1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Платите и пензиите ја„сотреа“ развојната буџетска компонента

Костадин Делимитов17 јули 2015

Повисоки приходи, понизок економски раст. Ребалансот на буџетот е полн со нелогичности, реагираат дел од експертите.

https://p.dw.com/p/1G0Tt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Политички некоректен, економски малку логичен. Владиниот потег за ребаланс на буџетот, само ден по договорот за излез од политичката криза, ја изненади јавноста. Не само поради фактот што државната каса ќе се прекројува набрзина пред одмори и повторно без присуство на опозицијата, туку и заради актуелниот, пред се‘ политички моментум кој налага внимателен но и транспарентен пристап во делот на управувањето со јавните финансии. Упатените коментираат дека ребалансот практично е изнудено решение пред се‘ поради зголемувањата на социјалните трансфери, платите, пензиите, за кои не беа предвидени средства во првичната верзија на државната каса. Но, загрижува фактот што расходите се зголемуваат дури за 85 милиони евра и тоа во услови кога потфрлаат приходите по основ на данок на додадена вредност, што е сериозен индикатор за намалување на економската активност и потрошувачката. Сепак, податоците за зголемените буџетски приходи во делот на данокот на добивка и акцизите, според министерот за финансии Зоран Ставрески, даваат простор за корекција на позициите во државната каса:

„За околу 14 проценти се повисоки буџетските приходи во однос на истиот период од 2014 година што во однос на планираното е некаде околу 6 проценти поени повеќе прибрани буџетски приходи отколку што се планираше за првите шест месеци од оваа година. Кај ДДВ имаме нешто пониско остварување од планираното, но тоа е целосно искомпензирано со повисоките приходи од данокот на добивка и акцизите. Вкупно земено приходите се појаки и поголеми од планираните. што создаде добра ситуација во смисла дека буџетот е во добра финасиска кондиција и ребалансот се прави од таа појдовна основа“, изјави Ставрески.

Без позначајна развојна компонента

Но фактот дека повторно само помал дел од расходите ќе се потрошат за капитални проекти, односно околу 19 од вкупно 85 милиони евра, според опозицијата покажува дека власта продолжува свесно да форсира мегаломански буџет преку зголемување на дефицитот и без позначајна развојна компонента:

Altersheim in Ohrid
Првично непредвидени пари за пензионеритеФотографија: Milco Jovanoski

„Рамките на кои се базира ребалансот на буџетот целосно го покажуваат неуспехот на владините политики. Со ребалансот се врши намалување на претпоставката за реалниот раст на БДП од 4% на 3,5%. А, само сетете се на ветувањето на актуелната власт од 2006 година кога се најавуваше дека во наредните четири години ќе се оствари просечна стапка на раст на економијата повисока од 6% - што би значела подобрување на животниот стандард на граѓаните. Во деветата година од владеењето веќе е повеќе од јасно дека актуелната економска политика нема идеја да оствари значаен економски раст кој ќе го подигне животниот стандард на мнозинството граѓани во Македонија. Најзагрижувачки е што се продолабочува буџетскиот дефицит во услови на голема фискална нетранспарентност, која овозможува непродуктивни трошења и неефикасна алокација. Ова од една страна ќе доведе до уште поголемо зголемување на економската нееднаквост во македонското општество, а од друга страна ќе влијае на растот на јавниот долг, кој ионака моше сериозно се зголемува од 2008 година до сега“, реагира Драган Тевдовски претседател на комисијата за економија во СДСМ.

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

За дел од експертите е нелогично и контрадикторно што се планираат повисоки буџетски приходи, а се намалува проекцијата за економскиот раст:

„Мислам дека овој ребаланс и оправдувањата за начинот на кој се прави е контрадикторен. Па неодамна слушавме дека дел од државните институции немаат пари за да ги платат даноците. Ова се чекори во функција на политичка пропаганда со цел да докажат дека тие воопшто не чувствуваат дека во државата се случуваат драматични состојби, дека е се‘ нормално, едноставно глумат нормалност. А дека имаат проблеми за покривање на трошоците за расходите во буџетот, тоа е повеќе од очигледно. Тој нема услови да зголеми пари за капитални инвестиции кога немаат пари да ги платат расходите за изградба на објектите од Скопје 2014. Но фактот дека ова се прави веднаш по склучувањето на политичкиот договор, укажува на тоа дека тие се‘ уште се обидуваат да глумат нормалност и очигледно тоа се се сиптоми што упатуваат дека тие ќе се обидат политичкиот договор да го прогласат за палома хартија“, коментира за Дојче веле Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Зголемување на дефицитот

Во отсуство на детален увид околу тоа како ќе изгледа структурата на новиот буџет, дел од експертите реагираат што продолжува праксата на зголемување на дефицитот. Од првично прикажаното според економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ можно е тој на крај од годината да биде и повисок :

„Со буџетот за 2015 година беше предвиден дефицит од 18,5 милијарди денари (3,5% од БДП), а сега дефицитот се проектира на 20 милијарди денари (3,6% од БДП). Второ, скептичен сум дека дефицитот навистина ќе изнесува 3,6%, зашто оваа проекција базира на проекција за економскиот раст од 3,5%, што според мене е нереално висока проекција, со оглед на политичката криза, поради која индустриското производство во првите 5 месеци на оваа година има пад од 0,4%. Трето, симптоматичен е диспаритетот помеѓу износите на средствата наменети за одредени намени. Така, на пример, за студентски домови се наменети само 1 милион евра, што е помалку од износот кој беше издвоен за таблети за студентите (1,5 милион евра), додека за повисоки плати на јавната администрација (пред сè, на полицајците) се наменети 10 милиони евра“, коментира Јовановиќ.

Со ребалансот на буџетот владата ја намалува проекцијата за растот на економијата од 4 на 3,5%. Се зголемува и буџетскиот дефицит од првичните 3,5% на 3,6%. Во услови на забавена економска активност и притисок од политичката криза и состојбите со Грција, меѓународните финансиски институции предупредуваат на внимателност во делот на трошоците, посебно во делот на платите и пензиите во функција на контролирање на дефицитот под 3%. Како последно Меѓународниот монетарен фонд по контролната мисија во Македонија на почетокот на јули препорача власта да намали со темпото на трошење на јавните пари во наредниот период за да обезбеди намалување на дефицитот во буџетот под 3 отсто од БДП. „Во отсуство на какви било промени во даночните стапки, консолидацијата ќе бара зголемување на ефикасноста во наплата на ДДВ, што е ниска според регионалните стандарди, и намалување на социјалните трошоци и трансфери врз основа на темелна проценка на јавните расходи“, стои во препораката на ММФ. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со мај, државата потрошила 128 милиони евра повеќе отколку што собрала од даноци и други давачки.