Пенс: Иднината на Западен Балкан е заедништво со Западот
2 август 2017Мајк Пенс во Подгорица ја пофали Црна Гора, која стана најнова членка на НАТО, без оглед на притисоците од страна на Русија:
„Вашата храброст, особено во услови на рускиот притисок го инспирира светот и јас го поздравувам тоа,“ изјави американскиот потпретседател Пенс, истакнувајќи:
„Верувам дека иднината на Западен Балкан е со Западот и се радувам што ќе работиме на јакнење на врските меѓу ЕУ, Балканот и САД. Пренесувам поздрави од американскиот претседател Доналд Трамп, како јасен знак на сојузништвото во рамките на НАТО. НАТО се состои од големи и мали држави, но САД немаат мали сојузници и ние го цениме нашето ново сојузништво во НАТО“, рече Пенс.
Црна Гора, земја со 620.000 жители и армија од 2.000 војници, пристапи на НАТО во јуни.
Црна Гора е трета и последна станица на турнејата на Пенс, чија цел е демонстрирање американска поддршка на државите-сојузници кои се чувствуваат загрозени од руско влијание.
Пред Црна Гора, Пенс престојуваше во Грузија и Естонија.
Американскиот потпретседател кој вчера допатува во дводневна посета на Црна Гора, денеска ќе учествува на Самитот на Јадранската повелба.
Домаќини на собирот се Црна Гора и Македонија, која моментно претседава со Јадранската повелба. Освен премиерите на земјите-домаќини, на собирот присуствуваат и премиерите на Хрватска, Албанија, Србија, БиХ и косовскиот претседател.
Тема на самитот се евроатлантските процеси во регионот, јакнење на реформите и придонесот на Јадранската повелба кон регионалната и глобалната безбедност. На самитот се предвидени повеќе билатерални средби.