1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Осуммина терористи паднаа во мрежа на полицијата

ДТЗ /ДВ
28 декември 2020

Групата комуницирала преку „Ватсап“ каде меѓу другото го договарале начинот на транспорт на оружје и начинот на изработка на самоубиствени појаси

https://p.dw.com/p/3nIa3
Syrien IS brennende Ölquelle
Фотографија: Getty Images/J. Moore

Осуммина терористи од Скопје и Куманово паднаа во мрежата на македонската полиција. Се претпоставува дека биле логистика и ја снабдувале терористичката група со оружје, воена опрема и финансии. Членовите на терористичката група за меѓусебна комуникација претежно ја користеле интернет платформата „Ватсап“ (WhatsApp) каде меѓу другото го договарале начинот на транспорт на оружје и начинот на изработка на самоубиствени појаси. Македонската полицијата ги поврзува со претходно откриената келија на ИСИС во Куманово, каде на местото познато како Менкова колиба на 27 август годинава беше откриено поголемо количество оружје и муниција и беа приведени три лица. 

-повеќе на темата: Виена- центар на џихадисти од Балканот?

Од полицијата велат дека безбедносните сили спречиле напад врз јавни објекти, кои оваа терористичка група ги планирала. Организатор на групата се смета дека е Бујар А. кој по апсењето во август заврши во притвор, со уште две лица. 

-повеќе на темата: Како терористот од Виена Кујтим Ф. стана радикален исламист

„Членовите на групата преземале повеќе подготвителни дејствија, обезбедувале финансиски средства и набавиле оружје, муниција, воена опрема, изработиле импровизирани експлозивни направи и потоа изведувале пробни испалувања и активирање на импровизираните експлозивни направи и оружјето коешто го набавиле“, велат од МВР. Извршени биле претреси на осум локации, од кои пет во Куманово и три во Скопје, при што се пронајдени и приведени членовите на терористичката група. Против нив е поднесена кривична пријава за кривично дело „терористичка организација" предвидено и казниво по член 394-а став 2 од Кривичниот законик. 

Планирале напади и предизвикување страв

Според полицијата, кумановецот Бујар А. ја создал терористичката организација во која членувале уште десетмина врз основи на идеолошката матрица на терористичката организација ИСИС за извршување на убиства и уништување на јавни објекти со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните. За остварување на таа намера членовите на групата преземале повеќе подготвителни дејствија, обезбедувале финансиски средства и набавиле оружје, муниција, воена опрема, како и изработиле импровизирани експлозивни направи. Едниот од групата, според полициски сознанија, учествувал и во паравоени формации надвор од територијата на Северна Македонија, како припадник на терористичка организација ИСИС во Сирија. 

- повеќе на темата: Патиштата до џихад - и назад

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во Утрински брифинг изјави дека позицијата на Северна Македонија е ризична, поради што се случуваат активности на терористички групи. „Свесноста на полицијата е секогаш на високо ниво, тоа е наша основна задача. Тие се 24 часа посветени на мирот и стабилноста, тоа е наша уставна обврска, секој службеник презел одговорност кога започнал со работа. Тероризмот не е нешто што ќе заврши денеска, тоа е глобална појава која не оптоварува сите. Нашата геостратешка позиција претставува и потенцијален ризик, но ги уверувам сите граѓани, институциите добро и посветено работат на спречување на каков било терористички акт“, порача Спасовски.