1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинувања за сексуално вознемирување против судијата Кавано

ЕМФ / дв
17 септември 2018

На неколку дена пред гласањето во американскиот Сенат околу номинацијата на Брет Кавано за Врховниот суд, судијата е соочен со тешки обвинувања за сексуално вознемирување. Демократите бараат одлагање на гласањето.

https://p.dw.com/p/34yem
USA Brett Kavanaugh in Washington
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Balce Ceneta

Брет Кавано мора да се брани од #MeToo-обвинувања пред конечната одлука за тоа дали тој ќе биде нов судија во Врховниот суд во САД. „Њујоркер“ во петокот објави анонимна приказна на една жена, која сега го откри својот идентитет во „Вашингтон пост“.

Кристин Блеси Форд, 51-годишна професорка по психологија на еден универзитет во Калифорнија, за весникот раскажува за забавата во близина на Вашингтон во раните 1980-ти, на која присуствувала како средношколка. Била „мртва пијана“ во моментите кога Кавано ја притиснал на креветот и ја допирал. Се обидел да ја соблече и во моментот кога се обидела да вреска, ѝ ја држел устата затворена. „Мислев дека несакајќи ќе ме убие“, вели Форд за весникот и додава: „Тој се обиде да ме нападне“.

За весникот „Њујоркер“ жената анонимно раскажа дека Кавано се обидел да ги прикрие нејзините обиди за ослободување пуштајќи ја музиката погласно. Форд тврди дека некако ѝ успеало да се ослбоди и дека за инцидентот не зборувала со никого, сѐ додека во 2012 година тоа не го раскажала на психотерапевт за време на брачна терапија со нејзиниот сопруг.

Форд инцидентот веќе го опишала и во доверливо писмо испратено до сенаторката од Калифорнија, Дајен Фајнстин. Фајнстин, откако обвинувањата станаа јавни, побара ФБИ да покрене истрага пред Сенатот да донесе одлука за номинацијата на Кавано. Сенаторот од Њујорк, Чак Шумер, кој ја води пратеничката група на демократите, веќе побара одлагање на гласањето во Сенатот за да може темелно да се истражат „сериозните и веродостојни обвинувања“. Портпарол на републиканскиот сенатор Шак Гресли, кој раководи со Комисијата за правосудство, изјави дека сенаторката Фајнстин требало порано да ја отвори темата. „Тоа отвора прашања за тактиките и мотивите на демократите“, изјави портпаролот.

USA Washington Proteste gegen Nominierung von Brett Kavanaugh
Протести против номинацијата на Брет Кавано за судија во Врховниот суд (Вашингтон, 1.08.2018)Фотографија: picture-alliance/Pacific Press/M. Nigro

Брет Кавано го отфрла обвинувањата „категорично и недвосмислено“. Тој е кандидат на претседателот Доналд Трамп за наследник на судијата Ентони Кенеди. Со оглед на тоа што судиите во Врховниот суд се избираат доживотно, Трамп со изборот на конзервативнуиот судија би можел со децении да ѝ дава белег на работата на Судот. Судијата Кавано е католик кој се ангажирал за различни црковни заедници. Неговите ставови против абортусот предизвикуваа жестоки реакции во јавноста во минатото.