1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мадуро попушта

ЕМФ / дв
1 април 2017

Претседателот на Венецуела го повика Врховниот суд да ја „корегира“ својата одлука. Повикот доаѓа непосредно пред масовните демонстрации на опозицијата.

https://p.dw.com/p/2aUFX
Venezuelas Präsident Nicolas Maduro
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Rivera/P. Miraflores

Контроверзните одлуки на Врховниот суд на Венецуела треба да бидат уште еднаш преиспитани, соопшти националниот Совет за одбрана. Телото со кое претседава претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, по кризната седница соопшти дека од судот е побарано да ги преиспита одлуките за обезвластување на парламентот и укинување на имунитетот на пратениците, со цел да се одржи „институционалната стабилност и рамнотежата на столбовите на власта во државата“.

Мадуро во телевизиски говор оцени дека кризата предизвикана од пресудите е „надмината“. Судот ќе ги „разјасни и корегира“ своите одлуки, потенцираше претседателот.

Обезвластувањето на парламентот, кое наиде на жестоки критики во меѓународни рамки, беше критикувано и во сопствените редови. Вчера државната обвинителка Луиза Ортега Диаз оцени дека потегот на Врховниот суд е „прекршување на Уставот“. Изјавата беше невообичаена, со оглед на тоа што владејачките социјалисти досега се обидуваа со сите сили нанадвор да прикажат дека се единствени.

Venezuela - Proteste gegen President Nicolas Maduro
Протести на опозицијата во Каракас, 31.03.2017Фотографија: picture alliance/AP Photo/F. Llano

Врховниот суд во Каракас во август 2016 година донесе одлука дека опозициското мнозинство во парламентот не е во согласност со законот, поради тројца пратеници, чиј мандат беше суспендиран поради сомневања за изборна измама. Во средата судот одлучи да му ги одземе компетенциите на Националното собрание и да ги пренесе врз себе. Освен тоа, судот го укина имунитетот на пратениците. Тој го обвини парламентот за непочитување и недоволна соработка со останатите столбови на власта во државата. Судот инаку го предводи контроверзен социјалист, кој веќе бил осудуван.

Со ваквата пресуда претседателот Мадуро, кој е спорен и во сопствените редови, би добил огромна моќ. Меѓутоа, не е јасно дали војската и натаму комплетно стои зад Мадуро. Опозицијата, која има значително мнозинство во парламентот, за денеска повика на масовни демонстрации. Таа го обвини Мадуро за „пуч“.

Голем број држави го критикуваа вртењето грб на уставниот поредок во Венецуела. Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт изјави: „Неподносливо е како претседателот Мадуро го прави населението во својата земја заложник на своите амбиции за моќ.“ Перу трајно го отповика својот амбасадор, Колумбија и Чиле пак ги повикаа своите амбасадори дома на консулатии. Венецуела располага со огромни резерви на нафта и е важна регионална сила во Јужна Америка.