1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јуначењето кон Македонија му го дигна рејтингот на Борисов

ДТЗ /ДВ
8 декември 2020

Нема да има договор доколку Софија продолжи со агресивните пораки кон Скопје, вели шефот на државата Стево Пендаровски. Бучковски утре оди во Софија. Тој вели дека доаѓа како пријател, дали така ќе го пречека и Софија?

https://p.dw.com/p/3mRzv
Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Ако се сака да се постигне решение меѓу Скопје и Софија, тогаш двете страни мора да испраќаат меки пораки. Ако бугарската страна оди со агресивни пораки како што оди, тогаш договор нема да има. Со ваков став настапи претседателот Стево Пендаровски во пресрет на утрешното заминување на специјалниот претставник Владо Бучковски во Бугарија, во обид да се омекнат односите со соседната земја, да се изнајде решение за споровите и да се одблокира патот на Северна Македонија кон ЕУ. 
„Имаме уште два дена, но од она што се знае, пробив нема. Ставовите на Бучковски се исти со нашите ставови. Тој е специјален претставник и не смее да има ставови различни од државниот врв. А, тоа е дека има црвени линии за кои не смее да се преговара“, изјави Пендаровски во гостување на телевизија Сител.

- повеќе на темата:Пендаровски за ДВ: Спорот со Бугарија може да се реши само ако се почитува достоинството на македонскиот народ

Ако сега не успееме да направиме пробив, според Пандаровски, ќе мораме да чекаме да завршат изборите во Бугарија во март. „ГЕРБ на Борисов има кренато рејтинг од 7 отсто во последниве месец ипол, и тоа можеме да претпоставиме дека е најголемиот дел е заради ова ‘јуначење’ кон Северна Македонија. Ваквото однесување и тоа како им се исплати. Политичката логика е дека тие ќе се обидат максимално да го искористат до изборите“, смета Пендаровски.

Бучковски: Доаѓам како пријател 
По консолидирањето на позициите на државниот врв, специјалниот претставник Владо Бучковски утре заминува во првата официјална посета на Софија. „За време на мојата посета на Софија, ќе имам состаноци со премиерот Бојко Борисов, министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева и министерот за одбрана, Красимир Каракачанов“, најави Бучковски за БГНЕС.
Тој во четврток ќе има средба и со бугарскиот претседател, Румен Радев. „Доаѓам на покана од бугарската влада. Доаѓам како ваш голем пријател и со голема добра волја“, вели Бучковски. 

Каракачанов соопшти три точки
Во меѓувреме лидерот на бугарското ВМРО и потпретседател на владата, Красимир Каракачанов, објави три точки што Софија бара да бидат ставени во анекс на Договорот за добрососедство за да може да биде тргната блокадата на Бугарија. Според него, тоа се: решавање на историските спорови, промена на учебниците по историја и откажување на претензиите за малцинството.

-повеќе на темата:Институт на Каракачанов со владини пари го „разобличува“ бугарскиот карактер на Македонија

Каракачанов во емисија на Бугарската телевизија рече: „Не се уморив 30 години да повторувам дека добрите односи меѓу Бугарија и Македонија не смеат да бидат на сметка на бугарскиот идентитет, достоинството и интересите. Ние, за разлика од Македонија, јавно повеќе сакаме таа да биде дел од Европската Унија“.

Се огласи и бугарската амбасада во Скопје. Според нив, одржување на добрососедски односи и усогласување со Договорот со Бугарија се важни услови за започнување на предпристапните преговори. 
„Потсетуваме на заклучоците на Советот на ЕУ за отворање на преговори со Република Северна Македонија од 25 март 2020 година. Тие го наведуваат следново: „Добрососедските односи и регионалната соработка продолжуваат да бидат клучни елементи на процесот на проширување, како и на процесот на стабилизација и асоцијација. Советот потсетува дека е важно да се постигнат опипливи резултати и да се спроведат со добра волја билатералните договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, како дел од процесот на проширување“, соопшти амбасадата. 

Македонската влада претходно го оцени бугарското вето како „неодговорна стратешка грешка“.