Повторно рестрикции за луѓето кои влегуваат во Германија?
29 јуни 2021Хелге Браун, шефот на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, за јавниот сервис АРД и ЦДФ изјави дека не исклучува дополнителни, можеби и задолжителни тестирања, заради запирање на ширењето на Делта сојот на коронавирус. Тој го оцени за погрешно разбран ставот на владата во однос на заострените правила при патување. „Во никаква форма не се изјаснивме против заострени правила“, изјави Хелге. Германија со двонеделниот карантин за повратниците од областите каде е раширен Делта сојот веќе има построги правила во европски рамки. „Слабата точка е што другите земји во Европа тоа не го прифаќаат“, истакна Хелге.
Во Германија сѐ погласни се барањата за построга контрола на германските туристи кои од одмор се враќаат во земјата. Брзото ширење на Делта мутацијата во Германија е причина поради која сѐ повеќе покраински премиери инстистираат на заострување на правилата во однос на тестовите и карантинот за луѓето кои влегуваат во земјата.
„Контроли по принципот на случајни примероци кои моментно ги спроведува сојузната полиција, не се доволни“, вели берлинскиот градоначалник Михаел Милер. Неговиот колега од Хамбург, Петер Ченчер го критикуваше фактот дека според постојните правила, за повратниците од ризични подрачја е доволен еднократен брз антиген тест за да избегнат карантин:
„Тоа не е сигурно", изјави Ченчер за весникот „Велт“, додавајќи дека сите повратници од корона-ризични и подрачја со висока инциденца кои не се вакцинирани, автоматски мора да одат во самоизолација, која би можеле да ја прекинат само со негативен ПЦР-тест најрано по пет дена поминати во карантин.
„Не сакаме враќање на опасноста...“
Слично разислува и берлинскиот градоначалник: „Контроли за тоа кој има негативен тест се можни уште при влезот во Германија, а потоа треба повторна контрола по одреден период поминат во карантин, како проверка дали некој навистина е негативен“, објасни Милер за ЦДФ: „Убаво е кога луѓето можат да одат на годишен одмор, но не сакаме со нив во Германија да се врати и опасноста.“
Уште пред тоа баварскиот министер за здравство Клаус Холечек побара интензивно контролирање на туристите на границите, првенствено дали имаат тестови, односно потврди за вакцинирање. Идејата ја поддржа и премиерот на Долна Саксонија, Штефан Вајл: „Изричито го поддржувам барањето за вршење контроли на границите, односно луѓето кои влегуваат да имаат свеж негативен тест на коронавирус. Токму по ова прашање досега имаше недостатоци“.
И Вајл бара двојно тестирање за сите повратници кои не се целосно вакцинирани- пред влез во Германија, односно во текот на карантинот. „Дури и во земји со релативно ниска инциденца постои опасност да се дојде во контакт со други туристи кои се инфицирани со значително позаразната Делта-варијанта“, укажува Вајл.
Повеќе:
Германското МВР за ДВ потврди: Слободен влез за македонските граѓани од 20 јуни
Лето, сонце - четврти бран на коронавирусот?
„Бајката“ на министерот Шпан: Балканците им го донесоа вирусот на Германците
Премиерката на покраината Мекленбург-Предна Померанија, Мануела Швезих претходно предупреди: „Патувањата во странство не смеат да доведат до тоа да се инфицираат повторно поголем број луѓе и вирусот да го донесат дома“.
Сојузната влада редовно ја следи актуелната ситуација во странство и притоа прави разлика меѓу подрачја во кои доминира загрижувачка вирусна варијанта, подрачја со многу висока инциденца (повисока од 200), како и ризични подрачја со инциденца над 50
Актуелни правила за повратниците од патување
Според моментните правила, пред влез во Германија мораат да се тестираат луѓето кои доаѓаат, односно се враќаат од земји кои се наоѓаат на една од тие листи, а сите останати мора да покажат негативен тест. Поради падот на бројот на нови инфекции, во последно време многу туристички дестинации се „избришани“ од листата на ризични, односно подрачја со висока инциденца.
Сите повратници од тие земји (кои патуваат на пример со автомобил) засега при враќањето во Германија не мора практично да внимаваат на никакви ограничувања. За сите оние кои се враќаат со авион, сепак постои генерална обврска за тестирање при повторното стапнување на германска територија.
Сите патници со авион, без оглед дали се враќаат од корона-ризично подрачје или не, пред влез во авион мора да покажат или негативен тест или потврда дека се комплетно вакцинирани, односно потврда дека прележале Ковид-19.