1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поранешниот премиер на Каталонија уапсен во Италија

СН/агенции
24 септември 2021

Карлес Пуџдемон во 2017 година ја предводеше кампањата за независност на Каталонија од Шпанија и затоа властите во Мадрид по него распишаа меѓународна потерница.

https://p.dw.com/p/40ml9
Carles Puigdemont Akkreditierung EU-Parlament
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Seco

Италијанската полиција на Сардинија го приведе лидерот на каталонските сепаратисти, Карлес Пуџдемон, се наведува во соопштението од неговата канцеларија.

Тој е приведен вчера, откако попладнето од Брисел отпатувал во градот Алгеро на Сардинија, за да присуствува на меѓународната изложба „Адифолк“ и се сретнал со регионалниот шеф на Сардинија и со народниот правобранител.

„Кога стигна на аеродромот Алгеро, го запре италијанската гранична полиција. Утре ќе му бидат ставени на располагање судиите од апелацискиот суд во Сасари, кој е е надлежен да одлучи дали ќе го пушти или ќе го екстрадира“, се наведува во соопштението од канцеларијата на Пуџдемон.

Неговиот адвокат Гонзало Боје на Твитер потврди дека Пуџдемон се наоѓа во притвор, наведувајќи дека тој е спроведен врз основа на европскиот налог за апсење од 14 октомври 2019 година, кој, според неговите зборови, „со осуда од Европскиот суд на правдата, е суспендиран“.

Пуџдемон беше предмет на европскиот налог за апсење кој го издаде Шпанија и која бара негова екстрадиција поради неговата улога во организирање на референдумот за независност на Каталонија.

Шпанија го обвини Пуџдемон за бунт тврдејќи дека помогнал во организирање на референдумот за независност во 2017 година, кој шпанските судови го прогласија за нелегален.

Во март Европскиот парламент му го одзеде имунитетот на Пуџдемон, кој го уживаше како член на овој парламент од 2019 година. Пуџдемон живее во егзил во Белгија.