Опозициската блокада на парламентот е опасна за економијата
5 декември 2020Наместо конструктивност, блокада. Во законодавниот дом се случува политички циркус среде пандемија која ја клекна економијата на колена и го стави здравството пред работ на издржливост. Илјадници амандмани поднесени од опозицијата блокираат еден куп закони, а го ставаат во „цајтнот" и носењето на буџетот за наредната година.
Стратегијата по секоја цена да се стопира планот на власта за онлајн седници поради пандемијата ја втурнува државата во политичка, но уште полошо и во економска криза. Бизнисмените се загрижени но и револтирани што среде сериозна криза, политиката ја турка државата кон економска бездна:
„Ова не е прв пат нашите парламентарци да не покажуваат никаква одговорност кон граѓаните и стопанството. Секогаш поаѓаат од своите лични и партиски интереси што е катастрофа за државава. Ние знаеме дека тие досега не покажале чувство за заедничко градење компромиси, црвени линии, но барем нека покажат култура кон сопствениот народ. Но во вакви тешки моменти на пандемија, проблеми со Бугарија, економска и здравствена тие да си тераат нивни партиски агенди е несфатлива и срамна работа. Не можам да сфатам дека не гледаат подалеку, дека многу лесно може да се случи да не може да се исплаќаат пензии, плати. Никој не мисли на интересот на државата, туку само партиските интереси, ова е катастрофа“, реагира Ангел Димитров, претседател на организацијата на работодавачи.
Политиката да покаже одговорност
Блокадата во парламентот кочи повеќе закони. Меѓу нив е и оној што треба итно да се донесе, а кој е неопходен за да го отвори патот да им се помогне на илјадници граѓани кои среде криза, чекаат на еднократна финансиска помош од државата. Синдикалците предупредуваат дека е недозволиво интересите на политиката да се кршат на грбот на граѓаните:
„Опозицијата си делува како опозиција и си гледа да собере поени, власта очигледно не може зацртаното да го спроведе а најмногу од ова трпат граѓаните. Ова не е добра ситуација, меѓутоа според мене би требало партиите да соберат сили и да седнат и да се договорат како државата ќе оди напред. Оти вака само ќе трпат граѓаните, ќе нема пари за плати, пензии, социјална помош“, реагира Марјан Ристевски, претседател на Конфедерацијата а Синдикални Организации.
Повеќе:
-За опозициските работи: Не правам ништо, критикувам сѐ
-Собраниски игри без граници - нова блокада со 500 амандмани
-Опозицијата со 3.000 амандмани го блокираше предлогот за онлајн Собрание
Синдикалците се загрижени и бараат политиката да покаже одговорност за да се спречи катастрофа. Веднаш и ургентно:
„Очигледно ова што го прави опозицијата делува, факт е дека не може мнозинството да се собере и во едни такви околности би требало да се реагира, дали претседателот на државата како неутрална институција да свика лидерска средба или нешто друго. Нека седнат и нека се договорат за ние како граѓани да знаеме да цениме дали некој ова го прави намерно, со добра или со поинаква намера. Дали опозицијата намрно опструира или владата има навистина скриени намери. Ова се е удар врз грбот на граѓаните, но мора да се излезе од ова, мора некој чекор, ние како синдикат среде корона не можеме да протестираме, а и веднаш ќе не обвинат дека заземаме страна“, предупредува Ристески.
Партиски послушници, наместо народни пратеници
Форсирањето политичка агенда среде кризни моменти во парламентот по којзнае кој пат за упатените е сигнал дека нешто конечно мора да се менува. Според Димитров, првиот чекор е промена на изборниот модел кој би отворил пат за поголема независност на пратениците во парламентот:
„Додека изборниот систем не претрпи промени од типот на една изборна единица на цела држава и да се вратиме барем 50% од пратениците директно да бидат избрани од граѓаните, а не да бидат претставници на политичка партија, до тогаш големите партии ќе бидат како монструми и ќе ни уништуваат голем дел од нашата иднина“, предупредува Димитров.
Повеќе:
-Поважно е здравјето на граѓаните или економијата?!
-Антикризната помош е навремена, но колку и доволна?
-Пандемијата ја урна економијата - Македонија должи над 6,5 милијарди евра
Во спротивно според него, нема каква било смисла да се трошат милиони народни пари за партиски послушници:
„Ние како граѓани треба заеднички да застанеме и да кажеме дека вака веќе не може. Вие не заслужувате ваков демократски парламентарен систем, мора да се ограничи моќта на партиите и да се даде шанса граѓаните да бираат личности а не партиски послушници. Ова е само знак дека во партиите нема никаква демократија, дека ако лидерот каже вака ќе правиме, сите пратеници како послушни зајачиња го спроведуваат тоа. Ако продолжи вака тогаш што ќе ни се 120 пратеници кои ќе земаат плата, дневници, патни трошоци. Тогаш да избереме по еден пратеник од секоја партија па нека има гласови врз основа на освоениот изборен резултат", укажува Димитров.
300 илјади граѓани во неизвесност
Додека политиката се препукува, а граѓаните и фирмите мака мачат како да преживеат, собраниската агенда е речиси празна. Првата наредна пленарна седница е закажана за 16 декември, кога според распоредот е планирано годишното обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски.
Дотогаш треба да заврши и комисиската расправа за Буџетот за 2021 година кој ќе треба да се гласа од пратениците. Дали, како и кога со оглед на она што се случува е неизвесно.
Во неизвесност се и 300 илјади граѓани кои бројат денови кога ќе помине и Законот за платежни картички за колку толку да можат да ги покријат дупките со паричната помош во вид на ваучери со вредност од 6000 денари. Во целиот хаос со стотици амандмани блокирана е и постапката за носење на Законот за здравствена заштита.