1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помпео треба да даде исказ во импичментот против Трамп

ЖА
28 септември 2019

Американскиот министер за надворешни работи Помпео е замолен на Конгресот да му достави документи околу разговорите на претседателот Трамп со Украина. Поканата е дел од процесот за отповикување на Трамп од функцијата

https://p.dw.com/p/3QOUQ
USA US-Außenminister Mike Pompeo
Фотографија: Getty Images/E. Munoz Alvarez

Демократите во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес од државниот секретар за надворешни работи Мајк Помпео побарале доставување документи за украинската афера. Документите се дел од истрагата за евентуеално одземање на функцијата на претседателот Доналд Трамп, се вели во писмо на претседателите на комитетите на Конгресот за надворешни работи, тајните служби и надзор. Првите луѓе на комисиите потсетуваат дека Помпео веќе пропуштил два рока, без да ги приложи документите. Сега му е одреден нов рок од седум дена. Покрај Помпео, поканети се уште пет соработници на Министерството за надворешни работи, кои треба да бидат сослушани во следните две недели.

Во меѓувреме ТВ СиЕнЕн јави дека американскиот специјален претставник за Украина, Курт Волкер, поднесол оставка на функцијата. Тој спаѓа во петте лица кои, освен Помпео, треба да дадат исказ. Медиумите претпоставуваат дека Волкер е вмешан во украинската афера. 

Повеќе:

Што точно разговарал Трамп со Зеленски?

Трамп - прекршување на уставот или лов на вештерки?

Што се крие зад аферата Трамп против Бајден и притисокот врз Украина?

Демократите во Претставничкиот дом во вторникот најавија постапка за импичмент против Трамп, сомничејќи го за злоупотреба на службената положба и ставање под притисок на својот украински колега Володимир Зеленски при нивен телефонски разговор.

Трамп во разговорот, извршен на крајот на јули, инсистирал украинските служби да отворат истрага против Хантер, синот на Џо Бајден, кој е еден од претседателските кандидати на Демократите за изборите во 2020 година. Евентуелни компромитирачки информации би му биле од корист на Трамп во изборната трка. Телефонскиот разговор меѓу Трамп и Зеленски на јавноста ѝ стана познат преку интерна жалба на анонимен соработник на тајните служби. Информантот истовремено ја обвини Белата куќа за обид за прикривање: блиски соработници на американскиот претседател се обиделе сите факсимили на разговорот да ги водат под клуч, како службена тајна.

Самиот Трамп ги отфрла сите обвинувања, слично како и во претходната афера околу Русија и нејзиното вмешување во претседателските избори во САД во 2016 година, означувајќи ги за „лов на вештерки“ и кампања на медиумите. Од аспект на Трамп, информантот кој ја разоткри аферата, дејствувал речиси како шпион. Оваа изјава, дадена на состанок со американски дипломати, Трамп ја заокружил со реторичко прашање: „Знаете што правевме порано, кога уште бевме разумни, нели?  Со шпионите и предавството постапувавме поинаку отколку денеска“, на што присутните се изнасмеале. Порано шпионите во САД беа осудувани на смртна казна.