1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патетична Македонија

6 октомври 2018

Овој референдум нареди на линијата неколку дузини губитници, а речиси ниеден победник. Иако многумина патетично прогласуваа триумф. Всушност, има само еден јасен победник – Русија. Колумна на Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/362n2
Mazedonien Referendum in Skopje
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Уф, колку патетика се испорача овие денови по неделното гласање на референдумот. Но не од граѓаните (освен онаа мала веселба пред Собранието). Тие, барем јавно, останаа смирени, размислувајќи во кој правец ја однесоа Македонија со тоа што останаа дома. Затоа што е илузорно да се мисли дека земјата ќе остане онаму каде што беше пред ова гласање. Територијата, се разбира, не може да се однесе никаде, но државата е поместена. Кон Исток? Можеби. Кон Босфорот? Исто така, можеби. Кон Запад? Таму сигурно не. Можеби кон север, кон Јужна Морава. Оваа е една од оние одлуки за кои размислувањата за последиците доаѓаат подоцна – кога ќе се соочиш со нив.

Дури и оние што се занимаваат со анализи на политичките случувања беа во некоја рака воздржани, обидувајќи се да не искажуваат избрзани оценки за настаните што веројатно ќе следуваат, без оглед дали им се блиски на кампот на десницата или на левицата. Тие се обидуваа да внесат некаква доза на трезвеност (па макар била и вештачка), затоа што сметките ќе стигнат многу брзо за сите подеднакво.

Но затоа воените профитери ја преплавија сцената со триумфална патетика за победата на народот врз политиката. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го прогласи Преспанскиот договор за мртов и оцени дека референдумот бил криминално спроведен најавувајќи 200 кривични пријави за лица од избирачките одбори во седум општини во западниот дел од државата. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски, со весела патетика објаснуваше дека „ние битката не ја водиме за власт, ниту за избори. Битката ја водиме за зачувување на името Република Македонија“. А повика и на општонародно обединување.

Повеќе на темата:

-Како до уставни промени: Со избори се троши време, без избори уште повеќе

-ВМРО-ДПМНЕ во нова радикализација на штета на Македонија

-Руско вето над перспективите на Македонија?

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Ова е уникатен случај во политиката – партијата која од 27 години независност 15 години владееше со државата сега изјавува дека не се борела за власт. Николоски би требало да се потруди да најде еден пример во политиката каде една партија не се бори за власт, затоа што со се укинува базичниот принцип на нејзиното постоење. Потпретседателот на неелегантен начин го исправа лидерот Христијан Мицкоски, кој цело лето зборува дека основната цел на ВМРО-ДПМНЕ е да ја порази сдсмовската влада за да им покаже на граѓаните како неговата партија кога ќе се врат на власт на вистински начин ќе ја управува државата. А во референдумското меѓувреме ВМРО да ти се претворал во една академска институција чија единствена цел била да се зачувало уставното име. Како некој вид невладина организација таа може за благородната цел да побара и европски грантови.

Смрзнатата насмевка на Заев

Претседателот на државата во неговото патетично обраќање број 57 повика: „Време е за одговорност пред македонскиот народ... На оние кои се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и непринципиелно заземаат страна им порачувам да ги почитуваат меѓународните конвенции за дипломатски односи. Не може оние кои имаат демократски дефицит да наметнуваат решенија спротивни на суверената волја на македонскиот народ". Па уште ќе го нареди францускиот претседател Емануел Макрон покрај себе: „Како и францускиот претседател Макрон, така и јас верувам во силниот идентитет на секој народ, верувам во историјата и амбицијата на нашиот македонски народ“ и ќе се направи како да не ја чул видео пораката на Макрон пред референдумот или не ја прочитал. Макрон тогаш порача: „До пред неколку месеци никој не се надеваше на овој договор. Но, на овој договор се чека веќе 27 години. Овој договор се постигна поради храброста на вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно!... Јас одлучно сум ЗА и цврсто верувам дека овој договор е добар! За вас, за целиот регион и за Европа. Сметам на вас“. Дали кога Макрон ја испраќаше пораката доаѓаше од земја со демократски дефицит?

Така е во политиката, секогаш ја земаш малината од тортата која ти изгледа најубава. Исто е и со Иванов. Тој се обиде да искористи една полуреченица од говорот на Макрон во ОН каде тој зборуваше за глобалниот поредок, а претходно молчеше за сугестивната видео порака на францускиот претседател до македонските граѓани. А и Иванов е македонски граѓанин.

Иванов во своето постреферендумско обраќање во една работа беше во право и тоа убаво го кажа: „Сите во животот се соочуваме со порази. Некој повеќе, некој помалку. Големината на човекот е да го препознае и признае поразот". Тој никогаш не призна дека се соочил со порази, па дури ни кога мораше да ги повлекува срамните аболиции.

Mazedonien Referendum Namensstreit Zoran Zaev
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Овој референдум нареди на линијата неколку дузини губитници, а речиси ниеден победник. Всушност, има само еден јасен победник кој е далеку од овде – Русија. Губитник е Зоран Заев затоа што целата енергија во премиерските денови ја потроши да го склучи договорот со Грција, убеден дека тоа е историски дострел со кој Македонија ќе ја допре иднината. Успеа да порази еден авторитарен режим кога тоа изгледаше дека е неможно, но не успеа да обезбеди барем 40 отсто излезност за договорот, кој ќе ги промени перспективите на државата. Бројката на оние што гласаа „за“ е за огромна почит, но тоа беше далеку од неговите очекувања. Смрзнатата насмевка во неделата вечерта кажуваше повеќе од неговите зборови. Тој сега веројатно ќе се најде пред истата мака – ако има брзи избори ќе треба одново во кампањата на граѓаните да им го објаснува историското значење на Преспанскиот договор, но очигледно пристапот ќе мора да го промени. Во партијата треба да размислат добро дали пристапот кон обичните луѓе беше добар, дали кампањата ги допре нерешителните, дали пораките беа претенциозни и бирократско еднонасочни, наместо да бидат привлечни во нивната едноставност. Решавањето на проблемот со името беше многу полесно во почетокот на 1990-тите, политичарите тогаш ја испуштија златната шанса. Сега тоа е влезено во генот на Македонецот и треба многу умешност и претпазливост да се испорача вистинската приказна.

Раскинот на Мицкоски со Европа

Оној што изгледа како сигурен победник и кој прогласи триумф, Христијан Мицкоски, е исто така губитник. Дури и поголем од Зоран Заев. Иако во постреферендумската еуфорија во партијата ваквата оценка може некому да му се чини парадоксална. Настрана од тоа што се покажа дека партијата не се помрднала ни чекор во демократизацијата од груевистичките времиња, туку професорот за да ја зацврсти својата позиција во неа ја однесе кон крајните граници на радикализацијата. Како што партијата не се снајде пред вештачките изнасилени ноќни приредби пред ДИК во декември 2016 година, така и сега изгледа како залутано дете кое го бара патот кон крајната десница. Министерот Матео Салвини, сегашниот де факто лидер на Италија, носи маички со ликот на Путин. Мицкоски поради незапирливата желба за моќ се претвори во политичар кој е подготвен да носи маички со ликот на Салвини, лидерот на крајната десница. Наместо да ја демократизира партијата тој ги регрупира казнените одреди кои треба да ги дисциплинираат сите во нејзините ешалони, од најниските до највисоките. Оние дилеми што се појавуваа во јавноста околу тоа дали тој е наследник на груевизмот во партијата во последниот месец го добија јасниот облик – Мицкоски ја продолжи таа политика, па дури и ја надогради.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Неговиот раскин со европските пријатели на ВМРО-ДПМНЕ ја водат партијата кон Исток, можеби не директно во прегратките на Кремљ, но сигурно кон таа иделошка матрица одамна промовирана од поранешниот професор Ѓорге Иванов. Груевски како искусен политичар знаеше да го види моментот во кој треба да размисли за своите постапки кога се соочува со моќ чија голема сенка се насетува од другата страна и да се обиде да извлече најмногу од можното. Професорот Мицкоски се однесува кон европските и американските лидери (а специфично кон партнерите од Европската народна партија) како да се негови студенти кои ги повикува на консултации. Тоа е големата заблуда на професорот Мицкоски кој беше поставен на местото лидер на партијата, која сака да биде во друштвото на демохристијаните, а сега зачекори кон тврдиот националистички камп. Тоа изгледа како непоправлива грешка за ВМРО-ДПМНЕ – да се свртиш против оние кои ти помогнаа да се моделираш како современа десничарска партија, кои ти испорачаа политичко знаење и политичка умешност – за сега да не се ни обидеш да ја погледнеш големата слика во регионот и на континентот и да замислуваш дека си ововременскиот Давид кој се бори против неправедниот Голијат. Отфрлањето на советот на германската ЦДУ партијата да гласа за уставните измени е веројатно една од најкрупните грешки на новото „херојско“ раководство на ВМРО-ДПМНЕ произлезено од пазувите на донеодамнешното озлогласено и посрамено лидерство.

Во вмровските кругови како мантра се шири приказната дека на партијата ќе и олеснело во мај следната година кога Ангела Меркел по европските избори сигурно ќе паднела од власта, па тие непречено ќе можеле да победат на овдешните изборите. Тоа е најголемата заблуда од сите заблуди – да го очекуваш падот на најсилната германска партија, нејзиниот поуздан сојузник последниве петнаесетина години, за да може ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт.

Другиот силен удар за новите „херои“дојде од НАТО, кое по сите разговори и според однесувањето на референдумот веќе отворено се сомнева дали ВМРО-ДПМНЕ навистина сака Македонија да влезе во Алијансата. Тоа е оној получекор кој е веќе направен по што ќе следи екскомуникација. Претседателот Иванов, всушност, ја објасни вистинската сегашната вмровска политика, иако сакаше да поентира во друга насока:  „Поддршката за ЕУ и НАТО е колатерална штета на непопуларниот референдум. Поддршката за ЕУ и НАТО од над 80 отсто ја сведовте на само 36,9 отсто. Ги манипулирате и нашите граѓани, а на нашите европски и евроатлантски партнери им пласирате лажни претстави и перцепции".

Лажните претстави и перцепции до европските партнери ги пласираше, во основа Мицкоски, одбивајќи да се изјасни, а на теренот непрекинато работеше на бојкот. И сега може мирно да каже – да, успеав. Ја оддалечив Македонија од НАТО и ЕУ и ги изманипулирав европските парнери. Тоа не е мал успех.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар