1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе религија во турските училишта

Сенада Соколу/ А.Трајковска6 јуни 2015

Националниот совет за образование на Турција предлага опсежна образовна реформа. Меѓу другото за првоодделенците би требало да има исламска религиозна настава. Не само родителите спорат околу овие планови.

https://p.dw.com/p/1E6hp
Фотографија: Getty Images

Кога Ајтен има малку време, на своите четири деца им чита религиозни кратки приказни или сури од Коранот. 35 годишната верничка муслиманка, која не сака да го објави своето вистинско име многу сериозно го сфаќа религиозното воспитание на нејзините деца. Но како вработена мајка таа е под притисок на времето. „Работата и децата - тоа е тешко“, вели таа во разговор за ДВ.

Таа се радува на последните реформски планови на Националниот совет за образование на Турција: Тука спаѓа обврзувачка религиозна настава за сунитскиот ислам уште од прво одделение, наместо како досега од четврто одделение. Освен тоа наставата по религија од еден треба да биде проширена на два часа неделно.

Меѓу спорните препораки на Националниот совет за образование се вбројува и „воспитување за вредностите“ во градинките. Тука децата на возраст од три до шест години меѓу другото треба да добијат општи информации за Коранот и наставата да ја започнуваат со арапскиот збор „Bismillah“ (Во името на Господ).

Освен тоа реформските планови предвидуваат на религиозните Имам- Хатип училишта отоманскиот турски јазик да биде вклучен како задолжителен предмет во наставата. На другите училишта отоманскиот турски јазик, кој беше претходник на модерниот турски јазик, со арапски писмени знаци да се воведе како изборен предмет.

Поделени реакции меѓу населението

„Под денешни околности дури сметам дека е многу добро, уште многу рано да им се приближи сунитскиот ислам на децата. На тој начин тие можат да се заштитат од фанатичните и погрешните струења на исламистите“, смета мајката на четири деца Ајтен. „Турција конечно се граничи со муслиманските кризни земји и границите се отворени. Наставата би требало да ја надгледуваат државните религиозни власти 'Дијанет'.“

Таа исто така смета дека е неопходно воспитувањето за вредностите на децата. „Имено денешното време е толку хаотично и многу семејства речиси да немаат време да ги научат своите деца на одредени вредности“, вели Ајтен. Исто така отомански јазик како изборен предмет за неа е добра идеја. „Тој за училиштата по општо обазование нема да биде задолжителен предмет, но ако некој се интересира на турската и османлиската историја, тогаш барем ја има таа опција“.

Naccib Moschee in Antakya, Türkei
Фотографија: DW

Озлем Озден, мајка на третооделенец меѓутоа мисли сосема поинаку: „Државата и религијата треба да бидат одвоени. Државата не смее толку силно да се меша во религиозното воспитување на децата“. Таа самата сѐ уште не започнала вистински со религиозното воспитување на своите деца. „Син ми знае напамет некои сури од Куранот, но за вистинско религиозно воспитување според мое гледиште е прерано“. Со религиозна настава би требало да се почне дури откако децата ќе бидат на возраст од 15,16 години, смета Озден. „На таа возраст самите можат да одлучат дали сакаат подлабоко да навлезат во религијата или не. Порадо би требало да се воведе втор странски јазик, наместо да се интензивира наставата по религија и да се подучува отомански турски јазик“.

„Социјално реорганизирање на турската младина“

Кон планираната образовна програма се вбројува укинување на наставата за однос со алкохолни пијалоци на стручните училишта за туризам и хотелиерство. Секторот на гастрономија во Турција меѓутоа нема да ја почувствува оваа промена, смета Пелин Чакар, менаџерка на истанбулскиот луксузен хотел „Лука“. „Ако училишта повеќе не ја нудат оваа обука за сервирање и подготовка на алкохолни пијалоци, тогаш ние мораме самите да ги обучиме“.

Меѓутоа се работи за многу повеќе од алкохол. Владата сакала „социјално да ја реорганизира“ турската младина, вели политикологот и колумнист Ченгиз Актар, кој меѓу другото работи во истанбулскиот институту „Istanbul Policy Center (IPC)“. Неговата најголема критичка точка е планираното интензивирање на наставата по религија. „Нема да се предава теологија, туку тоа е целно образование во сунитски ислам, индоктринација“, вели Актар во разговор за ДВ. Мора да се има в предвид дека во Турција не живеат само муслимани - и дека меѓу муслиманите не сите ја практикуваат својата религија. „Владата сака својата религиозна доктрина и своите догми да ги засади во главите на младите“, стравува политикологот.

Исто така и турската опозиција силно ги критикува плановите на Советот за образование. Со тоа турското општество би назадувало, вели Кемал Киличдароглу, претседател на најголемата турска опозициона партија ЦХП. „Одлуките на Советот целат кон тоа да се израснат деца кои не го ставаат светот под прашање“, го цитира турскиот весник „Хуриет“ Киличдароглу.

Предлозите на Советот за образование се препорака до Министерството за образование. Дали тие ќе бидат спроведени зависи од одлуката на Министерството. Киличдароглу се надева дека можеби ќе бидат одбиени. Но, тоа се чини неверојатно. „Одлуките на Советот за образование се однесуваат на проекти, на кои ние секако работиме“, појасни министерот за образование Наби Авчи.