Поништен е тендерот за хидроцентрали на Црна река
3 декември 2008Пропадна најголемата можна германска директна инвестиција во Македонија. Германските инвеститори, РВЕ, според кажувањата на нивните овдешни претставници се збунети и разочарани, бидејќи од април, кога беа отворени понудите, досега чекаа без објаснување за одложувањето, за сега да добијат информација дека тендерот ќе се повторува. Официјално се‘уште не сакаат да го коментираат ваквиот развој на настаните и најавуваат став во наредните денови. Министерот за економија Фатмир Бесими им се извини на понудувачите.
Најважна е сигурноста
Освен германски РВЕ , на тендерот се пријави и австриски Вербунд, но според првичните оценки понудата на Германците била поповолна. Германските компании, кои веќе работат во Македонија, постојано повикуваат дека најважно за странскиот капитал е сигурноста и извесноста во законите и во проектите. Оттука се изненадени зошто владата си дозволува ваков луксуз, по седум месеци молк да ги одбие можните инвеститори со неуверливо обајснување за пропусти во тендерската постапка. Македонија не смее да пропушти 700 милиони евра за значаен проект во енергетиката во услови на глобална криза, кога инвеститорите се‘ повеќе се воздржуваат од вложувања. Новиот тендер за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ ќе биде објавен на почетокот од идната недела.