1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет години по почетокот на „Втората Интифада„

28 септември 2005

На денешен ден пред пет години Ариел Шарон го посети Брегот на храмовите во Ерусалим

https://p.dw.com/p/Achf
Ортодоксен Евреин гледа кон џамијата на Брегот на храмовите во Ерусалим
Ортодоксен Евреин гледа кон џамијата на Брегот на храмовите во ЕрусалимФотографија: AP

Палестинците оваа посета ја доживеаја како провокација. Демонстрациите се претворија во ново спонтано востание, т.н. втора Интифада, кое до ден денес не е окончано. Не помогна ништо ни фактот што истиот Ариел Шарон сега во улогата на израелски премиер дури ги повлече сите еврејски населби од Појасот Газа. Блискиот исток е и понатаму далеку од постигнување вистински мир – оценува Петер Филип во следниот коментар.

За разлика од конвенционалните војни меѓу државите, народните востанија не се случуваат со претходна најава, ниту пак имаат некаков јасно видлив крај. Експертите се‘ уште спорат околу вистинските причини за втората Интифада, но никој од нив не се сомнева дека посетата на Шарон на Брегот на храмовите од 28. септември 2000. значително придонела за нејзиното избувнување. Тој тогаш беше водач на националистичката опозиција и посетата имаше јасно демонстративен карактер. На брегот во Ерусалим имено сега се наоѓаат два муслимански храма, од кои едниот е Ал Акша џамијата, третото по важност светлиште на исламот воопшто. Израелските националисти и екстремисти меѓутоа сонуваат за обнова на стариот еврејски храм на царот Соломон, кој наводно стоел на истото место. Дотолку посетата на лидерот на националистите предизвика загриженост кај Палестинците дека Израелците ќе го земат Брегот на храмовите под свое. Дојде до демонстрации во окупираните подрачја, до тешки оружени инциденти, со поголем број мртви и ранети. Во лавината на насилство до сега животите ги загубија 3.500 Палестинци и 1.500 Израелци, а бројот ранети и повредени се проценува на десетици илјади.

Една меѓународна комисија додуша дојде до заклучок оти посетата на Шарон не била вистинската причина за Интифадата, но овој заклучок веќе никого не го интересира. Факт е дека мировниот процес меѓу Израелците и Палестинците, што почна во Осло, дојде во застој. Неколку дена пред посетата на Шарон, САД попусто се обидоа уште еднаш со средба на највисоко ниво во Кемп Дејвид да ги приволат обете страни на обнова на мировниот процес. И тогашниот премиер Ехуд Барак и Претседателот на Палестинците Јасер Арафат останаа тврдоглаво на нивните позиции. Можно е Арафат да сметал оти само уште поголем притисок врз Израел ќе го натера на нови отстапки. Таквата намера би била фатална, бидејќи токму во договорите од Осло што и самиот ги потпиша и поради тоа доби Нобелова награда за мир, стоеше оти мир со насилство не се постигнува.

Ваквото темелно сознание го потврдија и настаните што следеа. Враќање, меѓутоа, немаше: радикалните сили во редовите на Палестинците добија на сила и секако нов прилив на членство.

Денес, пет години потоа, обете страни се наоѓаат во катастрофална ситуација и секоја си ги лиже раните како ранета ѕверка. Дали евентуално извлекле и некакво наравоучение од сето, тоа е нејасно. Во секој случај најновите настани покажуваат дека мирот е подалеку од кога и да е порано во периодот по потпишувањето на Договорите од Осло, а взаемната омраза и недоверба уште поголеми отколку пред пет години. За да се дојде до точката на која се наоѓаа односите меѓу Израелците и Палестинците пред втората Интифада, ќе треба уште многу, многу време.