Охрид – магнет и крстосница за туристите од Балканот
25 април 2014Податоците од Државниот завод за статистика на Република Македонија за 2013. година велат дека најбројни туристи во Охрид се Турците. Околу 18 илјади посетители од Турција оствариле близу 33 илјади ноќевања. Најголем број ноќевања, 80 илјади, лани реализирале 13 илјади туристи од Холандија. Следуваат земјите од опкружувањето: Србија, Албанија, Бугарија, Грција, Словенија и Полска.
„Статистиката е доволен показател за да се фокусираме на директна соработка со туроператорите од соседството и регионот. Оценивме дека и саемите на кои учествувавме како општина и заеднички со Агенцијата за туризам на РМ носат резултати, но директниот пристап е од поголема корист“, смета Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид.
„Така се одлучивме да ја организираме Промотивната тура и мошне сме задоволни. Во директните контакти паднаа и првите закупи на хотелите. Охрид овој пат не го нудеше само синилото на езерото и песочните плажи, се насочивме кон алтернативниот и селскиот туризам“, вели Апостолов.
Охрид - рај за Турците, Холанѓаните и Полјаците
Ашкн Коч, сопственик на групацијата „Холидеј Медиа“ од Турција која поседува туристичка агенција, телевизија и магазин, не го криеше задоволството од убавините на природата и понудата „Во Охрид сме првпат и целта е да успееме да донесеме што поголем број турски туристи овде. По враќањето во Анталија ќе ги прикажеме убавините на Охрид на нашата телевизија и списание“, изјави Коч. Проценките се дека годинава во Охрид ќе одмораат околу 45 илјади туристи од Турција. Во Охрид успешно функционира турски почесен конзулат кој меѓу другото е врската и за туристичката понуда. Од скоро почесен конзулат во Охрид има и Полска. Наскоро се очекува да биде официјализиран и да е во функција на туризмот. Охрид стана привлечна дестинација за гостите од оваа земја. Лани Охрид го посетиле околу 8 илјади Полјаци, а годинава според резервациите во хотелите ќе ги има за четири илјади повеќе. Се’ поагресивно се пробива пазарот во Данска и Чешка.
„Црна Гора, Босна и Србија заедно мината година имаа помалку туристи од Холандија, отколку Македонија. Ние сме идеална дестинација за земја како Холандија. Овде ги влечат старите познанства и спојот на природата и културата. Можно да се надмине минатогодишната бројка. Според инфраструктурата и капацитетите на услужните дејности тоа би бил максимумот“, анализира Димитар Башоски, сопственик на туристичката агенција „Лале- турс “ од Охрид.
„Точно е дека во Охрид летува ниската – сиромашна категорија на холандски граѓани. Во нив околу 15 проценти се од повисоката или средна класа и во иднина бројот на посетители од таа класа ќе расте. Ако ја подобриме понудата и гостите бидат задоволни, пак ќе дојдат. Исчистетеја прво земјата, па почнете со работа. Мирисот на парите ќе го најде својот пат“, вели Димитар пренесувајќи ги реакциите на партнерите од Холандија.
Со субвенции за гостите од соседството до поголем девизен прилив од туризмот
Охрид е голем магнет и крстосница на Балканот. Во отсуство на домашните гости и драстично намалениот прилив од конгресниот туризам, хотелиерите се надеваат на гостите од соседството. Сметаат дека е неопходно да се зголемат субвенциите и за оваа категорија гости, бидејќи тоа е потенцијален и отворен пазар од 60 милиони жители. Садик Малај - претседателот на Унија на туроператори од Албанија открива дека во Македонија носат туристи од Европа и Азија. Преку промотивни тури од Охрид до Скопје само минатата сезона 3 илјади странски гости користеле комбиниран одмор во Албанија и Македонија. „Годинава ќе донесеме околу 8 илјади туристи. Субвенционирање во туризмот е можност албанските и странски туристи кои доаѓаат во Албанија да ги насочиме и кон Македонија. Да се добијат од 15 до 60 евра за еден турист, зависно од државата од која доаѓа, не е мала работа. Ќе нудиме подолги и побогати аранжмани“, појаснува Малај.
Оштината ги разбра пораките на туроператорите
„Објавен е повикот за субвенционирање на авио компаниите кои ќе летаат од и до Охрид. Така ќе одговориме на најчестото барање на странските туроператори, а тоа е директни авионски линии до Охрид. Во неколку наврати туроператори од Русија на пример беа расположени да носат голем број туристи, но услов им беше директна авионска линија ако не до Охрид, барем до Скопје. Се надеваме наскоро да бидат потпишани договори за чартер или директни летови, па Охрид да биде поблизок за светот,“ вели Ѓоко Апостолов, раководителот на ТЛЕР. Од овој сектор на Општина Охрид најавија сет мерки за раздвижување на локалниот бизнис во туризмот. Воведена е субвенционирана туристичката такса. На регистрираните станоиздавачи од она што ќе го платат во општинската каса половината од средствата ќе им се вратат. Тие признаваат дека Охрид нема своја стратегија за развој на туризмот, освен делот од ЛЕР област - туризам. Годинава со Факултетот за туризам и угостителство ќе работат на Анализа на капацитетот на издржливост. Како микро локација одбрано е Пештани каде се застапени сите елементи на туризмот. Анализата би требало да даде јасна слика во која насока да се развиваат градот и крајбрежието.