1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полињата со марихуана- нова локација за политичка битка

24 јануари 2020

ВМРО-ДПМНЕ смета дека власта одбегнува професионален закон за Јавно обвинителство, за да се заштити бизнисот со марихуана. Од партијата најавија откривање на „голем скандал“.

https://p.dw.com/p/3WkSU
Hanfanbau
Фотографија: Imago Images/Chromorange

Расправата за законот за Јавното обвинителство која требаше да се одвива меѓу работните групи на власта и опозицијата, од зелена маса се сели на зелено поле. Ваквиот епилог станува се поизвесен откако вчера лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека „ниту прифаќа, ниту преговара за закон со кој ќе се амнестира криминал". Неколку дена претходно, Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, преку Фејсбук порача дека „на Заев не му одговара закон за Јавно обвинителство, меѓудругото, токму за да може да цвета бизнисот со марихуана и тоа да врви непроверено, а и неказнето".

„Има многу причини зошто криминално-рекетарската банда на власт одбегнува професионален закон за Јавно обвинителство, но еве јас ќе се задржам на една. Никој од обвинителството во моментов не се занимава со бизнисот со марихуана, каде јавна тајна е дека семејството Заеви и ним блиски луѓе, се длабоко навлезени. Што би се рекло, тие го држат пазарот. Истовремено, неколку пати по ред во Собранието се турка закон за проширени овластувања во однос на бизнисот со марихуана каде личен интерес имаат Заеви. Да не заборавиме дека едно од лицата во Србија, Колувија, кој е бизнис партнер на човекот што го градеше ‘Глобал', во соседната држава е уапсен за нелегално производство на марихуана", напиша Јанушев пред четири дена.

Лиценци за златната кокошка"

Во Македонија со закон е дозволено одгледување на канабис за медицински цели, а од производство на лекови од канабис државата очекуваше нови работни места и годишно најмалку 100 милиони евра прилив од извоз, проекција која досега тешко се остварува. Заев ги повика сите што можат да инвестираат во дејноста, а во бизнисот влегоа и блиски членови на неговото семејство.

Cannabis Anbau für die Medizin
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

На прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ марихуаната е редовно спомнувана во контекст на власта и Заев: „За да можат да се полнат џебовите на кланот Заеви, пратениците од СДСМ брзаат да го изгласат Законот за опојни дроги во Собрание", „За кланот Заев најважни се полињата со марихуана", „Заев уценува избори со законот за марихуана"...

Пред три дена Јанушев посочи дека суштината многу подобро ќе се долови, доколку се погледне во компаниите кои добиле лиценца за производство и трговија на марихуана.

„Дали е точно дека за еден месец се дадени над десет, повторувам, над десет лиценци за производство на марихуана, пред се, на компании блиски до власта? Дали, меѓудругото, е вистина дека тука има компании блиски до Зоран Заев? Дали Зоран Заев овие лиценци ги дал на само неколку дена пред заминување од функцијата премиер, и тоа паралелно додека во Собранието турка закон за зголемени овластувања во трговијата со марихуана? Дали трговијата со марихуана е новата ‘златната кокошка’ и новиот ‘Глобал’ на семејството Заеви? Дали во Македонија покровители на нелегалното производство на марихуана се лица од највисоката власт?“, реторички праша Јанушев, најавувајќи повеќе детали во деновите што следат.

Вчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, во интервју за „Економски лидер“ најави дека тoj „сериозен скандал" ВМРО-ДПМНЕ ќе го објави денеска. Според Арсовски, станува збор за скандал кој открива дека власта на СДСМ и фамилијата Заеви личните интереси ги ставаат пред државните.

Клучна - деветата причина!

Со индициите што најави дека ќе ги обелодени денеска, опозициската партија испраќа порака до власта: дека во неа нема релевантен партнер за разговор за закон кој ќе обезбеди непристрасна и неселективна работа на Обвинителството. Мицкоски тоа го кажа и на вчерашната прес-конференција, на која се „збогуваше“ од можноста за преговори за законот.  

„Закон, со кој што ќе се амнестира криминал, ниту преговарам, ниту пак прифаќам. Со овој закон практично во тек на постапка се сака да се озакони она кое што незаконски беше направено односно преносот на процесите од СЈО во редовното ЈО. Ова не е закон кој треба да донесе правда, туку закон со кој се сака да се заштити хибридниот режим на Заев", обвини Мицкоски.

Повеќе на темата:

-Последното танго на власта и опозицијата

-Откриен таткото на големата лага

-А да ги заклучиме сите во Парламентот?!

Тој наведе девет причини поради кои партијата не се согласува со понуденото законско решение, од кои министерката за правда Рената Дескоска главната мотивација на опозицијата ја лоцираше во последната, деветата точка, која гласи: „Членовите во преодните и завршните одредби се противуставни и се во директна колизија со законот за кривична постапка, од причина што тој закон не го познава незаконското следење на комуникациите, а уште помалку т.н. кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, па оттука невозможно е обвинителството да ги интегрира тие дела во делокругот на својот прогон". 

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Според Дескоска, сите други осум забелешки се ставени со цел да ја замаскираат главната цел - дека клучен проблем им се предметите на СЈО.

„Проблемот е во надлежностите околу гонење на кривични дела коишто се поврзани и произлегуваат од незаконското следење на комуникациите - предметите на СЈО, и не само за покренати постапки, туку и за истраги и предистраги. Тука е всушност главниот проблем. Тие сега се трансферирани и не сакаат со новиот закон да се признае надлежност на Обвинителството за гонење на огранизиран криминал да продолжи да ги гони. Очигледно е дека ним таа надлежност им пречи“, изјави Дескоска за ТВ „24’.

Според министерката, од ВМРО-ДПМНЕ треба да се соочат со фактот дека трансферот на предметите од СЈО во Јавното обвинителство е завршена работа.

„Она што најмногу ме загрижува од целокупниот нивна прес-конференција, е дека тие бараат целосно да запрат постапките, односно да нема надлежност за гонење на кривични дела коишто произлегуваат и се поврзани со незаконското следење на комуникациите, а тоа е всушност запирање на сите постапки коишто беа покренати од СЈО“, истакна Дескоска.

Судбината на законот за ЈО сега зависи од тоа дали во парламентот ќе биде обезбедено двотретинско мнозинство, за да може тој да биде донесен и без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.