Повеќе од 13 илјади Македонци живеат во модерно ропство
31 мај 2016Според проценките на експертите за човекови права, во светот речиси 46 милиони мажи, жени и деца живеат во модерно ропство. Проценките се изнесени во „Глобалниот индекс на ропство 2016“ кој го објавува австралиската фондација „Walk Free Foundation“.
На светскиот врв е азиско-пацифичкиот регион со 30,4 милиони луѓе кои работат или живеат во услови на ропство. Најмал е бројот во Европа- 1,2 милиони. Само во Индија, околу 18 милиони луѓе се сметаат за робови.
Проценките се вршени според севкупниот број на луѓе по земји кои живеат во модерно ропство, како и според процент од вкупното население. Во тој поглед, земја со најголем процент на робови е Северна Кореја- 4,4 проценти од населението.
За модерно ропство се смета состојба на експлоатација од која некое лице не може да избега поради закани, насилство, принуда, злоупотреба на моќ или измама. За модерно ропство, на пример, се смета кога луѓе се држат во должничко ропство, како домашни слуги или заробени во бордели. Во проценките се вклучени и жртвите на трговијата со луѓе, како и принудните бракови.
Во Европа, според процентот на модерни робови од севкупното население, Македонија е на врвот. Проценките на организацијата се дека 0,64 отсто од населението на земјата се третираат како робови. Со тоа, земјата го зазема и високото 18. место на листата на која убедливо води Северна Кореја. Околу Македонија, со сличен процент од населението на листата се Колумбија, Мароко, Перу, Венецуела, Јордан, Танзанија и Ангола. Прва следна европска земја на листата е Полска, на 24. место, а од регионот најблиску е Босна и Херцеговина со процент од 0,46 отсто модерни робови од вкупното население.
Вкупно, се проценува дека околу 13 илјади луѓе во Македонија живеат како робови.