Оптимистичниот песимизам на реализмот
23 мај 2019Историскиот песимизам е инспириран од ретроспективни историски или предисториски идеали чии носталгии ги опседнуваат мислителите згадени од сегашноста. Така започнува есејот „Историскиот песимизам“ на францускиот мислител Жорж Палант (Georges Palante) напишан неколку недели пред почетокот на Првата светска војна (ах, иронија!). Додека денес и овде може да послужи како предупредувачка ориентирна дескрипција на подемот на песимизот во Европа и кај нас.
Во својот осврт, Палант дава опсежна илустрација за двата спротиставени концепта на историскиот песимизам преку споредбениот судир на два мислитела. Првиот концепт приврзан кон грофот Артур Де Гобино, основоположителот на легитимизирањето на рацизмот преку расистичката „научна“ теорија и „расна демографија”. Според Палант, „Де Гобино ја цени сегашната цивилизација во светло на етничката типографија која е далечна, речиси прехисторична и од Ариевски тип (од Персија)“. Неговиот извик на очаен гнев го дефинира историски песимизам за иднината: „Не знам кои се идните морали за да ги одобрам, идните костуми за да ги љубам, идните институции за да ги почитувам. Тоа што го ценам и љубам е занавек изгубено.” Неговиот одговор за спас од таквиот песимизам е носталгично митолошки надежен, колку што е и очаен повикот за „Стоицизам! Времињата како што се овие секогаш произведуваат сурови авторитети.”
Оптимизам, нихилизам, футуризам...
Вториот концепт е поврзан со нихилизмот на Фридрих Ниче. Според Палант, „кога Ниче оптимистички верува дека е Супермен, тој не е антисоцијален индивидуалист и го одбива индивидуализмот како манифестација на робовски револт и симптом на современата декадентност”. Но од друга страна, „кога тврди дека (античкото) грчко чудество е единствено и без шанси да се оживее повторно, тој се докажува себеси како бескомпромисен непријател на општеството и општествените спони.”
Има ли воопшто потреба за укажување на симптоматичните поклопувања помеѓу овие столетие-стари идејни матрици кои ја карактеризираа Европа на работ на големата војна со современите ривалства во приквечерието на европските избори? Без преголем напор, ставовите на Де Гобино ќе ги најдеме во понудата на екстремната десница (во старата и новата Европа) и нивните романтични „make Europe great again” носталгии. Кои со својот ретроносталгичен песимизам наликуваат на небаре препишани сцени од идиличните замисли за аристократските вили и плебовски хобити од „Господарот на прстените”. Иако нивните наративи за сегашницата се националистички конципирани согласно државните карактеристики, екстремната десница е сепак национал-сепаратно и континентално-унисионо заложник на индивидуалистичкиот песимизам на проектираниот стоицизам на сопствените лидери и нивните евентуални победи и порази. Пример за тоа е последната епизода со Ханс-Кристијан Штрахе и неговата екстремно десна партија во Австрија.
Понудата на екстремната десница е олицетворение на утилитарната експлоатација на песимистичката згаденост на масата од денешницата и визијата за иднината како магловита пропагандна компилација на социјалниот аденауерски конзервативизам од 1950-те и религиозната пред-протестантска симплифицираност на духовноста. Дури и најблескавиот изблик на нивната оптимистичка визија за Европа е едвај прикриена манифестација на песимистичкиот изолационистички восклик „оставете нѐ намира, заминете, запрете”, несвесно откривајќи ја скриената скепса за сопствените капацитети да бидат прифатени и признати како активни ривали на светската сцена.
Нивните соперници од т.н. умерено крило на европската политичка сцена не се стеснуваат да ги користат искуствата од минатото како бабарога на застрашување според познатиот рефрен „само да рата не буде”. И тоа би било сосема во ред, доколку во нивниот речиси патолошки футуризам како бегство од крвавиот 20 век не го препознаваме ничеовскиот оптимизам од нужда и без јасно дефинирана, убедливо прифатена идеја и визија за иднината. Иднина, во која денешната реалност создадена под влијание на новопримените источни членки и нивното различно толкување на унијата и демократијата ја разоткрива нео-ничеанската неверица во можноста за ревитализација на славата на „античката” ЕУ, ексклузивно скроена според визурите на западноевропските големи сили.
Видови на песимизам
Диференцијацијата од САД, дистанцирањето од Русија и дистанцата од Кина и/или арапскиот свет, ја потврдува желбата на Европа да биде самостоен тешкаш на светската сцена. Но поларизираноста помеѓу изолационистичката ароганција на екстремната десница и утилитарниот оптимизам на естаблишментот не делува како сериозен мотив наведените да искажат искрена и убедлива доверба дека џинот на стаклени нозе ќе успее наскоро да ги надмине интерните поделби. Неспремноста на ЕУ за заокружување на сопствениот континент во една полит-економска целина преку вклучување на Балканот е јасна порака до светот дека процесот на раслојување ќе биде подолг од очекуваното. Впрочем, стравот од започнување (децениски долги преговори!) со мали земји како Македонија и Албанија е потврда дека дури и сегашниот умерен естаблишмент не е сосема сигурен колку долго ќе може да ја одржи сопствената умереност пред да преземе уште една страница од прирачникот на екстремно десниот популизам.
Други колумни од авторот:
Палант идентификува неколку вида на песимизам: романтичен анти-социјален индивидуалистички песимизам; историски песимизам како нус-продукт на згаденоста кон сегашноста; мизантропски или реалистичен песимизам создаден од цинизмот на осознавање на човечкото измамништво; ирационален дилетантски песимизам; научен песимизам како резултат на неизбежната лимитираност на научната процедура; теолошки песимизам како производ на човечката контраријарност. Самото набројување дава причина за компаративно интерпретација на мотивите за сличните подеми на песимизмот како двигател на општествените струење на почетокот на дваесеттиот век и денес. Антисоцијалниот индивидуализам како резултат на либерализацијата на образованието од религиските стеги на премрежието на деветнаесеттиот и дваесеттиот век е современо компаративно со либерализацијата на знаењето и информацијата во денешната информатичка револуција. Историскиот песимизам создаден врз бранот на анти-аристократската хередитарна доминација денес наоѓа одек во подемот на анимозитет кон политичкиот етсаблишмент и изгубената мистика на изборната демократија. Теолошкиот песимизам, првично манифестиран во светло на манифестација на хуманизмот, денес наоѓа рефлексија во манипулативниот подем на религијата како масовна алатка на сметка на интимната индивидуална потреба за наоѓање утеха во верата. Научниот песимизам, првично креиран како резултат на материјалната лимитираност во развојот на научната вистина, денес е реплициран во песимизам базиран врз лимитираноста на влијанието на науката во запирање на самодеструктивноста. Интересно, единствените непроменливи константи на песимизмот се романтичниот, ирационалниот и мизантропскиот песимизам - сите поединечно детерминирани од непроменливоста на човечката природа независно од екстерните промени кои се одвиваат околу него.
Очила на реализам
За разлика од софистицираните и перфидни ривалски манифестации на песимистичкиот оптимизам и оптимистичкиот песимизам во Европа, домашните ни верзии на оптимизмот и песимизмот се соодветни на нашата рудиментарна политичка природа и егзистенција на работ на „все и всја“. Според одомаќениот симплицистички вокабулар и кастинг, нашите политички елити сѐ уште чмаат удобно во пред-Ајнштајновото доба, во кое теоријата на релативитетот трпеливо чека допрва да биде откриена. А дотогаш важи правилото – оптимизам е кога си на власт, песимизам е кога си во опозиција, а сѐ што е помеѓу се клети, проклети, глупи, чорапосмрадни релативизатори мрсни! Битисувањето меѓу таквото „суперишка” и „мрак ме обвива” толкување на современоста таква како што е, ја прави реалноста да се доживува како танталова мака на жед при вода и гладен под крушка. Сѐ што е сместено помеѓу таквата остра поделба е однапред класифицирано како опортунизам на индивидуалниот песимизам базиран на наводни ниски побуди на завист кон „крадливите, но искрени фактори.” Или накратко – завидлизам.
Дефицитот на аргументи во прилог на оптимизмот не е ниту приближно причина за вадење заклучок дека за песимизмот нема лек, ниту дека тој ја отсликува денешницата таква како што е. Светот, а со него и ние, поминува низ еден од редовните циклуси на премрежија и тоа подразбира на него да се гледа низ, за премрежијата соодветни, очила на - реализмот. Оптимистите и песимистите дури би можеле – во зависност од сопствените тесногради мотиви – да се согласат во формулата „да бидеме реални, бараме невозможно”. Но прелесното предавање кон таквото утилитарно читање на црн песимизам или розев оптимизам на крај (и по кој знае кој пат) секако ќе води кон пост-фестум заклучокот: „Да бидеме реални, добивме што заслуживме”.