Петков ја заокружи посетата на Скопје
18 јануари 2022Бугарската делегација, предводена од премиерот Кирил Петков, попладнево ја заокружи посетата на Скопје со средби со претседателот Стево Пендаровски, со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, како и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Враќањето на довербата меѓу двете земји, градењето на мостови, место блокади, како и отворањето на патот за евроинтеграцијата на Северна Македонија во ЕУ се главните теми на кои што разговараа претставниците на Скопје и на Софија.
Да се врати довербата
Потребно е да се врати довербата помеѓу владите Северна Македонија и Бугарија, што ќе придонесе за засилување на добрососедските односи и политичкиот дијалог за почувствителните прашања, порача претседателот Стево Пендаровски на средбата во Вила Водно со бугарскиот премиер Кирил Петков.
Според него, надминувањето на меѓусебните недоразбирања е важно за непречено одвивање на македонските евроинтеграциски процеси, како и за неутрализирање на растечкиот евроскептицизам и негативните тенденции во регионот. Пендаровски на средбата истакнал дека Северна Македонија има силна политичка волја да го продолжи дијалогот, со цел изнаоѓање на компромисно решение за отворените прашања.
„Преговорите на Северна Македонија со ЕУ ќе бидат придобивка за просперитетот и стабилноста на целиот регион, а тоа ќе влијае и на соработката во економијата, трговската размена, инфраструктурното поврзување и соработката во образованието, здравството и културата“, дециден е Пендаровски.
Бугарскиот премиер Кирил Петков очекува наскоро Северна Македонија да има амбасадор во Бугарија. Тој во изјава за бугарските медиуми по средбата со Пендаровски, порача дека се надева тоа да се случи во следните 60 дена.
Да се релаксираат односите
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети смета дека Бугарија и Северна Македонија се во многу значаен процес и двете земји имаат потреба од релаксирање на односите. „Треба отворено да се зборува за темите за кои се бара решение и за кои не треба да бидеме преокупирани од емоции“, изјави тој по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков во Собранието.
Ахмети вели дека видел голема волја кај бугарскиот премиер за надминување на разликите кои постојат меѓу Скопје и Софија, по што би можело земјава во јуни годинава да ги отвори преговорите за членство во ЕУ. Ахмети додаде дека ништо лошо нема да и се случи на државата ако се прифати барањето бугарското малцинство да се воведе како уставна категорија.
„Затоа зборував многу отворено за оваа тема со бугарскиот премиер. Ние сме целосно ангажирани да се почитува и да не му се оспорува правото на никој да се декларира како што се чуствува и тоа да се рефлектира и во Уставот на земјата“ изјави Ахмети.
Мостови место блокади
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски и гостинот од Бугарија се сретнаа во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски на средбата посочил дека наместо блокади, потребни се мостови, отворени односи и заемно почитување.
„Она што беше посочено е потребата за градење доверба, отворени односи и поврзување на теми и области каде е можна меѓусебна соработка и заеднички бенефит за граѓаните од двете држави. Беше посочена потребата за соработка на темите кои ќе обезбедат иднина, инвестиции во образованието, науката, Коридорот 8 и други проекти важни за двете земји“, соопшти партијата.