1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европејците поддржуваат забрана како онаа на Трамп

Кристоф Хаселбах
11 февруари 2017

Мнозинството Европејци се противат на имиграцијата на муслиманите, покажува истражувањето на лондонската тинк-тенк организација „Чатам Хаус“.

https://p.dw.com/p/2XKqp
Berlin Aufmarsch rechter Gruppierungen
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Како реакција на извршната наредба на претседателот Доналд Трамп со која се забранува влез во САД на државјаните на седум доминантно муслимански земји, лидерот на малцинството во американскиот Сенат, Чак Шумер, изјави: „Оваа наредба е против она во што ние во Америка веруваме". Од сите извршни наредби кои ги воведе Трамп за краткото време во Белата куќа, оваа предизвика најмногу критики во САД и на меѓународно ниво. Трамп, со потпишувањето на извршната наредба, забрани влез во САД за граѓаните од седум земји во времетраење од 90 денови, за сите бегалци во времетраење од 120 денови и забрана за влез за Сиријци на неопределено време.

Наредбата предизвика масовни протести и несогласување кај странските лидери. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека забраната за патување е „против основните принципи на меѓународната помош за бегалците и меѓународната соработка“. Таа додаде дека со забраната сите муслимани се ставени под општ сомнеж. Градоначалникот на Лондон, Садик Кан го изрази своето противење на планираната посета на Трамп во Велика Британија, велејќи: „Доволно сум јасен, забраната за патување е сурова, забраната е срамна, додека оваа забрана важи не треба да го постелуваме црвениот тепих за претседателот Трамп“.

Но, Трамп доби исто толку пофалби, колку и критики. Во САД, неговите поддржувачи слават. Неговите потези предизвикаа воодушевување кај десничарските популисти во Европа - од Марин Ле Пен во Франција, Герт Вилдерс во Холандија до Александер Гауланд од германската десно популистичка партија Алтернатива за Германија (АФД).

„Трамп работи како што треба. Тој ни покажува како и ние треба да го правиме тоа“, изјави Гауланд.

Безбедност или религија?

Трамп ја бранеше забраната за патување велејќи дека „не станува збор за религија“, туку за „тероризам и зачувување на безбедноста на државата“. Дали е ова вистина? Или всушност станува збор за спречување на имиграцијата на муслиманите? Истражувањето спроведено од лондонската тинк-тенк организација „Чатам Хаус“ покажува дека Европјеците сакаат да ја спречат имиграцијата на муслиманите. Пред воведувањето на извршната наредба на Трамп, „Чатам Хаус“ спроведе истражување во кое учествуваа 10.000 луѓе од 10 европски земји. Испитаниците требаше да ја оценат следната изјава: „Сета понатамошна имиграција од доминантно муслимански земји треба да биде запрена“. 55% од испитаниците се согласуваат со изјавата.

USA Amerika protestiert gegen den Einreiseverbot für Muslime
Забраната за патување на Трамп, и покрај острите критики, има голема поддршкаФотографија: Reuters/S. Keith

Истражувањето беше спроведено во Белгија, Германија, Грција, Шпанија, Франција, Италија, Австрија, Велика Британија, Унгарија и Полска. Некои земји, како Франција, Белгија и Велика Британија имаат релативно големо муслиманско малцинство, додека други, како Полска и Унгарија речиси немаат. Разликата сепак не се одразува во мислењето за муслиманските имигранти. Со исклучок на Полска, највисокиот процент на испитаници кои се согласуваат со изјавата е забележан во земјите кои се најдоа во центарот на бегалската криза или биле цели на исламистички терористички напади. Исто така, јасно е дека во сите овие земји, десничарските популистички партии се силни, а во некои случаи се и дел од власта. Земјата со највисок процент на позитивен став кон муслиманските имигранти став е Шпанија, каде 41% од популацијата не се согласува со изјавата.

Приемот на бегалци и терористичките напади го зголемуваат неодобрувањето

„Чатам Хаус“ исто така ги анализираше социодемографските податоци и дојде до очекувани, но и неочекувани заклучоци. Истражувањето во голем дел ги потврдува општите ставови. Пензионерите поверојатно се против муслиманските имигранти за разлика од луѓето на возраст до 30 години. Во сите 10 земји, 44 отсто од учесниците во истражувањето на возраст од 18 до 29 години се против забрана за влез на муслиманите, додека 63% од испитаниците на возраст над 60 години поддржуваат таква забрана. Нивото на образование исто така влијае на резултатите. Од оние кои завршиле средно образование, 59 отсто поддржуваат сопирање на натамошната имиграција на муслиманите споредено со 48 проценти од испитаниците кои имаат завршено високо образование. Тоа значи дека секој втор со високо образование ја поддржува идејата за забрана за влез на муслиманите. Полот и местото на живеење не влијаат на резултатите.

Griechenland Kos  Bootsflüchtlinge Symbolbild Schlepper
Поддршката за забрана како онаа на Трамп е највисока во европските земји кои беа директно засегнати од бегалската кризаФотографија: picture-alliance/dpa/Y. Kolesidis

Бројот на муслиманите е очигледно преценет

Резултатите на истражувањето на „Чатам Хаус“ не се невообичаени. Истражување спроведено летото 2016 година од центарот „Пју“ од Вашингтон дојде до слични заклучоци. Во истражувањето беа забележани разликите меѓу одделните земји. Испитаниците во пет земји имаа ниско мислење за муслиманите – во Унгарија 72%, Италија 69%, Грција 65% и Шпанија 50%. Бројките во Велика Британија (28%) и Германија (29%) беа доста пониски.

Резултатите од истражувањето на „Пју“-центарот покажуваат дека во просек 59% од испитаниците сметаат дека неодамнешниот прилив на бегалци ќе доведе до повеќе тероризам. Други истражувања во САД продуцираа слични резултати.

Стравот од тероризам може да се должи на фактот дека голем број Европејци го преценуваат бројот на муслимани во нивните змеји. Минатата есен, британскиот институт „Ипсос МОРИ“ направи анкета во различни европски земји, во која од испитаниците беше побарано да го проценат бројот на муслимани во нивните земји. Французите преценија четири пати, а Британците три пати повеќе од реалната бројка.