1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парада само заради ЕУ?

И. Петровиќ/Б. Георгиевски29 септември 2014

Парадата на гордоста во Белград личеше на „прошетка во гето“. Сепак, самото нејзино одржување е показател дека во Србија и малцинските заедници можат да говорат за своите проблеми.

https://p.dw.com/p/1DMVf
Фотографија: AFP/Getty Images

Парадата на гордоста сепак беше одржана во Белград, но остана впечатокот дека целиот настан беше организиран со едноставна намера - да се одржи по секоја цена. На учесниците на Парадата им беше оставена куса релација за прошетка од неколку стотици метри, а за тоа да се реализира главниот град на Србија практично беше блокиран со безбројни кордони полиција во повеќе прстени, оклопни возила, водени топови, регуларни полициски сили, жандармерија, како и бројни полицајци во цивил.

Serbien Belgrad Pride Parade 28.9.2014
Фотографија: AFP/Getty Images

Околу илјада учесници на Парадата на гордоста добија шанса да прошетаат во обрач од над 7 илјади полицајци, и како што рекоа, не се баш најсреќни што нивната прошетка не можеше да ја види никој од граѓаните. Истовремено, очекуваат во наредните години да биде можно ова да биде настан за кој нема да биде потребно толку големо обезбедување. Доколку се резимира целиот ден, ќе останат забележани нападот врз зградата на Телевизија Б92, палењето на еден автобус, неколку повредени полицајци и веста која, според многумина, фрли сенка врз целата Парада, а тоа е претепувањето на Андреј Вучиќ, братот на српскиот премиер, од страна на припадниците на Жандармеријата. Сето тоа наведе одредени партии да заклучат дека годинава „некој очигледно им наредил на хулиганите да не се појавуваат на улиците, и дека треба да се искористи шансата да се открие кои се инспираторите и финансиерите на тие групи“.

Интересот на власта

„Впечатокот секако не може да биде лош, бидејќи сѐ мина без проблеми, но не можам да кажам дека сум потполно задоволен, бидејќи граѓаните не можеа да го следат Прајд, а тоа е целта на секоја Парада во светот“, вели за ДВ членот на организациониот одбор Горан Милетиќ. „Самиот факт што имаше 5-6 полицајци на секој учесник на Парадата не претставува причина за задоволство. Тоа е апсолутно некој вид гето и со тоа воопшто не можеме да бидеме задоволни. Имајќи го на ум примерот на Загреб, мислам дека ќе бидат потребни три до пет години за да спласне ова големо обезбедување“. На забелешката дека Прајдот бил организиран само за да се задоволи Брисел и европските интеграции, Милетиќ вели дека „властите во Србија во организацијата на Парадата и заштитата на учесниците препознале некој свој интерес. Препознаа дека државата може да има голема корист доколку Прајдот мине нормално. Секако дека тоа има некаква врска со ЕУ, но ние го имавме истото прашање на ЕУ и претходните години, но Прајдот беше забрануван“.

Serbien Anti Schwulen Graffiti 26.09.2014
Фотографија: picture alliance/AP Photo/Marko Drobnjakovic

Насилство годинава немаше, бидејќи пораката на државата беше јасна дека не сака насилство на улиците, смета Милан Антонијевиќ, директор на Комитетот на правници за човекови права. „Мислам дека на тоа во претходните месеци му претходеа и разговори со групите кои потенцијално би можеле да вршат насилство на улиците. Мислам дека пораката овојпат беше дека секој кој напаѓа на улиците нема да мине неказнето“, вели Антонијевиќ. „По ова, повеќе нема оправдување на оние кои сакаат да шетаат и да искажат некој став истото да им се забранува“.