1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поплави со жртви во Авганистан

Александар Методијев/афп/бета/ап7 јуни 2014

Повеќе од 50 лица загинаа во поплави на северот на Авганистан, информираа денеска (07.06.) провинциските власти. Илјадници луѓе беа принудени да ги напуштат домовите, соопшти локалната полиција.

https://p.dw.com/p/1CEDS
Фотографија: DW

„Обилните врнежи беа проследени со брзи поплави, кои убија повеќе од 50 лица во областа Гузарга-и-Нур, во провинцијата Баглан“, информираше Махмод Хакмал, портпарол на гувернерот на провинцијата.

Поплавите збришаа стотици куќи. Поручникот Фазел Рахман, шеф на полицијата во оваа област и провинција, рече дека многумина се водат како исчезнати. Тој рече дека бројот на жртвите би можел да достигне стотина и побара итна помош од федералната влада.

„Досега никој не дојде да ни помогне. Луѓето се обидуваат да си ги најдат своите исчезнати од семејствата“, рече Рахман, додавајќи дека полициските сили во таа област се преоптоварени од големината на катастрофата.

Портпаролот на провинциската полиција Цавед Башарат рече дека полицијата била свесна за поплавите, ама и’ требале осум до девет часа за да стигне до поплавените подрачја, кои се наоѓаат во оддалечен планински регион.