Повторно корона-кластер во кланица
18 јуни 2020Регионалните власти во германската покраина Северна Рајна Вествалија соопштија дека бројот на заразени со коронавирусот кој е поврзан со најголемата кланица во Германија во областа Гитерсло, пораснал на 657.
Според властите досега се тестирани 983 вработени во кланицата „Тенис“ во местото Реда-Виденбрик, од кои 326 теста се негативни.
Наредено е затворење на кланицата, како и изолација и тестирање на сите кои работат во комплексот на „Тенис“, со што околу 7.000 луѓе се наоѓаат во карантин.
Властите решија да ги затворат училиштата и градинките во регионот од денеска до почетокот на летниот распуст на крајот на месецот, но решија да не воведат пошироки мерки на рестрикција.
Повеќе:
-Германците му вртат грб на месото - нов начин на исхрана
-Стартува германската корона-апликација: Што ја прави подобра од другите?
-Пандемијата ја зголемува социјалната нееднаквост
Германската канцеларка Ангела Меркел ги пофали регионалните власти поради брзото затворање на училиштата во регионот.
Скокот на бројот заразени во кланицата „Тенис“ го зголеми бројот на заразени случаи во овој регион над прагот утврден за воведување вонредни мерки, кој изнесува 50 новоинфицирани на 100.000 жители на неделно ниво.
Весникот „Вестфален блат“ јави дека властите веруваат оти некои од случаите се „увезени“ од други земји преку странските работници (главно од Романија и од Бугарија) кои отишле да ги посетат семејствата кога беа ублажени граничните контроли.
Жаришта на коронавирусот се појавија во неколку германски кланици во последните недели поради што властите воведоа построги сигурносни мерки и привремено ги затворија погодените кланици.
Во цела Германија во последните 24 часа регистрирани се 580 нови случаи на Ковид-19, соопшти институтот Роберт Кох. Вкупниот број на досега регистрирани случаи изнесува 187.764. Во последното деноноќие од последиците на болеста починале 26 луѓе со што вкупниот број се искачи на 8856. Како оздравени се водат 174.100 луѓе.