Се почести симптоми на пост- Ковид синдром кај оздравените
4 февруари 2021Ребека има 25 години: млада и здрава жена без никакви болести. Кога се зарази со коронавирус во април минатата година, таа успеа брзо да се справи со болеста. Само две недели подоцна, младата жена, која е социјален педагог по професија и работи во сиропиталиште, се враќа на работа. „Не можев без своите деца“, вели таа.
Симптомите на пост-Ковид синдромот
Но, пет месеци подоцна, сè се смени: Ребека почнува да се задишува додека се качува по скали, се чувствува многу исцрпено и има потешкотии во концентрацијата. Матичниот лекар ја испраќа да посети пулмолог, кардиолог и невролог. Дополнителните анализи укажуваат дека Ребека има воспаление на срцевиот мускул. Покрај тоа, нејзиното лево белодробно крило сè уште е сериозно погодено од болеста.
„Никогаш не верував дека млада и физички активна личност како мене може да страда толку тешко од овој вирус“, вели 25-годишната девојка. Денес, Ребека знае дека страда од т.н. пост-Ковид синдром. Така научниците во Германија ги нарекуваат симптомите кои остануваат или се појавуваат и три месеци по заболувањето. Во британското говорно подрачје синдромот се нарекува „долг-Ковид“.
„Кај некои пациенти проблемите се јавуваат и до шест месеци по заболувањето, а проблемите понекогаш се толку тешки што мора да бидат хоспитализирани“, вели Ремберт Кочула, пулмолог на специјалната Клиниката за рехабилитација на Ковид- пациенти. Типични симптоми на пост-Ковид синдромот се хроничен замор, проблеми со срцето и концентрацијата, отежнато дишење и кашлица. Истражувачите наведуваат и студија од кинескиот град Вухан, која покажала дека три четвртини од пациентите имале проблеми и шест месеци откако биле отпуштени од болница. Дополнително, многу пост- Ковид пациенти страдаат и од психички проблеми- некои од нив честопати се срамат и се обвинуваат себеси доколку несвесно заразиле некој друг во својата околина.
Не е познато колку луѓе во Германија кои страдале од Ковид-19 го развиле пост-Ковид синдромот. Една од причините за ова е што доцните ефекти на болеста не се регистрираат од институтот Роберт Кох, а сите преживеани се сметаат за излекувани. Друга причина е што многу од засегнатите дури и не знаат дека страдаат од пост-Ковид синдром.
За време на првиот бран минатата пролет, лекарите се фокусираа главно на проблемите со белите дробови. „Денес, сепак, знаеме дека ни треба поширока дијагноза", вели пулмологот Ремберт Кочула. Бидејќи болеста може да влијае и на срцето, бубрезите, мозокот и крвните садови.
Во прв ред хроничниот замор е еден од најчестите симптоми. Кочула им порачува на матичните лекари да ги испраќаат пациентите кај соодветниот специјалист.
Пост-Ковид синдром кај 50% од пациентите
„Да се излечите не мора да значи дека сте и оздравени“, предупредува доктор Јордис Фромхолд од Клиниката за медицина во Хајлигендам. Според д-р Фромхолд, до 50 проценти од пациентите во клиниките подоцна развиваат пост-Ковид синдром.Во Германија веќе се појавија т.н. Ковид- амбуланти, во кои лекари- специјалисти прегледуваат пациенти со такви симптоми и, доколку е потребно, ги упатуваат на соодветно лекување. Такви центри веќе постојат во градовите Кил, Хамбург, Хановер, Јена и Минхен.