Мит од вчерашнината
1 април 2015На сите негови биографи им паѓа в очи неговата повеќеслојност. Сите го нагласуваат противречното, кое се провлекува низ карактерот, делата и текстовите на човекот кој како „железен канцелар“ уште за време на животот стана мит за Германците. Човек со (пре-)многу карактеристики, со претерана политичка енергија, кој уште за време на животот поларизираше како малкумина пред и по него.
Политичката цел, да ги обедини расцепканите германски територии под водство на династијата Хоенцолерн, тој вака ја опиша: „Да ја ставиме Германија во седло. Таа веќе ќе знае да јава“. Не знаеше. Рајхот, што тој го создаде, го надживеа него само за 20 години; се врати уште еднаш во искривоколчена фашистичка варијанта. Крајот на рајхот и на Прусија, на идеите за рајх и за авторитарна држава, беше во 1945.
Како споменик присутен до денес
Но, споменици и кули наречени според него, останаа до денес, илјадници улици, плоштади и алеи во Германија го носат и натаму неговото име. Култот, што започна за време на неговиот живот, избледе дури со поразот во Втората светска војна и не заживеа повторно ни со германското обединување. Веќе не се споменува 19. век, на чија втора половина тој и’ даде толку силен белег.
Германскиот рајх, основан од него во 1871 година, го сметал за економски обезбеден - и без прекуморски колонии. Деновиве германските социјалдемократи наново го открија - како одмерен политичар, кој во надворешната политика тежнее кон порамнување, како „чесен посредник“, кому односот спрема Русија секогаш му бил особено важен. Тоа не е без одредена иронија, оти токму тој беше неумолив противник на социјалистите и во секое работничко спортско друштво, секое католичко занаетчиско здружение гледаше претпоставени „непријатели на Рајхот“.
На католиците им префрлуваше за лојалност кон папата во Рим, а не кон германскиот кајзер, па поради тоа им наметна „војна на културите“. Неспорно е дека човекот, кој говорите во Рајхстагот ги држеше секогаш облечен во пруска генералска униформа, во германската внатрешна политика внесе линија на агресивен настап и неумоливост. Последиците на внатрешнополитичката логика „пријател-непријател“ беа тешки.
Мајстор на крилатици
Неговите зборови, кои честопати стануваа крилатици, беа впечатливи и понекогаш одбивни: „Германците страхуваат само од бога, инаку од ништо друго на светот“ - ова е една од неговите значајни реченици, за која на стари години се покаја, кога виде какво самостојно значење таа придоби за време на кајзерот Вилхелм Втори и неговата манична потреба да се докажува. Уште повеќе и затоа што во јавната употреба не се наметна вториот, побожен дел: „А богобојазливоста нас не‘ прави да го сакаме и негуваме мирот“.
Со законите од социјалната сфера тој бараше начин да ја направи излишна Социјалдемократската партија на Германија: воведе задолжително здравствено, пензиско, како и осигурување за случај на повреди. Тие во основа останаа непроменети до денес, иако настанаа како фронтовска позиција против политичкиот непријател од левицата, како и за да ги изигра неомилените либерали. Времето на исконскиот Прус и ултраконзервативец, беа „ѕвездени години“ на политичкиот конзервативизам во Германија.
Веќе не е пример за углед, туку само фолклор
На неговиот 200. роденден Германците живеат добро со- и во социјалната држава, која тој ја создаде од политичка нужда. Но, ниедна политичка партија во Сојузна Република Германија не го презема неговото политичко наследство, ниедно позначајно политичко струење или здружение не се повикува на него. Тој веќе не е подобен како пример за углед, оти е надминат неговиот идеал - класичната национална држава и држава на моќ. За Германците тој во најдобар случај е само уште дел од историскиот фолклор. Тие добро излегуваат на крај, иако - како во овој текст - неговото име воопшто и не го споменуваат.