Одат ли македонските писател(к)и често во училиштата?
16 мај 2022Уште паметам со каков восхит во едно пролетно пладне, на патот од училиштето до дома, десетина минути чекорев полека зад писателот Славко Јаневски. Знаев дека неговата сестра живееше во барака во скопската населба која денес се вика Ченто, а тогаш, по земјотресот, Синѓелиќ. Одеднаш се појави пред мене од малечката споредна уличка на онаа главната, која водеше кон моето тогашно основно училиште. Познатиот македонски писател, чии книги ги читав не само како школска лектира, продолжи да оди полека пред мене, а јас си замислував што би го прашала, доколку се завртеше кон мене и ми проговореше. Меѓутоа, тој не се сврте, туку само скршна в лево, кон автобуската станица. Под мишка носеше весник, а в рака темносин мантил „шушкавец“, кој беше во мода во средината на шеесеттите. Ми се чинеше дека не чека автобус за да се врати дома, во центарот на Скопје, туку за да се врати во книгата, од која беше се појавил ненадејно пред мене. И само за мене! Тој, впрочем, за мене живееше во книгите, во тој магичен свет, во кој, читајќи, го заборавав реалниот свет. Дали некое дете, како тогаш јас, со сета душа ќе посака еден ден да стане писател или писателка, често има врска и со доживувањето на писател(к)и во своето секојдневие, особено во детството. Како и да е, подоцна често ни се вкрстуваше патот со познатиот писател, а возбудата никогаш не се намали.
Неодамна внука ми раскажуваше речиси исто толку возбудена како јас тогаш, дека нејзиното одделение, заедно со децата од двете други третоодделенски паралелки, отишле со трамвај во центарот на Келн. На литературно читање! Таму за нив од својата најнова книга читала една млада авторка. Со многу сериозен израз на лицето, ми раскажуваше дека не било лесно да се биде авторка. Тоа им го открила младата писателка. Патем, таквите средби со учениците, кои често ги организираат големите книжарници или библиотеки, се можност за реклама за младите автор(к)и, а посебно за тие чии книги се објавени во малечки издавачки куќи. Се сетив дека и кога јас бев во основното училиште во социјалистичка Југославија, се случуваше да дојде во посета на училиштето познат поет или поетеса, особено кога се славеше патронен празник.
Поттикнување на читањето
Пред неколку месеци, трагајќи по информации за творештвото на Оливера Николова, наидов на една емисија на некогашната редакција за деца и младинци на МТВ од седумдесеттите, во која едно одделение имаше средба со познатата писателка за деца. Разговорот на Оливера Николова со учениците од едно скопско основно училиште не се разликуваше, барем по содржината, од оној на сооучениците на внука ми со младата германска авторка. Се прашав уште тогаш, гледајќи ја репортажата за средбата на Оливера Николова со македонските ученици, дали денес некоја македонска телевизија има редакција за детска литература? Исто така, дали некое основно училиште секоја година има во програмата посета на литературни читања? И, воопшто, дали македонските издавачи подаруваат од своите најнови изданија детска литература на школските библиотеки? Таквите навики би требало да ги поттикнува и здружението на македонските издавачи. Впрочем, објавувањето на литературни дела за деца и возрасни е финансиски поддржано од македонската држава. Затоа сакам да верувам дека македонските издавачи им подаруваат од новообјавените книги и на училишните библиотеки. Тие, имено, постојано се жалат дека македонската читачка публика била малубројна. Ако тоа навистина е така, тогаш и тие треба да се запрашаат што тие самите чинат за да се поттикне читањето уште во раната детска возраст.
Во моментите кога речиси полуписмените корисници на Фејсбук се најгласните бранители на македонскиот јазик од нападите на една соседна држава, човек не треба да биде писател или писателка за да праша зошто нема долгорочна програма за поголема застапеност на писател(к)ите во македонското училишно секојдневие. Затоа што тие што ги пишуваат, односно ги печатат книгите, знаат од сопственото искуство дека читачките навики и интересот за литературата треба да почне да се негува уште на детска возраст. Македонија е навистина мала земја, но има многу писател(к)и, поети и поетеси, за што сведочи долгата традиција на СВП. Има ли во програмата на тој најстар македонски поетски фестивал поетски читања или барем само средби со најмладите читатели? На таквите средби поетите и поетесите, на пример, би можеле на децата да им го опишат процесот на создавањето на една песна. Писател(к)ите, впрочем, знаат од своето секојдневие колку мудри, луцидни прашања им упатуваат децата, кога тие ќе им ја откријат својата професија.
Ниту библиотека ниту книжарница...
Кога јас бев ученичка во Скопје, нашите учител(к)и зборуваа за писател(к)ите со голем восхит. Секако, нивниот восхит не оставаше длабок впечаток кај секое дете во одделението. Сепак, секогаш имаше неколку деца во одделението кои читаа повеќе од другите. Паметам, мојот гимназиски наставник по руски, Блаже Росоклија, често ќе ме прашаше што читам во моментот и ќе ми препорачаше автор што мора да го прочитам. Верувам дека тој така ги советуваше и неколку други ученици во одделението. Подоцна, кога почнав да студирам, го посетував со неколку други соученици и во неговиот дом. Така дознав дека веќе подолго време пишуваше на ракописи за романи. Има многу инстанци во развитокот на децата кои можат да придонесат кај нив да се негува уште рано читачката страст. Секако, најважни се родители, но и бабите и дедовците. Многу често се изненадувам при моите посети на Македонија што во македонските домови сѐ поретко се среќаваат богати библиотеки. Одговорот најчесто е „книгите се многу скапи“. Да, книгите се секаде скапи, но затоа се многу драгоцени, особено добрите, квалитетните, инспиративните книги за деца.
- повеќе од авторката: За лечебната моќ на литературата и на читањето
Ќерка ми долго ја паметеше средбата со германската поетеса со еврејско потекло, Хилде Домин, а и онаа со популарниот писател за деца, Петар Хертлинг. Тој на литературното читање во училиштето ги потпиша книгите кои родителите ги купија за своите деца. Тие вообичаени ритуали на средбите со писател(к)ите, кои за возрасните се рутински, за децата имаат големо значење. Таквите средби за нив стануваат незаборавни, зашто им овозможуваат книгите да ги поврзат со пријатни спомени. Таквите средби се особено значајни за учениците во училиштата во внатрешноста на земјата, во градовите и селата во Македонија во кои денес нема ниту библиотека ниту книжарница, што само по себе е тажен податок.
- повеќе од авторката:Кога се распаѓаат библиотеките во Македонија
Во книгите се кријат илјадници светови. Среќни се луѓето на кои некој близок уште во детството им ја отворил вратата кон тој магичен свет на книгите, на приказните и на поезијата, на литературата воопшто. Писател(к)ите најдобро би можеле да им го опишат чувството што го има секој голем читач кога ќе купи или ќе добие на подарок нова книга. За таа фасцинација од пишаниот збор, од „ткаењето“ на приказната, од раскажувањето, од авантурата на читањето би требало на македонските ученици често да им раскажуваат и македонските писател(к)и и издавачите.