1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пленковиќ: Да бидеме двигател за отворање на преговорите со Македонија

СН/бг/миа8 јули 2014

Андреј Пленковиќ, новиот потпретседател на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент вели дека ќе поттикнува расправи и предлози за отворање на преговорите за членство на Македонија во Европската унија.

https://p.dw.com/p/1CY6e
Фотографија: DW/M.Orlovic

Европратеникот Андреј Пленковиќ од Хрватската- демократската заедница (ХДЗ) и од Европските народни партии (ЕПП) стана највисоко рангиран Хрват во европскиот закондавен дом откако синоќа беше избран за заменик на Елмар Брок на чело на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), комитет со најголем број на европратеници (71) и каде меѓудругото се гласа и за Резолуцијата за Македонија и останатите земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата.

„ Мене ми е драго што ја добив довербата на моите колеги во Комитетот за надворешни работи на ЕП да бидам еден од четворицата потпретседатели. Се разбира дека една од главните теми што ќе биде на дневен ред на АФЕТ е понатамошното проширување на Европската унија. Притоа, тема е и отворање на преговорите со Македонија која сум сигурен дека ќе се најде на дневниот ред на Комитетот, истакна Пленковиќ во изјава за македонската новинска агенција МИА.

Хрватскиот европратеник посочува дека како човек кој со години се залага за квалитетни билатерални односи меѓу Хрватска и Македонија, тој силно го поддржува и европскиот пат на Македонија.

„Секако дека во сите свои активности ќе поттикнувам расправи и ќе ги поддржам предлозите што ќе бидат за отворање на преговорите и за забрзана институционална динамика со цел Македонија да продолжи со реформите и на крајот се надевам и да стане членка на Европската унија“, вели Пленковиќ.

За тоа дали смета дека има шанси додека овие две ипол години тој е потпретседател на АФЕТ, Македонија конечно да ги отпочне преговорите за

членство во ЕУ, Пленковиќ вели дека се надева дека ќе дојде до решение на клучниот проблем, истакнувајќи дека целата македонска јавност знае во што е проблемот.

„Да беше до Хрватска, одамна ќе почнеа преговорите меѓу ЕУ и Македонија за пристапување на земјата кон Унијата. Ние ќе се трудиме со сите дипломатски средства да дојде до премостување на оваа блокада што за жал трае предолго и според моето длабоко уверување истата не придонесува за понатамошна динамика и позитивна европска атмосфера во Македонија. Заедно со колегите ќе се трудиме да бидеме оној двигател што ќе го забрза тој процес“, потенцира Пленковиќ.

Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот, пред крајот на секоја година изгласува Резолуција за една од земјите-кандидати или потенцијални кандидати за членство во ЕУ, а врз основа на последниот прогрес-извештај за земјата од страна на Европската комисија. Во последните пет години ЕП, но и Комисијата, издаваат позитивни извештаи и Резолуции за Македонија, со препорака за итно отпочнување на пристапните преговори. Но, поради блокадата од страна на Грција во Европскиот совет, Македонија веќе девет години е само со статус на кандидат.