Ин мемориам: Егон Бар
20 август 2015„Германските социјалдемократи и многу луѓе во Европа тагуваат по еден „смел, искрен и голем социјалдемократ, архитект на германското обединување, мирољубив политичар и Европеец“, изјави Зигмар Габриел, претседател на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на веста за смртта на Егон Бар. Бар почина од инфаркт на 93-годишна возраст. До последен момент Бар, според зборовите на Габриел, бил постојано лојален и неуморен советник на СПД. „Многу ќе ни недостасува неговата аналитичка брилјантност, неговата рационалност и страст, но и неговиот темперамент и хумор“, нагласи Габриел.
Човек кој го промени текот на историјата
Сојузниот претседател Јоахим Гаук го означи Бар како „значаен политички актер во германската повоена историја“, кој ги „креира и им даде белег“ на односите на Сојузна Република Германија со Германската демократска Република и со другите држави на Варшавскиот пакт.
Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер нагласи дека „претставите на Бар за радикално нова источна политика буквално го променија текот на историјата и го овозможија германското и европското обединување“.
Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент и сопартиец на Бар, го означи починатиот како смел борец за мир, слобода и разбирање во Европа, кој „заедно со Вили Брант ги промени Германија и Европа и испиша историја“.
Наместо „политика на сила“, принципот „промена преку приближување“
Ако поранешниот германски канцелар Вили Брант го сметаат за „татко“ на новата германска политика кон Истокот по 1969 година, тогаш Егон Бар, пријател и соборец на Брант, беше нејзин архитект. Речиси и немаше некоја важна рунда на преговори во тогашниот дијалог Исток-Запад на која не учествуваше Бар. Тој и’ го даде и визионерското мото на таа политика: „Промена преку приближување“, што го формулира уште во 1963 година како наслов на еден говор.
Бар уште во 60-тите години му се спротивстави на тогаш важечкиот постулат за „Политика на сила“ на Западот спрема Источниот блок под водство на тогашниот Советски Сојуз. Тој беше убеден дека промените кај другата страна во блоковската конфронтација можат да уследат само долгорочно и во форма на многу мали чекори, во клима на попуштање на затегнатоста - и исклучиво со согласност на Москва.
Од 1970. година таа политика доведе до договорите на тогашната Западна Германија прво со Советскиот Сојуз, а потоа и со другите источноевропски држави, на крајот и со тогашната Источна Германија (ГДР). Многумина историчари во таа политика гледаат важен темел за подоцнежната политика на „гласност и перестројка“ на советскиот лидер Михаил Горбачов, како и за пресвртот во ГДР во 1989.
Активен до последен момент
Некогашниот новинар Егон Бар, роден на 18. мај 1922 година во Трефурт во покраината Тирингија, политичката кариера ја започна во 1960. година кога Вили Брант, тогаш градоначалник на Берлин, го доведе за портпарол на сенатот на градот-покраина. Кога СПД во 1966 година влезе во големата владина коалиција со ЦДУ, Бар стана специјален амбасадор и де факто раководител на штабот за планирање во министерството за надворешни работи. Откако во 1969. година Брант стана канцелар, тој го назначи Бар прво за државен секретар во својот кабинет, а од 1972. за сојузен министер со посебни задачи. По оставката на Брант поради шпионската афера со Гинтер Гијом (тогашен личен советник на канцеларот, кој беше разоткриен како источногермански шпион - н.з.), Бар остана во владата на канцеларот Хелмут Шмит како министер за економска соработка, но веќе без толкаво влијание како дотогаш.
Бар до крајот на животот не се воздржуваше од тоа да се јави за збор со критички забелешки, настапуваше во јавноста, учествуваше во телевизиски ток-шоу програми. И во последниве години се обиде во фонот на случувањата во Украина да го пренесе својот стар концепт за меѓусебен респект во односите со Русија, но му беше префрлено за некритички однос спрема претседателот Путин.