Палестинците обвинуваат, Израел се брани
31 март 2018Најмалку 17 загинати Палестинци и повеќе од 1400 повредени - тоа според палестински наводи е билансот од протестите по повод „Денот на земјата“. Израелската армија, како што беше и најавено, против демонстрантите на граничната ограда кон Појасот Газа, кои протестираа за право на враќање, употреби сила и боева муниција. Палестинците бараат враќање во Израел поради тоа што морале да бегаат, а нивните семејства била протерани од тие територии во 1948 година, кога бил основан Израел. Израел стриктно одбива да одобри нивно враќање.
Истиот ден, на барање на Кувајт, во Њујорк итна седница одржа Советот за безбедност на Обединетите Нации. Дипломатите изразија загриженост поради можност од натамошно насилство. Сепак, заедничка изјава на најважното тело на ОН - нема.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш побара разјаснување колку луѓе точно се убиени за време на протестите на Палестинците, а колкумина се ранети.
Повеќе: На Блискиот Исток ништо ново
Освен тоа, Гутереш ги повика сите одговорни да се откажат од дејства кои би можеле да доведат до натамошни жртви. Според Гутереш, трагедијата од петокот покажува колку итно мора да заживее повторно мировниот процес на Блискиот Исток.
ОН стравуваат дека состојбата во Појасот Газа би можела да се влоши во текот на наредните денови. Според палестински наводи, повеќе од 20.000 луѓе вчера се одзваа на повикот за „Марш за враќање“. На протести повика радикално-исламистичкиот Хамас. Протестите би требало да траат до 15 мај, а повод е прославата на 70-годишнината од основањето на Израел. Палестинците го одбележуваат 15 мај како Ден на катастрофа, затоа што во првата Блискоисточна војна во 1948 година избегаа или беа протерани околу 700.000 Палестинци.