1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Партигејт“, или можната пропаст на Борис Џонсон

Барбара Везел
19 јануари 2022

Информациите за забави на Даунинг стрит во време на локдаун сѐ повеќе го загрозуваат британскиот премиер. Се подготвува извештај за сите прекршувања на правилата од страна на владата во текот на пандемијата.

https://p.dw.com/p/45gan
Großbritannien London | Premierminister Boris Johnson
Фотографија: Henry Nicholls/REUTERS

Неговите политички противници веќе одамна прогнозираат дека Борис Џонсон самиот ќе си ја отвори вратата за пропаст со своето непочитување на обврските и правилата. Сега се чини дека аферата Партигејт драматично ќе го забрза крајот на Џонсон како премиер.

По последните извештаи за локдаун-забави на Даунинг стрит број 10, тој беше приморан да ја замоли кралицата Елизабета Втора за прошка - две од забавите се одржале во предвечерјето на погребот на нејзиниот сопруг, принцот Филип, во април минатата година. Во конзервативниот „Тајмс“, коментаторот Даниел Финкелстајн, напиша: „Глупавоста и ароганцијата на 'Број 10' се вџашувачки“ и му препорача на Џонсон да си даде оставка.

Претходно Џонсон во парламентот призна дека присуствувал на забава во градината на Даунунг стрит во мај 2020 година и побара извинување. Сето тоа, како што тврди, го сметал за „работна средба“, за што беше „почестен“ со многу потсмев на Твитер. Во овој твит, на пример, над регал за вино стои „Канцелариски материјал“.

Сликата на 95-годишната кралица Елизабета Втора, која во деновите по смртта на принцот Филип седи сама на црковните клупи, далеку од семејството, со цел да ги испочитува правилата за сузбивање на Ковид, стана симбол за, според многумина, бесрамното однесување на премиерот.

Едни правила за оние на власт, други за народот

Мнозинството Британци во меѓувреме се бесни и му вртат грб на својот премиер. Неговата партија, Ториевците,  во истражувањата на јавното мислење заостанува десет проценти зад опозицијата.

Во неделата (16.01), водителот на вестите на Скај, Тревор Филипс, одвај можеше да ги задржи солзите додека во врска со аферата Партигејт го интервјуираше пратеникот на Ториевците, Оливер Дауден. Неговата ќерка во април 2021 година почина сама во нејзиниот стан во Лондон, без семејството да смее да биде со неа. Тоа се случуваше во истовреме со забавата со алкохол во градината на Даунинг стрит, на која присуствувале неколку десетини соработници и премиерот Борис Џонсон. „Може ли премиерот да сфати зошто луѓето се толку бесни?“, го праша Филипс својот соговорник.

Во Долниот дом на парламентот, северноирскиот пратеник Џим Шенон беше тој кому во текот на дебатата за Партигејт му навреа солзи на очите кога раскажуваше за смртта на мајката на неговата сопруга, која поради корона-рестрикциите починала сама. Во истото време оние кои се забавувале на Даунинг стрит испратиле еден од соработниците да докупи вино во супермаркет со куфер на тркала.

„Едни правила за нив, други за нас“, гласи заклучокот на многу Британци. Она што ја прави аферата Партигејт толку опасна за Борис Џонсон е прекршувањето на принципот на фер однос.

England | Premierminister Boris Johnson und Queen Elizabeth
Борис Џонсон беше приморан да ја замоли кралицата Елизабета Втора за прошка (архивска фотографија)Фотографија: Dominic Lipinski/AFP/Getty Images

Смирување на ситуацијата со удар врз Би-Би-Си

Во текот на викендот министерката за култура Надин Дорис, која е една од најверните поддржувачи на Џонсон, објави дека владата сака во 2027 година да ја укине радиодифузната такса за Би-Би-Си и да ја замени со нов модел на финансирање. Тоа би значело крај за медиумот богат со традиција, кој се смета за светилник во сферата на квалитетно новинарство. Десното крило на конзервативците, кое одамна го нарекува Би-Би-Си левичарски и пристрасен медиум, сега аплаудира.

Дали Џонсон сака да ги смири десничарите во својата партија, кои стануваат сѐ поогорчени поради лошиот рејтинг и аферата Партигејт? Опозициската Лабуристичка партија смета дека најавата за Би-Би-Си претставува напад со кој треба да се постигне смирување: „Премиерот верува дека оние кои известуваат за неговите прекршувања на правилата треба да сносат последици, а тој треба да се извлече“, изјави пратеничката на Лабуристите, Луси Пауел.

Што е следно?

Начинот на кој владата сега сака да извлече консеквенции се вклопува во ова. Планот е да се направи чистка на, советниците и другите за кои премиерот смета дека го вовлекле во скандалот. Најавената „ноќ на долгите ножеви“ веќе е предмет на потсмев како „долга ноќ на жртвените јарци“.

Coronavirus UK | Fernsehkamera vor Downing Street No 10
Забавувањето на Даунинг стрит 10 додека траел локдаунот може да му се удри од глава на британскиот премиерФотографија: Stefan Rousseau/empics/picture alliance

Борис Џонсон мора да се бори за функцијата.По безброј скандали, ова е првиот кој станува навистина заканувачки за премиерот. Трошењето милијарди фунти за купување заштитна медицинска облека, при што бесрамно профитираа приврзаници на Ториевците, или скапото реновирање на службениот стан на Даунинг стрит, каде по желба на сопругата на премиерот се ставале златни тапети - сето тоа Џонсон, со својата недоделканост, успеваше го смири.

Но локдаун-забавите би можеле да му се удрат од глава. На крајот на неделава се очекува извештај на независна владина функционерка, која би требало да ги објави сите прекршувања на правилата од страна на владата во текот на пандемијата на коронавирус. Извештајот на Сузан Греј може да доведе до прелевање на чашата.

Британските весници пишуваат дека во надлежното партиско тело веќе има 35 од 54-те писма кои се неопходни за да се гласа за доверба. Само сопствената партија може да го истера премиерот од функција - дали и кога тоа ќе го направи, е отворено. Во кабинетот на Џонсон веќе се загреваат неговите можни наследници - министерката за надворешни работи Лиз Трас или министерот за финансии Риши Сунак.