натаму игра руски рулет со природата

Катерина Блажевска12 август 2016

Со интервенции во коритото на Вардар и изградба на Панорамско тркало, ќе се поткопа најсолидната гаранција за безбедноста на Скопската котлина, алармираат експерти. Дали пратениците ќе ја запрат изградбата на тркалото?

https://p.dw.com/p/1Jgvf
Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нема да има корист ни од итната седница на парламентот, ни од јалови трчања натаму - наваму за набавка на механизација и хуманитарна помош, ако не запрат сите градежни активности кои носат ризици од нови поплави, алармира стручната јавност. Според експертите, итно мора да се демонтира сцената за нова опасност од водената стихија, која веќе е поставена во коритото на Вардар во центарот на Скопје: изградбата на Панорамско тркало.

И по укажувањата дека оваа урбана играчка покрај високите финансиски импликации ќе предизвика и драматични еколошки последици, власта во неколку наврати повтори дека не се откажува од неговата изградба. Тоа се потврди и по поплавата во скопско. Додека жителите на Стајковци и соседните села молеа да дојде механизација за расчистување на отпадот и калливите улици, „панорамскиот“ багер не доби прекоманда во поплавеното подрачје. Продолжи да го копа речното корито. Проектот тече, ништо не се менува. Најмалку во свеста. Министрите кои на седница расправаа колкав аванс да им се даде на поплавените, а кој потоа ќе биде одбиен од утврдената сума за оштета, имаа многу поширока рака кога одлучуваа за тркалото. За него без проблем беа наменети 18 милиони и 940.000 евра од буџетот. И никој не го проблематизираше податокот дека со градежните активности за него, веќе е уништен и голем дел од градската плажа, за која досега беа потрошени 379.113 евра.

Поткопување на безбедноста

По барање на опозицискиот СДСМ, што го прифатија и координаторите на сите пратенички групи, во недела (14 август) ќе се одржи итна седница на Собранието посветена на состојбата во поплавените подрачја. Меѓу десетината предлог - заклучоци што ги објави СДСМ, се бара „Владата на Република Македонија веднаш да донесе одлука со која ќе се одложи реализацијата на сите планирани непродуктивни трошења на буџетот, како и стопирање на изградбата на објекти и други градежни активности долж течението на реката Вардар, а кои можат да предизвикаат несакани промени во водостојот и текот на водите“. Не е тешко да се препознае дека во овој корпус спаѓа и Панорамското тркало. Но, експертите не се оптимисти дека кај власта има волја и свест да го запре тој „проект“.

„Не верувам дека и минатонеделната катастрофа, која одзема непропорционално многу животи во споредба со силината на поројниот дожд, ќе влијае на фанатизираната партиско-мафијашка формација да смени што и да е од нејзините штетни и налудничави планови, а особено со објектите од „проектот Скопје 2014“, вели архитектот Мирослав Грчев.

Огромни последици од невремето

„Секому што завршил Градежен или Архитектонски факултет, конечно секому со здрав ум, му е јасно дека градењето во профилот на пресметаното мајор корито на регулацијата на реката Вардар, само ја зголемува веројатноста дека оваа деструктивна изградба на Владата на ВМРО-ДПМНЕ еден ден ќе предизвика нова катастрофа. Секој новоизграден објект во коритото на Вардар само ја намалува пропусноста на регулацијата што била земена како величина, според која во седумдесетите години се извршиле најголемите градежни и хидротехнички работи во скротувањето на реката. Ни ја поткопуваат најсолидната гаранција за безбедноста на Скопје и Скопската котлина што македонската, или подобро речено југословенската и меѓународната цивилизација успеаја да го направат кога и да е!“, предупредува Грчев.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Според експертите, итно мора да се демонтира сцената за нова опасност од водената стихијаФотографија: DW/P. Stojanovski

Вели дека ниту еден од објектите што се градат во коритото на Вардар ја немаат потребната хидротехничка студија за влијанијата што ќе ги имаат новите објекти на пропусноста и одржливоста на целата регулација. И не само тоа.

„Не постои и ниту една стручно-научна студија што од хидролошки и хидротехнички аспект ги расветлува можните последици и ризици од сите овие заумни градења на простор, на кој, по хидротехничките студии изработени од страна на стручњаци на ОН во шеесетите години беше забранета каква и да е градежна активност. Со градењето на 'тркалото' и другите малоумни објекти во коритото на Вардар, метафората дека партиско-мафијашката диктатура на ВМРО-ДПМНЕ и копа гроб на целата македонска цивилизација (а не само на државата и културата) може да се употреби во нејзината буквална, градежна смисла“, дециден е архитектот.

Ризик од големи поплави

Вардар е поројна река која во лето има проток од 5 кубни метри вода во секунда и 200 -300 кубни метри во време на поплави. Речното корито во центарот на Скопје денес е целосно урбанизирано, што е во спротивност со Европската директива за води. Во него се изградени нефункционални објекти со што е предизвикана небезбедна регулација и еколошки дисбаланс. Бетонските постаменти за речните врби, речните фонтани, трите галии и двата ниско поставени мостови - Мостот на цивилизациите („Око“) и Мостот на уметноста, ја сменија структурата на малото и големото корито и станаа пречка за хидрауличкот режим на реката. Според експертите, со Панорамското тркало уште подраматично ќе се загрози патот на водата, со што градот ризикува големи поплави кои ќе носат се пред себе. Од тој аспект, неговата изградба ја сметаат за играње „руски рулет“ со природата.

Лилјана Поповска, претседателка на партијата на зелените, ДОМ, вели дека нема ниту една логична причина зошто да се трошат толку милиони евра за нешто што никому не му треба, но има безброј причини зошто тоа не треба да се прави. „Опасно е на брегот и во коритото на Вардар да се узурпира простор за ваков огромен објект, кој заедно со неколкуте бетонски 'бродови' го попречува течењето на водата. Во случаи на надојдени води, сите овие објекти ќе се претворат во брани за нормално истекување, и кога неминовно ќе попуштат - ќе предизвикаат големи штети“, укажува Поповска.

Пред повеќе години ДОМ предложи европски закон за води кој беше усвоен во Собранието. Со него водите беа ставени под надлежност на Министерството за животна средина, за да можат да се третираат сериозно и координирано, со предност на еколошкиот аспект, а дури потоа на економскиот. Но...

„Овој револуционерен закон не се примени целосно, а по извесно време и се модифицираше. Овие прашања многу пати сум ги отворила на седници и преку пратенички прашања, со инсистирање за сериозни вложувања во екологијата, заради заштита на животната средина и човечкото здравје. Декларативно имало поддршка, имало и редица проекти за вода за пиење и за отпадни води, но во оваа катастрофа се виде со колку аматеризам и нестручност се влегло во сериозни потфати за изградба на канализации и слични објекти“, констатира Поповска.

Во 2014 година, по катастрофалните поплави во соседните земји, ДОМ започна кампања за еколошка безбедност, за обезбедување брз одговор на климатските промени.

„Ги обединивме сите 8 балкански зелени партии во коалиција и организиравме балканска конференција за еколошка безбедност, со поддршка и од Европските зелени и учество на хрватскиот европратеник Давор Шкрлец. Донесовме важни заклучоци за итната потреба од јакнење на институциите, подобрување на инфраструктурата, обука на населението, но и на политичарите за подготвен одговор во случај на катастрофи. За жал, овие заклучоци беа многу посериозно сфатени и дискутирани во Европскиот парламент, отколку во македонскиот. Резултатот од игнорирањето на еколошкиот пристап го гледаме деновиве“, заклучува претседателката на ДОМ.

Сега на потег се пратениците, а јавноста има едно главно очекување: дека во пратеничката намера заклучоците на седницата да бидат усвоени со консензус, нема да биде направен компромис со одредени проекти, кои непродуктивно ќе го празнат буџетот само за да вртат во празно.