1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Герлиц, мора да има последици

Кај-Александер Шолц
17 јуни 2019

Во вториот круг од изборите АФД не успеа да го протурка својот човек за градоначалник на Герлиц. Но некои прашања остануваат отворени. Одговорите мора да стасаат брзо, смета Кај Александер – Шолц.

https://p.dw.com/p/3KaRb
Görlitz - Sebastian Wippel AfD-Landtagsabgeordneter und Oberbürgermeisterkandidat
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert

„Повторно се добро се заврши!" Сигурно многумина во Германија ќе го кажат ова откако кандидатот на Алтернативата за Германија (АФД) не успеа да стане градоначалник на Герлиц. Но, тоа не е крај за проблемите, бидејќи резултатот беше тесен: сепак 45% од избирачите гласаа за АФД. Но, за таков тесен резултат мораше да се обединат сите сили. За да се запре Себастијан Випел, потребна беше соработка на сите останати партии, од наследниците на мирната револуција внатре во ЦДУ, до наследниците на ДДР диктатурата собрани околу Левицата. Освојување на власта беше главен приоритет кој ги засени сите останати убедувања. Тоа нема баш лесно да пројде кај базата на ЦДУ. Притоа на овие избори не стануваше збор само за локалното ниво: изборите во најисточниот град на Германија отвораат далеку пошироки прашања.

Сите против еден?

Алтернативата за Германија во регионот околу Герлиц на општинско ниво, а и во градските и општинските совети од неодамна е најсилна политичка партија. Изборите се оддржуваат на пет години. Новиот „реон под контрола на АФД“ се протега долж цела германско-полска граница, се до Берлин и на север до Балтичкото море. Победата на кандидатот на ЦДУ во Герлиц речиси и да не влијае врз фактот дека АДФ е на добар пат на истокот од Германија да стане “народната“ партија за која гласаат од 20 до 30 проценти од гласачите. На претстојните покраински избори кои се закажани наесен, АФД сигурно ќе стане најсилната политичка опција во најмалку две покраини. За да се состави влада без нив, ќе биде неопходна коалиција од три до четири партии. Слична на онаа што е формирана во Герлиц. Веќе сега се насетува дека ЦДУ ќе мора да соработува со Левицата.

Scholz Kay-Alexander Kommentarbild App
Кај-Александер Шолц

Меѓу оние кои ја паметат ДДР уште сега се зборува подбивно за “партите од блокот“. Во ДДР имаше некои алиби партии, односно партии без сопствен профил чија задача беше да ја штити диктатурата креирајќи привид на демократија. Одлуките секогаш ги носеше мнозинската партија – Единствената социјалистичка партија на Германија, СЕД. Иако ваквата историска споредба е погрешна, таа сепак покажува загрижувачки јаз меѓу граѓаните и партиите. По покраинските избори целта ќе биде да се запре АФД, што според сегашните очекувања тоа значи да се игнорира најсилната политичка партија. Тоа пак го наметнува прашањето, што ќе го замени старото демократско начело дека најсилната партија победува или ги предводи разговорите за формирање на владина коалиција?

Да се избегне натамошна поларизација

А, тоа се други прашања. Што е со натпреварот меѓу партиите со оглед на нивните профили ако тие се одречат од нивните сопствени цели и кандидати за да спречат некој друг во подемот? Дали е тоа тогаш коректно соочување на мислења?
И може ли тоа долгорочно да биде добро? Зарем не постои опасност дека изборите може да бидат доведени во прашање и да се загуби легитимитетот? Ако на пример, а таков предлог веќе кружи, се бира се додека резултатот не им одговара на некои партии?
Се разбира Германија има посебна историска одговорност, никогаш повеќе фашизам, никогаш повеќе диктатура! Но, зар не треба баш заради тоа сите да сме заинтересирани да негуваме жива демократија? Оној кој светот го дели на „добри“ и „лоши“, што за жал се почесто се случува во политичката трка, тој се движи во погрешен правец. Таа дихотомија потсетува на старите германски бајки. Изгледа е слабоста на Германците од тоа да развиваат политичка романтика. Но, таму има премногу емоции и премалку студени глави и подготвеност на компромис. Наместо тоа, се доаѓа до поларизација и создавање непријателски табори. Така исчезнува вербата во демократската политика.

Потребен е нов пристап

Тоа што во Герлиц „сепак се се заврши добро“ не може да го прикрие политичкиот земјотрес кој го доживува толку долго време стабилната Германија. Со тоа не се мисли само на АфД, туку и на заслабувањето на традиционалните партии СПД и ЦДУ и речиси бајковитиот подем на Зелените. На демократијата од тие причини и се потребни храбри политичари кои ќе размислуваат и делуваат на нов начин. Како би било на пример со реални дебати за грешките и визиите? Грешки и пропусти како на пример фактот дека во Герлиц до денес не може да се стигне ниту со воз, ниту со авион. За тој наводно „европски град“ тоа е доказ за неуспех. Зошто во предизборната кампања речиси воопшто не се зборуваше за визиите за тоа како град на тромеѓето на Германија, Чешка и Полска навистина може да се уреди како потполно ново место за соработка? Тоа што сега победи кандидат на ЦДУ со романско потекло можби и можеше да потикне таква отворена расправа. А, како би било со ренесанса на реалната политика? Има доволно горливи проблеми. Кога тие би се ставиле во центарот на вниманието тоа би можело да ја одземе емергијата на поларизацијата. Данска, на пример затоа се обидува со малцинска влада. А, зошто да не? Во Германија тоа би можело да помогне да се затворат политичките ровови кои се протегаат низ цела земја, се до Герлиц.