1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По вториот круг - неизвесно трето полувреме

1 ноември 2021

Легитиметот на власта е сериозно нарушен, и најдобро е, не само за опозицијата туку и за власта, да бара потврда за својот политички концепт на нови избори, оценува Марјан Ѓорчев.

https://p.dw.com/p/42QG9
Pressekonferenz der Nordmazedoniens Premierminister Zoran Zaev nach den Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Победата на опозициската ВМРО-ДПМНЕна локалните избори, како што се насетувше и меѓу двата изборни круга, ги предизвика првите последици за централната власт. Оставката на Зоран Заев на лидерската, но пред сѐ, на премиерската функција, е главна вест во земјата и регионот, со потсетување дека само пред една година ја добил довербата на парламентарни избори. И самиот Заев на синоќешната прес- конференција изрази разочараност што мнозинството од граѓаните гласеле за истите луѓе и политичари што неговата прогресивна политка ги поразила и пред четири години. Тој порача дека „ред е граѓаните да подржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки, но историски важни одлуки за добра иднина на својот народ и државата, без притоа тие политичари да се водат од својот политички рејтинг или да водат грижа за својата политичка фотелја“.

Зошто гласачите не одговорија на повикот на Заев гласачите да ја гледаат „големата слика“? Што го предизвика големиот пораз на социјалдемократите? Поранешниот амбасадор Марјан Ѓорчев, смета дека македонските граѓани на овие избори докажале оти имаат истенчено чувство за детектирање на разликата меѓу вистинска понуда за подобрување на условите во нивните општини, и мимикријата со порака за вредностите на „демократските прогресивни сили на државно и локално ниво”, што ја пласирала актуелната власт.

„Пораката на СДСМ и премиерот Заев во изборната кампања за поврзаноста на државната и локалната политика, потценувањето на здравата народна логика што е добро, а што е лошо во Македонија, ги наведе граѓаните референдумски да го казнат СДСМ за неисполентите ветувања во изминатите четири години, како на државно, така и на локално ниво. Незадоволството беше изразено како народен гнев од непочитување на македонскиот суверенитет на меѓународен план и носењето нетранспарентни одлуки во внатрешната и надворешна политика на државата, врз база на партиско-хиерархиски, личен, семеен и клиентилистички интерес на мала група на луѓе од раководството на СДСМ и ДУИ. Сите ветувања за реформи, намалување на надворешниот и јавниот државен долг, борбата против корупцијата и криминалот, кои беа алатка за рушење на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски од власт во 2017 година, како бумеранг се насочија кон СДСМ и Заев, затоа што несмасното поврзување на локални избори со неуспешниот концепт на практикување на извршната власт во периодот 2017-2021 година, беше клучниот момент македонските граѓани конечно да се охрабрат и да и одговорат на власта со решително одбивање за нивна натамошна подршка“, оценува Ѓорчев.

Зоран Заев поднесе оставка на премиерската функција и на претседателското место во СДСМ
Зоран Заев поднесе оставка на премиерската функција и на претседателското место во СДСМФотографија: Nikolay Doychinov/AFP

Пред нов избор

Но, главните „избори“ допрва претстојат. Заев вчера потенцираше дека и покрај оставката, смета дека не треба да има вонредни парламентарни избори.

„Претстојат одлични и неповторливи 2,5 години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот наш народ и државата. Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам да се реорганизира нова Влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено“, порача Заев. 

Но, дали започнатиот бран на промени ќе мотивира или ќе демотивара окрупнување на актуелното мнозинство и нови избори? Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, токму на тој аспект му обрна внимание во синоќешното обраќање.

„Во однос на ново мнозинство, оставете времето да ви одговори на многу работи. Власта е делегитимирана и таа е новата реалност која очекувам со тек на времето да се манифестира и во парламентот. Но најдобро би било тоа да биде преку предвремени избори“, рече Мицкоски.

Извори од опозициската партија велат дека новото мнозинство можеби треба да се „прочита“ меѓу партиите на кои Мицкоски синоќа им се заблагодари за поддршката.

„Благодарност до политичките партии коишто не подржаа, како Алтернатива, Алијанса за Албанците, благодарност до Левица на Димитар Апасиев. Затоа што сите заедно срушивме бариери, докажавме дека еден широк опозициски фронт е возможен. Покажавме дека и покрај разликите сепак можеме да се обединиме околу заедничка цел (...) Благодарност и до коалицијата на ЛДП и ДОМ што одлучија на најдемократски начин да остават на гласачите да одлучат по сопствена волја. Ние тоа високо го вреднуваме и почитуваме“, рече Мицкоски.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ ја прослававува на победата на локалните избори
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ ја прослававува на победата на локалните избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ќе има ли репозиционирање?

ДОМ и ЛДП кои се дел од владејачката коалиција заедно имаат тројца пратеници, а четири има владејачката Беса. Таа пред изборите искажа лојалност кон стабилноста на владејачкото мнозинството, но до победа во Тетово стигна и со поддршка на опозициските партии, па растат сомневања дали и на кој начин би можела да ја искаже благодарноста за тоа. На овие аспекти се осврнува и Ѓорчев.

„Согласно Уставот на Македонија (член 93), секоја оставка на премиер претпоставува гласање за доверба на владата во Собранието. Тоа може да значи и тектонски поместувања во актуелното владино мнозинство, кое после битката помеѓу ДУИ и Беса во Тетово, навестува можни флуктуации на дел од пратениците од партиите од албанскиот политички блок, но и од партиите ЛДП, ДОМ и ДС, како и нивен обид да се репозиционираат во односот кон опозицискиот блок. Секогаш е можен компромисниот предлог за широка коалициска влада, во која би влегле најголемите политички субјекти во актуелното Собрание, ова од причини што тоа е предлог на претставниците на меѓународната заедница во државата. Сепак, се чини дека политичките преговори помеѓу актуелната позиција и опозиција ќе имаат најцелисходен и делотворен епилог, доколку се дојде до решение за предвремени парламентарни избори, затоа што легитиметот на актуелната власт е сериозно нарушен со изборниот дебакл на локалните избори. И најдобро е, не само за опозицијата туку и за самата власт, да бара потврда за својот политички концепт на нови парламентарни избори“, оценува Ѓорчев.   

Иако засега изгледа дека решението е во тоа кој прв ќе успее да направи (ново или зголемено) мнозинство, според партиски извори, прашање на сериозна проценка е кој период е најповолен за остварување на опозициските цели, имајќи предвид дека актуелниот период е обременет со тешки предизвици (ковид и енергетската криза) кои не носат рејтинг, туку само може драматично да го стопат. 

Ново парламентарно мнозинство или предвремени избори?
Ново парламентарно мнозинство или предвремени избори?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Политиката - нечуствителна и сурова

Од ДУИ пред вториот круг стигнуваа оценки дека е избрзана најавата на Заев дека ќе даде оставка ако го изгуби Скопје.

„Заев не се кандидирал за градоначалник. Заев има 4 годишен мандат како премиер. Заев ја внесе земјата во НАТО, а мислам дека ќе дојдеме до решение и со Бугарија. Никако не смее да даде оставка. Државата има многу сериозни предизвици. Имаме владина програма. Имаме сериозни проекти кои сме ги ветиле. Затоа, не верувам дека ќе даде оставка“, изјавуваше Ахмети пред вториот круг.

Но, неговата прогноза не се оствари. Партиите од владејачката коалиција сега се пред анализи за сите последици од поразот, но и пред прашањето – ќе имаат ли легитимитет да продолжат во напорите за деблокирање на интеграциските процеси, ако еден од опозициските наративи за пораз на власта гласеше „казна за распродажба на националните интереси“.

Според поранешниот амбасадор, Нано Ружин, следните две и пол години треба да изминат токму во знакот на европските интеграции. Вели дека настрана од промашувања на градоначалниците, амблематичната СДСМ-овска болест „вообразеноста и арогантноста“, промашените изборни кампањи, емоциите, гафовите и пропустите на Заев, пандемијата и лошиот кадровски избор, политичките последици од поразот денес ги чуствува секој проевропски ориентиран граѓанин на државата.

 „Доколку сме зрели како народ, треба да се остават овие две и пол години да изминат во знакот на европските интеграции, на битката со Ковид 19. Патем толку оспоруваниот и критикуван Филипче некако подобро си ја заврши работата отколку нашите соседи кои достигаат стравични рекорди во смртноста и ширењето на болеста. И на крај независно што ќе биде со Зоран Заев, дали тој конечно ќе се повлече од политиката или не, треба да му се признае дека беше човек со европска визија, со храброст и решителност, човек кој го ризикуваше и сопствениот живот како никој од досегашните премиери на нашата млада демократија. Можеби Македонија не е свесна дека заминува една историска личност која ја придвижи државата кон ЕУ, можеби некои ќе зажалат за сопствената политичка миопија, но така е со политиката. Таа е непредвидлива, нечуствителна и сурова“, констатира Ружин.