1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна судењето за контроверзното убиство на Немцов

Илја Ковал / Роман Гончаренко
4 октомври 2016

Во Москва почна судскиот процес во случајот со убиството на рускиот опозиционер Борис Немцов, кое предизвика многу контроверзи.

https://p.dw.com/p/2QpZp
Gedenken an den ermordeten Boris Nemzow
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Воениот окружен суд во Москва почна (03.10) со напрегнатост очекуваниот судски процес против осомничениот убиец на поранешниот руски вицепремиер и опозициски политичар, Борис Немцов. Процесот почна подоцна од планираното поради проблеми со поротниците. Десетици кандидати откажаа поради приватни причини.

Обвинението гласи „убиство“ и „илегална трговија со оружје“. Обвинетиот е соочен со најмалку осумгодишна казна затвор. Барањето на семејството на Немцов обвинението да гласи „обид за убиство на лице од јавниот живот“ не успеа. Во таков случај, најмала казна затвор би била 12 години.

Кој беше Борис Немцов?

Борис Немцов, роден во 1959 година во Сочи, беше еден од највлијателните и најискусни опозиционери во Русија. Врвот на својата политичка кариера го доживеа во 1990-тите, во времето на Борис Елцин. Немцов тогаш беше шеф на пратеничка група на една деснолиберална партија во парламентот и се искачи до функцијата вицепремиер. Кога Владимир Путин стана претседател, се намали и влијанието на Немцов. Последно тој беше копретседател на новата опозициска партија ПАРНАС.

Немцов беше жесток критичар на Путин и постојано јавно го напаѓаше шефот на Кремљ. Нападите особено беа чести по анексијата на Крим од страна на Русија.

Убиство

Подготовките за убиството на Немцов, според обвинителството, почнале во септември 2014 година. Немцов бил следен со месеци, дури и во последните часови од животот.

Убиството се случи во срцето на Москва, неколку дена пред да се одржат големи демонстрации на опозицијата. На 27 февруари 2015 година, во доцните вечерни часови, Немцов бил на пат за дома, пеш и во придружба на своја пријателка. Патот го водел преку мостот кој е во непосредна близина на Кремљ. Околу 23:30 часот, според истрагата, Немцов на мостот бил претекнат од Саур Дадајев. Дадајев, поранешен заменик командант на полицискиот баталјон „Север“ од руската република Чеченија, во Немцов пукал од пиштол најмалку шест пати. Политичарот бил погоден од четири куршуми и починал на лице место.

Обвинети

На обвинителната клупа сега седат петмина Чеченци, меѓу кои и Дадајев. Повеќето се поранешни полицајци, а дел од нив се и во меѓусбени роднински врски. Тие беа уапсени релативно брзо по убиството. Шестиот осомничен, според полицијата, си го одзел животот при апсењето. Повеќето осомничени прво го признаа убиството, а подоцна изјавија дека дале признание под присила. Сега тие негираат дека го убиле Немцов.

Налогодавач на убиството, според истрагата, е Чеченецот Руслан Мухидинов, исто така поранешен полициски офицер. Тој „заедно со други неидентификувани лица“ им ветил на осомничените најмалку 15 милиони руски рубљи (околу 214.000 евра) за убиство на Немцов. Мухидинов е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница. За неговите мотиви не е познато ништо. Постапката против Мухидинов се одвива посебно и не е дел од актуелниот судски процес.

Screenshot Interpol Verdächtiger Ruslan Muchudinow
По Мухидинов е распишана меѓународна потерницаФотографија: interpol.int

Други траги

Адвокат на семејството Немцов е уверен дека Мухидинов не е единствениот налогодавач. Затоа е важно да се идентификуваат и другите извршители и луѓе од позадина, вели тој. Дел од трагите, според медиумски извештаи, водат до уште еден командант на полицискиот баталјон „Север“ - Руслан Геремејев.

Геремејев, како што за ДВ изјави адвокатот на семејството Немцов, Вадим Прохоров, би можел „навистина да е еден од организаторите на убиството“. Но, Геремејев во моментов е само сведок.

Во Русија се шпекулира околу можноста траги од убиството да водат во високи кругови во Чеченија. Семејството Немцов се обиде да издејствува како сведок да биде поканет и шефот на Републиката, Рамзан Кадиров, но во тоа не успеа. Прохоров е уверен дека вакво сведочење би можело да придонесе за расчистување на убиството.