Подготвувала ли Москва пуч во Црна Гора?
20 февруари 2017Обвинителот Миливоје Катниќ изјави дека истрагата во наводниот обид за пуч од октомври минатата година за уривање на црногорската влада и спречување на земјата да му се приклучи на НАТО покажала дека „руските државни тела биле вмешани во одредено ниво“.
Денеска, портпаролот на рускиот претседател, Дмитри Песков ги отфрли ваквите обвинувања како „апсурдни“ и „неодговорни“.
„Не може да стане ниту збор за било какво мешање на руски официјални претставници во внатрешните работи на Црна Гора“, рече Песков. „Русија не се мешала и нема да се меша во внатрешни работи на други земји, и особено во Црна Гора со која имаме многу добри односи“.
Претходно, и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги демантираше таквите информации, оценувајќи ги како „неосновани обвинувања“ кои не се поддржани од „ниту еден факт“.
Околу 20 лица, повеќето српски државјани, беа уапсени во Црна Гора на изборниот ден во октомври минатата година под обвинение дека подготвувале државен удар.
Црногорскиот обвинител тврди дека лицето Едуард Шишмаков, наводен руски воен шпион, бил главен координатор на заговорот кој предвидувал преземање на зградата на парламентот во Подгорица, а подоцна и убиство на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ. Шишмаков и уште еден руски оперативец ја координирале акцијата од соседна Србија користејќи заштитени мобилни телефони и друга софистицирана шпионска опрема. Потоа им било дозволено да се вратат во Русија, иако српските власти ги откриле нивните активности.
Шишмаков бил заменик воено аташе во руската амбасада во Полска пред да биде исфрлен поради шпионажа во 2014 година, тврди Катниќ. Тој вели дека Шишмаков допатувал во Србија со пасош на друго име- Едуард Широков. „Јасно е дека пасошот на друго име не можел да биде издаден без вмешаност на руските државни структури“, вели Катниќ.